Плагијати, наслови, фотографии и говор на омраза

Фото: pixabay

 

МЕТОДОЛОГИЈАТА НА СЕРВИСОТ ЗА ПРОВЕРКА НА ФАКТИ ВО МЕДИУМИТЕ – (III дел)

– утврдување, структура, цели и ограничувања –

 

Утврдената методологија за анализа на објавените прилози во македонските медиуми кај рецензентите имаше цел да ги направи поостроумни читателите, гледачите или слушателите и да ги направи почувствителни на лагата или искривената вистина! И, секако, да ги направи повнимателни. Методолошкиот избор на Сервисот за проверка на факти се базираше на искуства на одредени искусни новинари, на искуства на странски набљудувачи, како и на предлози на трети лица (читатели или гледачи) од кај нас. Секако, се користеше и Кодексот на честа на Здружението на новинарите на Македонија

 

[Првиот дел од овој напис со наслов „Каков е процесот на откривање на вистината во медиумските производи“можете да го најдете овде, а вториот дел со наслов „Вистинитост, извори, содржајност, коментирање“ можете да го прочитате овде.]

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Утврдената методологија за анализа на објавените прилози во македонските медиуми кај рецензентите имаше цел да ги направи поостроумни читателите, гледачите или слушателите и да ги направи почувствителни на лагата или искривената вистина! И, секако, да ги направи повнимателни. Методолошкиот избор на Сервисот за проверка на факти се базираше на искуства на одредени искусни новинари, на искуства на странски набљудувачи, како и на предлози на трети лица (читатели или гледачи) од кај нас. Секако, се користеше и Кодексот на честа на Здружението на новинарите на Македонија

 

Петта задача: има ли плагијат или внесување етичка компонента во рецензијата

Методологијата содржи и други елементи, повеќе врзани за она што значи новинарска етика. Појавата на плагијаторство е една од нив. Во рамките на СПФМ е изработена посебна програма (Времеплов), која може да провери дали некој текст презел делови од друг постоен текст и во кој обем.

Рецензентот тука треба да пристапи на проверка и тоа по две основи:

– има ли делумно или целосно копирање;

– дали, ако има преземање, е нагласен изворот, односно авторот;

Под плагијат во рамките на оваа методологија се подразбира дело настанато со повреда на авторското право на трето физичко или правно лице преку пренесување цели или делови од туѓи медиумски содржини и тоа: без дозвола на нивните автори, односно носители на авторското право; без наведување податоци за авторството или со изменети податоци за авторство.

Во новинарството, плагијатот претставува кршење на новинарската етика. Според член 12 од Кодексот на новинарите на Македонија: „Плагијаторството е неприфатливо. Цитатите не смеат да се користат без да се нагласи изворот или авторот“.

Рецензентите го проверуваат сомневањето за плагијат на едно дело врз основа на следните критериуми:

– Содржината изгледа како целосна или делумна копија;

– Не е нагласен изворот или авторот или, пак, тие елементи се пренесени различно од првобитната форма;

– Постои директна жалба од оригиналниот автор/издавач искажана јавно или директно до Сервисот во форма што може да се документира;

– Постои непочитувања на условите зададени во некоја од слободните лиценци Криејтив комонс.

Рецензентот определува кога еден оригинален напис е објавен (датум, час и минута) врз основа на јавно достапните информации на веб-страницата на медиумот и прави споредба на тоа време со времето на објавување на написот за кој постои сомневање дека е плагијат.

 

Шеста задача: одредување на квалитетот на насловот

Следниот елемент што го оценува рецензентот е квалитет на насловот на текстот. Тој треба да задоволи неколку елементи:

– да биде јасен, односно преку насловот да ја откриете содржината на веста и така да се одлучите да го прочитате или следите;

– дали насловот е креативен и досетлив – насловите се сметаат за посебна вештина во новинарството и рецензијата го вреднува тоа;

– има ли сензационалност во насловот – ова не мора да има негативен контекст, бидејќи авторот преку насловот го бара својот консумент, но притоа не смее да се премине на нешто што не извира од содржината на веста!

– насловот мора да биде одраз на содржината на веста, значи дека не може само да привлекува внимание, а внатре, во веста, да нема никаква основаност;

– дали насловот е јасен, што значи не смее да биде двосмислен или да го доведува во заблуда читателот.

