Лажна анкета

Текстот што го рецензираме се однесува на наводна анкета на ОБСЕ, која воопшто не е направена. За оваа „анкета“ објавена во медиумите, демант испрати мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Линк до оригиналниот напис: Според вчерашната анкета на ОБСЕ 32 % ќе излезат на референдумот

Датум и време на објавување: 13.9.2018

Датум на рецензирање: 17.9.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Насловот на текстот содржи три невистини: времето кога е направена анкетата (бидејќи нема таква анкета), организацијата што наводно ја направила анкетата (ОБСЕ не ја направило посочената анкета) и бројката на населението што ќе излезе на референдумот. Притоа, вообичаено во новинарски текстови за анкети не се дознава, тие или постојат или не и крајната цел е добиените резултати да не се кријат, туку да се презентираат пред јавноста.

Како што дознаваме според десетдневната анкета по нарачка на ОБСЕ, која вчера веќе била завршена, само 32% од возрасното население или во бројки околу 540 илјади граѓани би излегле на референдумот на 30 септември за промена на нашето вековно име во Северна Македонија.

Мисијата на ОБСЕ во Македонија испрати демант во врска со анкетата што се посочува во текстот.

Мисијата на ОБСЕ во Скопје е запознаена со неодамнешните написи во медиумите во кои се тврди дека ОБСЕ спровела анкета за претстојниот референдум. Мисијата нема спроведено таква анкета. Сите наводи што го тврдат спротивното се неточни и не ја одразуваат работата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, се вели во демантот на ОБСЕ.

Оттука и посочените бројки – 32 процента од населението или 540 илјади граѓани што би излегле на референдум – не се точни.

Власта мора да ги смени пристапот и евтината кампања на социјалните мрежи со рекламите на телевизиите, итно мора да плати и банери по порталите, а богами и да му помогне на населението со работни места и можности за бизнис, инаку лошо им се пишува, ај ај да не речете после не сме рекле!

Вториот дел од текстот, пак, испраќа порака дека Владата требало да им плати пари на медиумите за да ја засили кампањата за референдумот и за бројката на излезеност од 32 проценти, како што се тврди, да била поголема. Симптоматично е што ваквото барање доаѓа во ист напис во кој се цитира непостојна анкета, според која, резултатот на референдумот ќе бил поинаков од тоа што Владата го очекува. Неизбежен е впечатокот како тие две работи да се поврзани и како уште да недостига да се каже конкретно кому, односно на кои медиуми Владата требало да им плати за да се добиел поинаков референдумски резултат.