Ковид-19 е болест предизвикана од вирус, а не од запрашување со авиони!

Постојат повеќе научни иследувања на теоријата на заговор за наводното запрашување од воздух, како што се тврди во овој пост на „Фејсбук“, и ниту еднаш не е пронајден каков било доказ дека тоа навистина се случува. Едно од посеопфатните истражувања е на „Кеит групата“, истражувачки тим при Универзитетот „Харвард“. Светската здравствена организација официјално тврди дека ковид-19 е инфективна болест предизвикана од корона-вирус. Вирусот, кој ја предизвикува болеста ковид-19 – Сарс Ков 2, е изолиран во лабораторија, што значи дека докажано постои 

 

 

На „Фејсбук“ е објавен вирален пост, во кој авторката прикачила три видеоматеријали снимени аматерски, најверојатно од мобилен телефон, на кои се гледа небото, каде, пак, вообичаено – летаат авиони. Тие вообичаени патнички летови, кои се случуваат секојдевно, без никакви докази таа ги поврзува со „запрашување“, кое што, пак, уште посмело и уште понеиздржано алудира дека ги предизвикува симптомите на корона-вирусот.

Теоријата за „запрашување“ од авиони (кемтрејлс) е стара, конспирациска и недокажана. А во екот на пандемијата со корона-вирусот, таа беше масовно злоупотребена за да се инсинуира дека, наводно, ковид-19 не постои, а сите последици што граѓаните ги чувствуваат како и симптомите на ковид-19 се, всушност, нус-ефекти од вдишување отровни гасови што паѓаат од небото, од авионско запрашување. Ова се тврди и во постот кој го рецензираме:

„Невидливиот непријател“ ни е над глава и е многу видлив. Борбата против сонцето е најпатетичната претстава што може да се одигра пред очи на човек. Легалниот проект Dimming the sun е во тек низ целиот свет (во Северна Кореа не, таму не даваат врапче да пролета без нивно знаење , ама до затворените граници било). Аеросолите што ги прскаат за да го замаглат сонцето (ептен е очигледна промената на неговата боја) и кои ги создаваат овие нереални облаци со нереални бои, содржат алуминиум , бариум , стронциум , фосген итн. и секој од овие елементи (ако случајно истражите) предизвикува губење на мирис, нагло отежнување на дишењето, губење на здив (индивидуална реакција во зависност од многу фактори), коагулација на крв каракреристична за скоро сите видови на труење , такихардија, аритмија, астма, губиток на енергија, дијареа, повраќање итн.
А вие мислете си и понатака дека некој ќе ви плукне Ковид во уста и нос.

СТАРА КОНСПИРАЦИСКА ТЕОРИЈА 

Таканареченото „запрашување“ на населението или „кемтрејлс“ е теорија на заговор која е постара од две децении. Всушност, почетоците се во САД во 1996 година, откако Воено-воздушните сили на САД објавиле извештај за можна модификација на времето. Застапниците на оваа теорија на заговор веруваат во повеќе цели на „запрашувањето“. Од психолошко влијание врз населението до тоа дека крајната цел е депопулација на Земјината топка.

Постојат повеќе научни иследувања на оваа теорија на заговор и ниту еднаш не е пронајден каков било доказ дека тоа навистина се случува. Едно од посеопфатните е на „Кеит групата“, истражувачки тим при Универзитетот Харвард.

Тука посочуваме и една од посеопфатни студии што ја објаснува разликата меѓу „кемтреилс“ и „контреилс“ (трагите што остануваат зад авионите на небото), укажува дека зад „контреилс“ има научно објаснување зошто некогаш тие траги се подолготрајни, а некогаш брзо исчезнуваат од хоризонтот, како и на други студии.

Од регионалните сервиси за проверка на факти би го издвоиле српскиот „Истиномер“ (види  ТУКА).

„Вистиномер“ само од август 2020 г. досега има повеќепати пишувано за дезинформациите со наводното запрашување од воздух (види ТУКА, ТУКА,ТУКА и ТУКА).

Светската здравствена организација официјално тврди дека ковид-19 е инфективна болест предизвикана од корона-вирус. За некакво запрашување од авиони не станува збор. Повеќето луѓе инфицирани со ковид-19 имаат благи до средни симптоми и ќе закрепнат без третман. Повозрасните луѓе и тие со коморбидитети како кардиоваскуларни болести, дијабетес, хронични респираторни болести и канцер, имаат најголема опасност да развијат сериозна болест. Најдобриот начин да се превенира трансмисијата е да се информираат граѓаните како вирусот се шири. Превенцијата е да се одржува добра хигиена на рацете и да не се допира лицето. Ковид-19 се шири примарно преку капките од носот и устата кога инфицирано лице кашла или кива, така што е важно да се практикува респираторна етика.

Згора на тоа, вирусот кој ја предизвикува болеста – Сарс Ков 2, е изолиран во лабораторија, што значи дека докажано постои. Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал РНК, беше изолиран. Самата Светска здравствена организација потврдува дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување.

Ова изолирање содржи инструкции за создавање на вирусните протеини, кои се основа за вакцините на „Фајзер“ и на „Модерна“.

Проектот, пак, со којшто лажно се тврди дека Бил Гејтс сакал да го затемни сонцето, всушност, е на „Харвард“, а Гејтс само го финансира. Станува збор за проект којшто се однесува на геоинженерингот, големи напори за да се редуцираат ефектите од климатските промени врз атмосферата и врз океаните и тоа привремено.

Научниците се обидуваат подобро да дознаат колкави се ефикасноста и ризиците од геоинженерингот. За да го сторат тоа, тие мора да утврдат дали има аеросоли кои може да ја редуцираат или елиминираат загубата на озон без да ги зголемат другите ризици.

Експериментот е почнат на крајот од 2020 година, а корона-вирусот е откриен една година порано. Оттука, да се доведуваат во причинско-последична врска симптомите со овој експеримент е неиздржано.

Па, имајќи ја предвид целата оваа аргументација, тврдењето дека со запрашување од авиони се добиваат симптоми на ковид-19 го оценуваме како невистина.

 

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.