Од 5 до 9 ноември оваа година за првпат во Битола со голем број на настани се одбележува Неделата за медиумската писменост. Главен акцент е ставен на слободата на медиумите, слободата на изразување и медиумската умешност и критичко мислење кај младите.Здружението Ганимед од Битола во рамки на проектот „Тема за дилема“, а како дел од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“ во соработка со ТВ 21 денес, на 7 ноември, реализираше квиз во кој учествуваа сите средни училишта од Битола со свои претставници.Стекнатото знаење од седумте работилници кои претходно беа одржани им помогна на учениците да одговорат на 36-те прашања, за кои имаа 4 понудени одговори. Реализацијата на квизот одеше по електронски пат, употребувајќи ги најновите технички решенија.
Од седумте средни училишта кои учествуваа на овој квиз, најдобри беа учениците од гимназијата „Јосип Броз Тито“ кои дадоа најголем број на точни одговори на поставените прашања.
Здружението Ганимед од Битола во рамки на одбележувањето на Неделата за медиумската писменост распиша и конкурс на тема Медиумска писменост и критичко размислување и тоа во две категории: постер со најдобар слоган и постер со најдобар цитат. Конкурсот е веќе затворен, а како што велат организаторите, интересот од страна на средношколците бил голем. Нè уверуваат дека пристигнале голем број на креативни и оригинални постери.
За победниците на овој конкурс ќе одлучува стручна комисија, а најдобрите 10 постери со цитати и слогани ќе бидат изложени на изложбата со која ќе биде заокружено одбележувањето на Неделата за медиумската писменост. Овој настан е закажан за 9 ноември 2018 година во Porta Jazz со почеток од 12 часот. За најуспешните ученици следуваат симболични награди.
Медиумската недела се одбележува во светски рамки од 5 до 9 ноември, а најмногу активности се реализираат во Канада, САД и некои европски земји. Членовите од здружението Ганимед велат дека ваквите иницијативи и активности треба да се прават и во нашата земја, за истите да станат традиционални настани кои ќе ја промовираат и афирмираат медиумската писменост, слободата на говор и критичкото мислење кај најмладите.