Логото на ,,Сакам да кажам” фалсификувано заради ширење лажни вести

[Рецензија: Изборите на 15 јули ќе се искористат гласачите да се вакцинираат преку проектот на Бил и Мелинда Гејтс]

На „Твитер“, поточно на профилот на корисник потпишан како „Пази леџа, движење бојкотирам”, се појави фабрикувана вест со провокативен и лажен наслов во кој се тврди дека „изборите на 15 јули ќе се искористат гласачите да се вакцинираат преку проектот на Бил и Мелинда Гејтс“.

Не само што оваа информација е лажна туку и самиот начин на којшто е пласирана до јавноста, односно до следачите на овој профил на „Твитер“, е крајно манипулативен и пропагандистички. Имено, не се нуди линк до оригиналната вест, туку само се пласира наводниот скриншот од насловот што се поврзува со порталот „Сакам да кажам”. Меѓутоа, ваква вест никогаш не била објавена на „Сакам да кажам”, а фотографијата со која се манипулира јавноста е груба фотомонтажа.

Линк до оригиналниот напис: Изборите на 15 јули ќе се искористат гласачите да се вакцинираат преку проектот на Бил и Мелинда Гејтс

Датум и време на објавување: 15.6.2020

Датум на рецензија: 18.6.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

(Дез)Информацијата е пласирана со логото на порталот, позадината на порталот и навистина ретко кој би се посомневал во веродостојноста на оваа лажна вест, само најупорните би разоткриле дека станува збор за тежок облик на манипулација и пропаганда.

Наша претпоставка е дека причината за оваа објава е да се натера дел од гласачкото тело да не излезе на гласање. Оваа претпоставка ја влечеме од фактот што информацијата е пласирана во предизборието, по најавениот датум за гласање – 15 јули, но и затоа што се користи една лоша широкосподелувана инсинуација дека вакцинирањето и Бил Гејтс се на некој начин поврзани! Неодамна дури имаше и протести пред Владата против вакцинирањето.

Меѓутоа, наспроти она што лажниот фалсификуван наслов го тврди, вакцина против корона-вирус не е ниту на повидок и според некои најоптимистички очекувања, таа би можела да се развие во 2021 година, ако не и подоцна.

Така што, парламентарните избори и вакцинирањето против Ковод-19 се два многу далечни света, ама тие во оваа насловна конструкција се ставаат во ист контекст и со некаква чудна поврзаност.

Своја реакција за ваквата објава која стана вирална, имаше и уредникот на порталот „Сакам да кажам“:

ВНИМАНИЕ!!! ЛАЖНА ВЕСТ!!! Со лажна вест е ФАЛСИФИКУВАНО логото на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и се ШИРИ на социјалните мрежи твит од еден од лидерите на движењето ,,БОЈКОТИРАМ“ со наслов што не постои на нашата платформа. Редакција САКАМДАКАЖАМ.МК го осудува ФАЛСИФИКАТОТ и ќе ги преземе сите законски мерки за заштита и одговорност за секаков ширење на ЛАЖНИ ВЕСТИ. Ви благодариме на довербата и поддршката во нашата борба против ЛАЖНИ ВЕСТИ и ПРОПАГАНДА.

Интересно е што ниту еден медиум не се „залепи“ за оваа дезинформација, несомнено самиот интегритет на „Сакам да кажам“ придонесе фалсификатот да не помине. Едноставно, на многумина им беше неверојатно дека портал како „Сакам да кажам“ би објавил ваква дезинформација.

Лажните вести, за жал, стануваат секојдневие, тие прават голема штета во битката со пандемијата и ја поткопуваат едукативната улога на медиумите за корона-вирусот, за мерките, за вакцината… И социјалните мрежи се полни со информации што треба добро да се проверат пред да се објават поради тоа што изобилуваат со лаги, спинови, фалсификати, кои имаат цел да креираат извртена слика во јавноста користејќи притоа непринципиелни методи. Оттука, пожелно е за секоја вест што е споделена само со фотографија, а без линк, да се посети веб-страницата на посочениот медиум за читателот да се осигури дека веста навистина постои и дека медиумот ја објавил.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.