Со ширење лажни вести и паника меѓу граѓаните на Северна Македонија за еден многу важен процес што започна во земјата, а тоа е пописот, авторот на „веста“ што ја рецензираме се обидел да го намали кредибилитетот на пописот на населението во РСМ. Во овој напис, авторот клевети користејќи го класичниот метод на манипулација, односно методот на „анонимни извори“, повикување на авторитет, повикување на традиција и класична клевета за непознати цели.
Линк до оригиналниот напис: Пописот нема да успее: Заев и Али Ахмети се договорија да го откажат пописот – поради зголемениот број на Албанци
Датум на објавување: 14.3.2021
Датум на рецензија: 16.3.2021
Рецензент: Ардит Рамадани
„Пописот нема да успее: Заев и Али Ахмети се договорија да го откажат пописот – поради зголемениот број на Албанци“, е насловот на написот што го рецензираме.
Прво, новинарот не е некој што има компетенции да заклучи дали ваков важен политички процес за една држава ќе пропадне или не, ако за тоа нема веродостојни информации од официјални извори.
Во овој случај се работи за еден од најважните процеси во последните години во Северна Македонија, а тоа е пописот на населението. Затоа, како поддржувачи во воспоставувањето демократски институции во земјата, новинарите во ваквите процеси треба да придонесат за нивно успешно завршување и да не фрлаат кал со злa намера.
Овој феномен е објаснет и во Етичкиот кодекс на новинаритe, каде уште во Преамбулата е нагласено дека основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината. Притоа се напоменува дека согласно етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни. Новинарскиот кодекс е дециден дека должност на новинарите е да спречат искривување на вестите.
„Неофицијални информации“ или непостојни информации?
Авторот уште во првиот ред на „веста“ почнал со клевети и тврди дека пописот во дијаспората се одвива со сериозни проблеми и непрофесионално, што не е точно.
Во меѓувреме, вистината е дека иако поминаа 16 дена, досега се попишале 68.688 граѓани од дијаспората и процесот се одвива добро.
Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи, СЕ ВЕЛИ ВО ТОЧКАТА 1 ОД ЕТИЧКИОТ КОДЕКС НА НОВИНАРИТЕ.
Во меѓувреме, за да ги прикријат лагите или неточните информации, непрофесионалните новинари честопати се кријат зад „неофицијални извори“ или „анонимни извори“. Во овој случај, новинарот ја продава својата лична претпоставка како „информација“ што ја добил преку внатрешни партиски извори.
Додека истата постапка се очекува да започне и во земјата, неофицијалните информации во рамките на владејачките партии СДСМ-ДУИ велат дека се очекува пописот да биде откажан и со тоа да пропадне, СЕ ВЕЛИ ВО ТЕКСТОТ ШТО ГО РЕЦЕНЗИРАМЕ.
Во Етичкиот кодекс на новинарите е објаснето во неколку членови како и кога треба да се користат „анонимни извори“.
Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити, ПИШУВА ВО ЕТИЧКИОТ КОДЕКС НА НОВИНАРИТЕ.
Што значи дека не се забранети анонимните извори, но во овој случај станува збор за претпоставка на самиот автор, бидејќи е невозможно некој да биде информиран, па и да е и претседател на владејачка партија, за неуспехот на еден процес кој сè уште не е почнат.
Новинарот двапати се обидел да манипулира повикувајќи се на авторитет и двапати не успеал
За да го направи поверодостоен написот којшто не е точен – од насловот, па до последната буква, авторот неуспешно го искористил методот на манипулација „Повикување на авторитет“, и тоа дури двапати.
Првиот пат, „новинарот“ го става товарот на информациите на рамениците на аналитичарите, но, сепак, не посочува кои аналитичари (име, презиме) и кога изјавиле такво нешто, што сугерира дека „аналитичарите“ на кои се повикува, всушност, не постојат.
Политичките аналитичари велат дека ако пропадне целиот овој процес, ова, според нив, би можело да биде тајниот договор меѓу Заев и Ахмети, со единствена цел Албанците да не испаднат во голем број на пописот. пишува во веста што ја рецензираме.
Вториот авторитет, којшто е „жртва“ на авторот на овој напис, повторно нема ниту име ниту презиме. Овој пат зборува за „релевантни институции“ во земјата, но не ги споменува нивните имиња за да можат и читателите да видат колку (не)релевантни се тие институции.