Оливер Спасовски не си поднел оставка

Рецензираме текст со наслов ,,По бегството на Мијалков Спасовски поднел оставка” , споделен како пост на Фејсбук. „Вистиномер“ се обрати до Министерството за внатрешни работи од каде ни кажаа дека министерот Спасовски не си поднел оставка и дека станува збор за неточна информација. И на прес конференција која што Спасовски ја организираше во 15 часот на 23 февруари 2021 година, тој не навести дека ќе си даде оставка.

Новинар на Алсат на прес конференцијата го праша Спасовски дали размислува дека треба да си поднесе оставка од морални причини поради второто бегство кое се случува на високопрофилирани личности во општеството, алудирајќи на Никола Груевски и Сашо Мијалков.

Од одговорот на Спасовски не произлегува дека тој размислува за оставка, а уште помалку дека ја поднел.

Морален чин на одговорност е во моментите кога сте процениле дека сте направиле сериозен пропуст или тоа што зависело од вас сте го пропуштиле и не сте преземале одредени дејствија во однос на бекството на Сашо Мијалков. Од тој аспект сметам дека апсолутно не треба да се прави само задоволување на пошироките структури дека некој ќе поднесе оставка. Не, апсолутно тоа значи повлекување и офанзива. А, ние треба да се бориме да одиме напред против криминалот и корупцијата, сите институции до една. Затоа треба системот да го менуваме и да го консолидираме. Прстот не може да се впери кон еден друг или трет конкретно. Ние прстот мораме да го впериме во институциите да ги консолидираме. А, кој во институциите прави пропусти се анализира и да се преземе одговорност. Доколку се утврди дека има и кривична одговорност во овој предмет, јас повикувам, охрабрувам јавното обвинителство, судот да ги преземе сите истражни мерки да почне истрагата од секој еден кој учествувал и ако се утврди да сноси одговорност. Само преку носењето одговорност нема да ни се повторуваат случаите и преку консолидирањето на институциите на системот, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференција зошто не си поднел оставка од раководната функција на министерството по второто бекство кое се случува во неговиот мандат.

Во продолжението на прес конференцијата следува ново прашање поврзано со оставката, кое гласи: ,,Дали премиерот Заев побара од вас да поднесете оставка или одговорност?”

Одговорноста треба да се утврди и да се носи на вистинското местоодговара Спасовски на второто новинарско прашање поврзано со наводната оставка, повторно не давајќи никаква индиција дека си поднел или дека ќе поднесе оставка.

Тој, сепак, кажува дека на состанокот, кој се одржал во владата утрото пред прес конференцијата, премиерот Заев побарал одговорност од институциите за постапувањето во овој случај во моментот кога ќе биде утврдена одговорност за тој кој направил сериозен пропуст.

Одговорност мора да има не само политичка, туку и кривична за секој што направил пропуствели Спасовски. 

Мора да се бара и утврдува одговорноста насекаде во институциите и тука не го амнестирам МВР ако имало било каков пропуст. Со оглед на насоките и преземањето дејствија не гледам таква причина, но дополнително работиме. Дали има одговорност во правосудните органи, дали постојат двојни аршини во постапувањето за ваков криминал, да постојат. Затоа што имате дело некаде крајот на ноември се бараше притвор за обвинетите во Монструм, а во оваа ситуација, кога имате завршни зборови, не се бара одредување на притвор. Не знам од кои причини, тоа не е наша активност. Моите информации се дека двајцата обвинители претходно се консултирале и барале дозвола да побарааат притвор за овој обвинет. Но, тоа се информации за кои тие треба да се произнесат, додава Спасовски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска си поднел оставка од функцијата, дознава Нетпрес од извори во СДСМ.

Додадениот прашалник на крајот од насловот, со кој се прави обид тврдењето да се смени во прашање, не е доволен да се амнестира написот од фактот дека тој вклучува дезинформација. Особено што во самиот напис, исто така, децидно се вели дека „министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска си поднел оставка од функцијата, дознава Нетпрес од извори во СДСМ.“ Неточната вест не е поправена ниту 6 часа по нејзиното објавување.

Од сите негови изјави на прес конференцијата, јасно е дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, не си дал оставка, како што тоа претходно беше објавено со повикување на анонимни партиски извори.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.