Дезинформација, т.е. лага базирана на други реални вести поврзани со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Артан Груби, е проширена на социјалната мрежа Фејсбук, каде што и двајцата се врзуваат со тешки кривични дела
Пост објава на Фејсбук на македонски јазик шири невистина т.е. лага за двајца високи функционери во извршната власт во земјава, преставувајќи ги како криминалци што прават тешки кривични дела.
Во постот, кој е поврзан со фотографијата што е прикачена, се наведува:
Аchievement!!!
Единствена влада во светот каде премиерот е дилер на дрога а неговиот заменик шверцер на човечки органи!
Кидам капа.
До ваквиот пост е прикачена фотографија од Владата на РСМ од неодамнешен настан, кога премиерот Зоран Заев на членовите на Владата им доделуваше мандатните писма како основни насоки за нивната работа. Оваа фотографија што ја имаше по медиумите од настанот на 3-ти септември 2020 година, е прилепена до текстот во постот, за да нема забуна на кој премиер и на кој заменик премиер се однесува текстот.
Станува збор за лажно тврдење, затоа што ниту премиерот е дилер на дрога, ниту вицепремиерот е шверцер на човечки органи. Па, сепак, постот за брзо време станува вирален затоа што лагата се базира врз скорешни вести кои се поврзани со двете теми и со двајцата функционери.
Првата лага, за премиерот, се базира најмногу на неодамнешното интервју на премиерот Заев за Дојче Веле, каде тој запрашан за легализација на марихуаната во Северна Македонија јасно се изјасни дека е „за“, како и за нејзинина контролирана употреба во кафетериите и другите угостителски места:
Целта е токму тоа. Да биде контролирано како во Амстердам и многу други градови во светот…Идејата е да се даде можност во туристичките места, вклучително и Скопје, кафулињата постојни и нови, со почитување на одредени стандарди- вентилација, доказ за потекло на марихуаната и сл., да се овозможи консумација на марихуана внатре во нив – изјави Заев во посоченото интервју.
Од ова интервју се отвори широка јавна расправа, а по социјалните мрежи почнаа да се шират верзии дека во такви угостителски места би се користела марихуана од производни капацитети, кои легално одгледуваат марихуна во земјава, а чија намена е за производство на масло од канабис за медицински цели. Ете, врз оваа основна вест е базирана лагата која се пласира во постот што го рецензираме.
Втората лага за заменик претседателот на владата, Артан Груби, исто така, се базира врз вест поврзана индиректно на трговија со човекови органи. Станува збор за информацијата која оригинално потекна од Албанија, а тоа е дека сегашниот вицепремиер Груби бил преведувач во т.н. Жолта куќа во Албанија, која беше цел на истрага од страна на Хашкиот трибунал, под сомнение дека служела како место каде од заробенци што ги имала некогашната УЧК, се ваделе органи, а потоа истите се продавале.
По ваквите вести се огласи и самиот Груби, кој појасни дека тој навистина бил во таа т.н. Жолта куќа, но само како асистент – преведувач од 1999-2004 година:
Работев за Хашкиот трибунал од 1999 до 2004 година и во албанскиот град Бурел бев заедно со иследникот на Хашкиот трибунал, по претходни наводи за наводни злосторства таму и се утврди дека нема никаков случај – изјави Груби.
Ваквата вест, која индиректно е поврзана со тврдењето изнесено во постот што го рецензираме, а кое е лажно, исто така, придонесува за виралноста на таквата дезинформација.
Поради погоре посечените аргументи, како и поради фактот дека не постои ниту еден доказ за тврдењето во постот, каде што двајцата високи функционери се претставени како сторители на тешки кривични дела, може да се оцени дека наводите во постот се лага.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.