Лекар објаснува како правилно да се земе брис од нос, а не тврди дека се повредува мозочната бариера

Објава на Фејсбук лажно тврди дека дека ПЦР тестот ја повредува мозочната бариера. Докторот Маријано Гонзалес во видеото објаснува како правилно да се земе брис од нос. Тој изработил ваков клип, бидејќи 36 до 40 проценти од ПЦР тестовите направени со брис од носот се лажно негативни

Рецензираме вирално видео кое е споделено на Фејсбук профил со пораката:,,Ковид е измама. Ковид тест е повреда на мозочната бариера”.

Видео материјалот е на шпански јазик и нема ништо спорно во него. Освен тоа што во постот што го рецензираме, наместо да се пренесе тоа што го кажува лекарот во видеото, се тврди нешто што тој никаде не го кажува.

Нема никаква повреда на мозочната бариера со брисот за утврдување на коронавирусот и лекарот во ниеден момент од видеото не го споменува ова фабрикувано тврдење, кое предизвика многу погрешни реакции и недоразбирања, страв и паника меѓу граѓаните.

Од видеото утврдивме дека името на докторот е Маријано Гонзалес и дека е оториноларинголог. Потоа го најдовме оригиналното видео и во него тој се претставува дека работи во областа повеќе од 36 години. Тој кажува дека изработил ваков клип, бидејќи 36 до 40 проценти од ПЦР тестовите направени со брис од носот се лажно негативни.

Лажно негативна е онаа личност на која во лабораторија ѝ кажале дека нема ништо, а во реалноста го имала вирусот. Тоа е опасно, зашто таа личност на која сме ѝ рекле дека нема ништо, излегува и комуницира со други луѓе и ги инфицира, вели докторот во видеото.

Понатаму тој објаснува дека ова е вина и на пациентот и на медицинскиот техничар кога го зема примерокот.

Лекарот го кажува следното:

Кога ја кревате главата нагоре стапчето оди нагоре и тоа е проблем. Ќе го боли пациентот, стапчето нема да помине и таму не е вирусот. Вирусот е тука позади (покажува со стапчето на куклата). Значи, точното место каде што треба да го вметнете стапчето е надолу. Тоа ќе успеете да го направите ако главата е исправена кај пациентот. Пациентот да не ја крева главата, а техничарот да го земе брисот на следниот начин (покажува на фотографијата на ѕидот каде би поминало стапчето кога главата на пациентот не би била крената нагоре 48 секунда во видеото).

Потоа се приближува до компјутерот и вели дека ова е вообичаената анатомија на пациентот, влезот од носот (59 секунда од видеото).  И покажува каде би требало да се движи стапчето кога медицинскиот техничар го зема брисот (од 1:01 до 1:11 на видеото).

Кога ќе го земате примерокот, пациентот да ја држи главата исправено, а медицинскиот техничар да го земе примерокот на следниот начин (демонстрира на себеси).

 

Гонзалес препорачува стапчето да биде долго кога ќе се зема брисот. И се заблагодарува на вниманието.

И колеги на лекарот го споделуваат видеото на Твитер со пофалби.

Но, во постот што е предмет на оваа рецензија, лажно се тврди дека ковид тестот ја повредува мозочната бариера.

Видеото е злоупотребено, спинувано, иако тоа пренесува корисна порака за медицинските професионалци и искажува легитимно стручно мислење за тоа зошто голем број ПЦР тестови се лажно негативни. Сепак, оваа порака во постот е комплетно минимизирана и засенета со невистини дека со ковид тестот се повредува мозочната бариера.

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.