Објава на „Фејсбук“ шири невистини дека корона-вирусот е отров. Познато е дека станува збор за вирус за којшто СЗО официјално соопшти дека е идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Неточно е и тврдењето дека локдаунот, односно мерките за рестрикции нема ништо да променат. Напротив, интернационални студии покажуваат дека локдауните спасуваат милиони животи
Рецензираме вирален пост на „Фејсбук“, којшто е споделен 25 пати и има над 250 допаѓања, а во кој се изнесени невистини за корона-вирусот. Првата од нив е тоа дека локдаунот нема ништо да промени затоа што се работи за отров, а не за вирус. Не е точно дека корона-вирусот е отров. Кoрона-вирусот е вирус, и тоа официјално го тврди Светската здравствена организација.
ВИРУС ИДЕНТИФИКУВАН ПРЕД ЕДНА ГОДИНА
СЗО наведува дека новиот корона-вирус е идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година.
Станува збор за голема група вируси кои предизвикуваат болести кои се движат меѓу настинка и многу посериозни симптоми. Овој сој претходно не бил идентификуван кај луѓе, а новиот вирус беше именуван ковид-19 вирус, пишува на официјалната страница на СЗО.
Во друго соопштение, пак, СЗО кажува дека кластерот иницијално бил пријавен на 31 декември 2019 година, кога регионалната канцеларија на СЗО Кина била информирана. Кинеските власти идентификувале нов тип коронавирус кој бил изолиран на 7 јануари. Лабораториско тестирање било спроведено врз сите сомнителни случаи низ ретроспективен пристап и пристап на нивно активно пронаоѓање. Други респираторни патогени, како инфлуенца, аденовирус биле елиминирани како причинител!
Оттука, откако е изолиран, овој вирус е основа за да се создаде и вакцина за него од повеќе производители. Во светот на науката не постои сомневање дека станува збор за вирус. Со тврдењето во постот, пак, се дава лажна насока на размислувањето дека некој ги труе граѓаните. Тоа не е логично, со оглед на тоа што лабораториите ширум светот откриваат нови и нови соеви на корона-вирусот, што не би било можно доколку не постои иницијален вирус. Така, во МАНУ до јануари, детектирани беа повеќе од 20 соја на корона-вирусот во Македонија.
ЛОКДАУНИ И РЕСТРИКЦИИ
Во постот, исто така, се додава дека локдаунот, односно мерките за рестрикции нема ништо да променат. Наспроти таквото тврдење, интернационални студии покажуваат дека локдауните спасуваат милиони животи.
Во една од нив, се проценува дека до почетокот на мај 2020 година, меѓу 12 и 15 милиони луѓе во Австрија, Белгија, Британија, Данска, Франција, Германија, Италија, Норвешка, Шпанија, Шведска и Швајцарија, односно околу 4 проценти од нивната комбинирана популација, биле заразени со ковид-19. Со споредба на регистрираните случаи на смрт и смртните случаи предвидени во истражувачкиот модел, ако немало локдаун, односно затворање, би умреле 3.1 милиони луѓе.
Втора студија, пак, објавена во САД, процени дека локдауните во Кина, Јужна Кореја, Италија, Иран, Франција и САД превенирале или одложиле 530 милиони случаи на ковид-19.
Без овие политики, ќе живевме многу поразличен живот во април и во мај, вели Соломон Зианг, кој што ја водел втората студија на универзитетот Баркли во Калифорнија.
„Ројтерс“ објави дека двајца експерти, доктор Елизабет Стјуард, деканка на Универзитетот за јавно здравје „Џон Хопкинс“ и доктор Стјуарт Реј, експерт за инфективни заболувања во истиот универзитет, потврдиле дека локдаунот ја намалува трансмисијата на Сарс-Ков-2. Тие посочуваат дека потаргетиран пристап во рестрикциите може да го намали ризикот од инфекција.
ГОЛЕМА СМРТНОСТ
Во постот се кажува и дека луѓето наводно умираат од некаква мистериозна затруеност, а не од вирус, дека бројките се изманипулирани.
Но, на официјалната веб-страница на Министерството за здравство за вакцинација, пишува дека ова тврдење е мит.
Во извештајот на ЦДЦ за смртни случаи како резултат на ковид-19, истражувачите откриле дека ковид-19 може директно и индиректно да доведе до смртност. Луѓето со основни состојби како што се дијабетес или дебелина се изложени на поголем ризик од заразување со ковиД-19 отколку оние што немаат хронични болести. Вистина е дека одредена здравствена состојба на една личност може да придонесе за смртен исход од ковид-19. Меѓутоа, ако лицето не се заразило со вирусот, тешко дека нивната здравствена состојба би довела до нивна смрт. Бројот на жртвиТЕ од ковид-19, всушност, е веројатно поголем отколку што покажуваат сегашните бројки. Луѓето кои умираат од ковид-19 без да бидат тестирани, на пример, може да не бидат вклучени во моментното сметање. Заводот за статистика на РСМ излезе со бројка на починати во 2020 година која статисички е многу повисока од минатите години, пишува на страницата на Министерството за здравство.
АВТОИМУНИ РЕАКЦИИ, А НЕ ТРУЕЊЕ НА КРВТА
Во однос на тврдењето дека нешто ја труе крвта и тоа го покажувале крвните слики, според нашата проверка на факти, можно е ваквото тврдење да е поттикнато од текст објавен во „Нова Македонија“ кој се повикува на претседателката на здружението на матични лекари, доктор Лилија Чолакова Дервишова.
Професор Драган Даниловски, долгогодишен професор на Медицинскиот факултет и поранешен министер за здравство, остро се спротивставува на ова тврдење и со цитирање на научни студии го побива.
Тој вели:
Како одговор на паушалното и тенденциозно тврдење дека „нешто ја труе крвта на заразените со ковид-19“, на читателскиот аудиториум му нудам линкови до три студии, кои објаснуваат на што се должи тоа „труење“.
1. Во списанието Clinical Rheumatology, на 21 јануари 2021 година објавен е научен труд со наслов „Антифосфолипидни антитела и имуни комплекси кај пациенти со КОВИД-19: претпоставена улога во текот на болеста за антианексин-V антитела“, во која воспалителните реакции и хиперкоагулабилните состојби кај КОВИД-19 се поврзуваат со настанување на одредени автоимуни антитела. (линк до статијата)
2. Вториот труд со наслов „Протромботични автоантитела во серумот од пациенти хоспитализирани со COVID-19“ е објавен во списанието Science Translational Medicine на 18 ноември 2020 година (линк до статијата), а осврт кон ова истражување е објавен во ЈАМА на 2 февруари оваа година. (линк до статијата)
3. Третиот труд со наслов „Автоимуна хемолитичка анемија асоцирана со инфекција со КОВИД‐19“ објавен е во списанието British Journal of Haematology на 27 мај 2020. (линк до статијата)
Ова се само дел од бројни објавени студии последниве месеци, во кои недвосмислено се покажува дека тешките симптоми кај ковид-19, пред сѐ, се должат на автоимуни реакции.
А не на „труење“…
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.