[Рецензија: Исмет од Скопје: Кога се шетам по улица сите мислат дека носам бомба, а всушност го носам своето срце]
Текстот што го рецензираме има проблем со датумот кога е објавен и на сајтот и на социјалната мрежа „Фејсбук“. Имено, написот е стар, а тоа никаде не е спомнато.
Линк до оригиналниот напис: Исмет од Скопје: Кога се шетам по улица сите мислат дека носам бомба, а всушност го носам своето срце
Датум и време на објавување: 14.4.2021
Датум на рецензирање: 15.4.2021
Рецензент: Ана Анастасовска
Написот што е предмет на оваа рецензија претставува еден вид репоратажа и раскажува за животот на Исмет Аџиу, првиот човек во Македонија со целосно вештачко срце.
Текстот нема проблем со содржината, туку со времето кога е објавен и притоа е пласиран како нов. Имено, тој е објавен на 14.4.2021 година, а е стар една година, односно првпат е објавен во февруари 2020 година и истиот го пренеле неколку портали како комерцијален текст.
Сега истиот напис повторно се објавува, без датум (кога ќе го отворите текстот не е наведен датумот) и без да се нагласи дека текстот не е нов, односно дека е бајат. Па така се добива впечаток дека написот е од понов датум и на тој начин ги доведува во заблуда читателите.
Ова особено претставува проблем, затоа што посочената личност, Исмет Аџиу, почина во мај 2020 година. Но, тоа во написот никаде не се споменува. Луѓето што не ја знаат оваа информација, а ќе го прочитаат текстот, ќе добијат погрешна претстава. Текстот е пласиран и на социјалната мрежа „Фејсбук“ на 14.4.2021, без да се потенцира дека станува збор за стар текст.
Можело во фејсбук-објавата да се напише „потсетување“ или „ин мемориам“, бидејќи Аџиу е починат.
Кога еден стар текст се пласира како нов, очигледно има за цел само да привлече кликови и ништо повеќе. Професионалните стандарди во новинарството му налагаат на новинарот да објавува точни и навремени информации, а доколку сака да потсети на некои приказни од минатото, кои претходно биле објавувани, мора тоа да го нагласи. Вака пласиран текстот може само да ги збуни читателите и истовремено тој е неетички.