[Рецензија: (ФОТО) Кран пред Владата, вечерва ќе се поставува таблата „Влада на Северна Македонија“ ]
Написот шпекулира дека вадењето на буквите од написот „Влада на Република Македонија“ на зградата на Владата веднаш значи поставување табла со новото име „Влада на Северна Македонија“. Текстот е „зачинет“ со невистинити детали дека градежна механизација по дождливо време ќе ја постави таблата и прави паралела со слични вакви активности што ги правеше Владата на Никола Груевски.
Како доказ за ова се приложени неколку фотографии на кои навистина се гледа кран, но не и табла со новото име на државата.
Линк до оригиналниот напис: (ФОТО) Кран пред Владата, вечерва ќе се поставува таблата „Влада на Северна Македонија“
Датум и време на објавување: 11.2.2019
Датум на рецензирање: 12.2.2019
Рецензент: Симона Атанасова
Тоа што очигледно недостасува во овој текст е потврда од релевантен извор. Нафрлани се некакви полуинформации, но никој не ја потврдува нивната веродостојност. Медиумот, без да провери кај соодветните институции, си донел заклучок, го објавил тоа и дезинформирал голем број луѓе.
Веста беше преземена од други портали, и по неколку пати споделувана на социјалните мрежи. На една објава на овој текст на социјалните мрежи има 120 коментари и 20 споделувања.
Всушност, реалната ситуација е дека написот на Владата не можеше да биде сменет сè додека не се исполнија уште неколку процедурални чекори.
Во текот на објавувањето на текстот, Владата сè уште ја чекаше официјалната вербална нота од Грција дека го ратификувала Договорот од Преспа и оти тој стапува во сила, што ја доби синоќа. Потоа се чекаше „Службен весник“ да ги објави уставните измени што се донесоа во Собранието како обврска од Договорот со Грција.
Откако се исполнија тие услови, стапи во сила обврската на државата за преименувањето на државните институции, меѓу кои е и Владата, односно поставувањето табла со нов напис. Но, Владата има рок од четири месеци да ја направи оваа промена. Значи, Владата дури и да сакала, не можела како што тврди текстот, да става табли во доцните вечерни часови пред неколку дена.
Официјален демант стигна и од Владата. Оттаму велат дека не се поставувала нова табла, туку дека се варосувала заградата на места каде што била оштетена пред церемонијата за подигање на знамето на НАТО.