Оттука, овој критериум како и проверката дали има плагијат се сметаат за етичките елементи на една рецензија.

 

Седма задача: соодветност на фотографијата

Како и кај утврдување на квалитетот на насловот, што има и своја естетска компонента, присуството и квалитетот на илустрациите на еден текст се, исто така, дел од рецензијата. Една вест или слична новинарска содржина може и не мора да има фотографија (таа не се бара кај телевизиските прилози, се разбира) или друг тип илустрација (карикатура, на пример). Рецензентот, секако, не настојува текст во печатен медиум да биде придружен со таков елемент, иако тој е посакуван.

Оттаму, ако таква апликација постои, се цени дали:

– фотографијата (илустрацијата) е соодветна на содржината на текстот;

– дали е оригинална или копија;

– дали преку фотографијата (илустрацијата) се прави манипулација;

Оваа последната задача треба да оцени дали текстот е коректен по сите основи како вест, репортажа или осврт, но преку фотографијата се прави нешто што може да се смета за коментирање, наклоност кон одредена страна и слично. Оваа навидум небитна проверка е во основа значајна, бидејќи објавувањето фотографии надвор од нивниот оригинален контекст може да биде опасна манипулација со која може да се загрози приватноста на луѓето или да му се нанесе штетана угледот на компаниите и на другите субјекти.

 

Осма задача: утврдување дали постои говор на омраза

Со оваа задача сe навлегува во полето на основните човекови права и слободи, кои новинарите треба да ги заштитуваат. Јасно, задачата доаѓа оттаму што овие права многу често се повредуваат и тоа обично преку непочитување на културните, религиозните и етничките разлики. Нивното воочување секако не е недозволиво, бидејќи е одраз на разноликоста на самите општества. Но, битно е текстовите за тие разлики да не го користат јазикот на омразата и да не поттикнуваат насилство и дискриминација по верска, национална, расна, полова или која било друга основа на омраза.

Во отсуство на дефиниција во македонскиот правен систем, говорот на омраза се смета како говор што промовира или поттикнува насилни дејства или кривични дела сторени од омраза и кој креира клима на омраза и предрасуди, која, пак, на крајот може да поттикне извршување на такви дела.

Овој аспект на активност на рецензентот се потпира на неколку основни истражувачки прашања, но доколку рецензентот идентификува поинакви аспекти на прекршување на основните човекови права и слободи, особено во однос на говорот на омразата, листата може да се прошири.

Овој аспект се осврнува на неколку основни истражувачки прашања:

  • има ли навредлив говор и дискредитација;
  • има ли говор на омраза;
  • има ли поттикнување на насилство;
  • има ли дискриминација и по која основа

Најчести феномени што се анализираат се од областа на човековите права (расизам, ксенофобија, сексизам, хомофобија, говор на омраза, негативно стереотипизирање и профилирање…).

Откако новинарот-рецензент ќе ги одреди параметрите во секој од десетте критериуми, текстуално го образложува таквиот избор за параметрите што имаат влијание врз квалитетот на соопштената информација и ја комплетира рецензијата со воведен и заклучен дел.

 

Задачи на методологијата

Методологијата, од една страна, му помага на рецензентот да се држи до формата и содржината што може да го доведе до објективна оценка. Оневозможено е евентуално коментирање и влегување во дијалог на рецензентот. Од друга страна, таа ја релативизира моќта на евентуалните приговори, бидејќи прашањата и одговорите низ кои рецензентот минува се стандардни, имаат и меѓународно искуство зад себе и го скусуваат просторот за субјективен приод кон оценките.

Рецензентските текстови или, пак, оние аналитички осврти што се однесуваа на поопшти сознанија или позабележливи дефекти во медиумското дејствување треба да ги направат поостроумни читателите, гледачите или слушателите и да ги направат почувствителни на лагата или, да речеме – искривената вистина! Во таков случај консументите самите би станале посензибилни критичари на она што се објавува и би можеле да ги проценуваат медиумите во нивниот однос кон вистинитоста, а оттаму самите потоа да можат да се определат за следење на медиумите што им се посигурни во однос на објективно третирање на фактичката реалност.

 

(крај)