Во објава што се споделува на социјалните мрежи неточно се тврди дека конвулзиите од кои страда дете се од вакцината против ковид-19. Во моментот на објавувањето на ова видео на 11.5.2021 г. сè уште не била одобрена нивната употреба за возрасната група од 12 до 15 години
Рецензираме пост на „Фејсбук“, којшто е придружен со видеоматеријал на којшто, пак, се гледа дека дете има конвулзии и се тресе. Во описот на видеото се тврди:
После ковид 19 вакцина. Гледајте го детето. Ковид е измама.
Меѓутоа, не е вистина дека причинителот на овие конвулзии е вакцината против ковид-19. Зошто? Затоа што вакцини против ковид-19 сè уште не се администрираат на деца!
Во САД децата на возраст од 12 до 15 години наскоро ќе може да добијат вакцина од „Фајзер“, откако ФДА ја одобри нивната употреба на 10 мај 2021 година. Резултатите од третата фаза на клиничкото тестирање покажале дека вакцините против ковид-19 во оваа возрасна група се високо ефективни и штитат од болеста.
Постот што го рецензираме е објавен на 11 мај 2021 година. Еден ден подоцна, значи на 12 мај 2021 година, се состана советодавниот комитет на Центарот за контрола и превенција на болести – ЦДЦ (CDC). На овој состанок е изгласано да се препорача употреба на вакцината против ковид-19 за деца од 12 до 15 години. Значи, ниту теоретски ниту практично не е можно да била аплицирана вакцина на дете еден ден пред нејзиното одобрение, дури и ако видеото кое е постирано е „свежо“ – најново, од истиот ден.
Како што објавува „Њујорк тајмс“, на 12 мај 2021 година, во средата вечерта, комитетот формално ја усвоил препораката. Доктор Ивон Малдонадо, претставник во комитетот, инаку дел од Американската академија на педијатри, за „Њујорк тајмс“ изјави:
Одобрувањето на вакцината против ковид-19 за деца од 12 до 15 години е важен чекор за да се отстранат бариерите за вакцинација на деца од сите возрасти.
Освен тоа, детето кое се гледа на видеото не изгледа како да е повозрасно од 12 години, а за помладите од 12 години вакцина ќе биде на повидок дури по неколку месеци со оглед на тоа што уште се одвиваат клинички студии за оваа група. „Фајзер,“ кој ја тестира вакцината на помлади од 12 години, објави дека резултатите ги очекува во септември.
Откако почна пандемијата со ковид-19, а особено откако почна имунизацијата, разни несакани ефекти од претходни имунизации кои не се поврзани со оваа конкретна вакцина, се појавија на социјалните мрежи со цел да фрлат сомнеж и црна дамка на вакциналниот процес, односно да ги поколебаат граѓаните да не се вакцинираат. Веќе претходно пишувавме за такви случаи како, на пример, оној кога видеоматеријал за конвулзии и фебрилни напади, кои се случиле уште пред пандемијата, наведуваа на погрешен впечаток дека се поврзани со вакцината против ковид-19.
Следствено, оценуваме дека во постот, во којшто се тврди дека конвулзиите од кои страда ова дете се од вакцина против ковид-19, е изнесена невистина, со оглед на тоа што во моментот на објавувањето на ова видео уште не била одобрена нивната употреба за возрасната група од 12 до 15 години.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.