Проблемот со фалсификуваната стока заслужува повеќе од празен текст без извори

Фалсификуваната стока во Македонија е тема што навистина заслужува длабоко и сеопфатно истражување од кое може да произлезат многу релевантни податоци како за информирање на граѓаните, така и за притисок врз институциите за подобро да си ја вршат работата.

Но текстот е нецелосен од многу аспекти, пред сѐ, од аспект на извори. Има неколку изнесени тврдења, а нема ниту еден наведен извор. Напишаното можеби е и вистина, а можеби и не е, што е најлошо за читателот.


Линк до оригиналниот напис: Цена како оригинал – во Македонија има еден куп фалсификувана гардероба

Датум и време на објавување: 22.5.2019

Датум на рецензија: 25.5.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Авторот на текстот наместо анализа, напишал нешто што повеќе може да се категоризира како коментар. Тврди дека во Македонија постои фалсификувана стока, тврди и од кои земји доаѓа и како може да се препознае, но нема ниту еден релевантен извор кој може да ги потврди изнесените информации, па така целиот напис може да се оцени како неверодостоен.

Најпрво пишува дека според „количината на застапеност на фалсификатите Македонија не заостанува во однос на другите земји во регионот“. За ова тврдење да биде релевантно потребни се податоци односно докази. Но, во текстот не може да се најде податок колкава е количината на фалсификуваната гардероба или обувки, ниту во Македонја ниту во  која билоземја во регионот за да може да се направи споредба и да се види каде на листата се наоѓа Македонија во споредба со регионот.

Иако е опишано што е разликата помеѓу оригиналните и фалсификуваните производи, нема доказ дека е тоа така. Недостасуваат примери, односно барем визуелни докази со кои читателите навистина ќе се уверат дека постојат отстапки во изгледот кај производите и кои се тие. Фотографии од оригинално парче облека и истото парче фалсификувано е нешто што мора да биде дел од вистинско новинарско истражување на оваа тема за приказната да добие тежина.

Исто така недостасува став од релевантни институции. Во Македонија секако дека има фалсификувана стока и тоа може да го забележи секој граѓанин ако купува гардероба или обувки на зелените пазари. Но, колку и што најмногу, тој податок треба, пред сѐ, да се бара од Царинската управа. Колку производи или друга стока запленуваат, дали количината на запленета стока варира по години, каква стока најчесто се фалсификува…, се само дел од прашањата што ја интересираат јавноста, а Царинска управа може да ги одговори, но во текстот нема ни трага ни глас од нив.

Една од надлежните институции за овој проблем е и Државниот пазарен инспекторат. Оваа инспекција за која е надлежно Министерството за економија треба да прави контроли и да ги открив продавачите на фалсификувана стока. Од таму може да се добијат податоци каде се вршеле контроли, што покажале контролите, против колку лица се поднесени прекршоци, пријави, дали низ годините се намалува или зголемува бројот на лицата што се занимаваат со трговија со фалсификувани производи и што значи тоа. Но во текстот нема ништо од податоците за работата на оваа институција, ниту за МВР, доколку станува збор за организиран криминал во ланецот на увоз, извоз и трговија на стока што е фалсификувана, односно лажно брендирана.

Важна информација, која исто така недостасува во текстот, е за местатата за продажба на фалсификат стоката. Дали на улица, на пазар, во маалски продавници или можеби таква стока им се нуди на купувачите како оригинал и во луксузните продавници на познатите брендови.

Во насловот се тврди дека цената на фалсификуваните производи е иста како на оригиналните. Но и ова тврдење со ништо не е поткрепено. Нема пример, кој секако треба да се добие при темелно истражување на проблемот, кое ќе покаже која е цената на оригинален производ и за која цена се продава неговиот фалсификат.

Покрај наведените информации што изостануваат, јасно е дека во текстот недостасува и „живата приказна“. Нема сведоштво, човек, кој имал искуство со фалсификувана стока, кој купил такво парче, мислејќи дека е оригинал. Некој што го искусил овој проблем на себе дали свесно или станал жртва на целата приказна. Човечката димензија на секој општествен проблем е нешто што им дава живост на новинарските приказни, кои често знаат да бидат составени само од сувопарно пренесни податоци.

Преку тоа може да се откријат и причините зошто фалсификуваната стока ја има многу или малку во земјата. Ако се наведат цените на некои производи во оригинал и цените на фалсификатите, со споредба на квалитетот и сето тоа се вкрсти со просечната плата во земјата и куповната моќ на просечно семејство, може да се добијат многу важни показатели, односно причините за егзистирање на оваа трговија и начините како да се стави што поголем ред.

Со други зборови, од сериозна тема, која може да биде расадник на многу податоци и анализи, направен е нецелосен, површен и празен текст, кој повеќе може да ја збуни, отколку информира јавноста.