[Рецензија: ПАК МУ СЛУГУВААТ НА ЗАЕВ: Зависните пратеници со поддршка за планот на СДСМ]
Насловот нa написот што е предмет на оваа рецензија не соодветствува со содржината на самиот напис. Тој е манипулативен и има за цел да ги дискредитира пратениците од независната парламентрана група на ВМРО-ДПМНЕ.
Линк до оригиналниот напис: ПАК МУ СЛУГУВААТ НА ЗАЕВ: Зависните пратеници со поддршка за планот на СДСМ
Датум и време на објавување: 22.04.2020
Датум на рецензирање: 27.04.2020
Рецензент: Дрилон Салиу
Содржинскиот дел на овој напис е коректен, станува збор за преземен текст од друг медиум. Во текстот се пренесува реакција на пратеничката од независната група на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Нора Исмајловска-Старова, на изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
И овој дел од написот е во ред, но потоа тој е упропастен со тенденциозен наслов. Имено, изјавата во која споменатата пратеничка образложува дека поддршката на иницијативата на СДСМ за свикување на Собранието е поради вонредната ситуација во државата и сосотојбите со епидемијата од Ковид 19, намерно е врамена со манипулативна насловна конструкција: „ПАК МУ СЛУГУВААТ НА ЗАЕВ: Зависните пратеници со поддршка за планот на СДСМ“
Неспорно, е дека овие пратенци дадоа поддршка за иницијативата на СДСМ, ама насловот е исфорсиран и има за цел да ги дискредитира споменатите пратеници и токму затоа корист термини како „слугуваат” и „зависни”.
Доколку се имало професионален пристап сигурно дека можело да се најде информативен наслов, а најдобар доказ за тоа е изворот од каде што е преземена информацијата, каде насловот произлегува од изјавата на пратеничката:
Исмајловска-Старова: Пратениците кои сметаат дека се поранешни и не поддржуваат свикување на Собранието, да ги вратат платите
Исто така, доколку се сметало дека ваквиот политички чин е несоодветен, тоа секако можело да се аргументира на поинаков начин. Ама, наместо напорите да се вложат во давање на едно коректно образложение во содржинскиот дел на текстот и проширување на преземената информација (ако некој оценил дека има потреба од такво нешто), одбрано е да се користи навредлив тон во насловот. Знаејќи, дека често се случува читателите да го прочитаат само насловот и да извлечат заклучоци без воопшто да „ѕирнат“ во содржината.
Но, ваквиот пристап на пласирање на информациите е во спротивност со новинарските стандарди (Универзитет „Колумбија“ САД), кои дефинираат што треба да поседува еден наслов за да биде коректен:
- да биде точен;
- да биде лесно разбирлив;
- да привлекува внимание;
- да соодветствува на тонот во написот.