Многу често во медиумите сретнуваме написи што се далеку од критериумот за непристрасно и избалансирано известување, онака како што е дефинирано во Кодексот на новинарите. Па, наспроти принципите на добрата новинарска практика, читаме текстови што натежнуваат од различни когнитивни пристрасности како, на пример, ad hominem напади (т.е. напади на човекот) и повикување на емоции и на авторитет, како и селективна употреба на (неточни) информации.
Пишува: Ана Мишковска Кајевска
Токму таков школски пример на непрофесионално информирање и медиумска манипулација е текстот со наслов: „Маестрална шаховска игра на Мицкоски, избори за финален пораз на политиките на Заев“, неодамна објавен на порталот „Курир“ (16.7.2020).
Непотпишаниот текст, полн со печатни и правописни грешки, во најголем дел се состои од цитирани изјави на Александар Даштевски и Сотир Костов. Притоа, во написот не се анализираат тие изјави ниту, пак, се вклучуваат поинакви гледишта, туку само се повторуваат – со незначителни измени – ставовите на Даштевски и Костов. Резултатот е текст што ги велича ликот и делото на Христијан Мицкоски, а го критикува, вклучително и дехуманизира, Зоран Заев.
ДЕХУМАНИЗАЦИЈА НА ЗАЕВ, ВОСПЕВАЊЕ НА МИЦКОСКИ
Дехуманизацијата на Заев е најекстремниот ad hominem напад присутен во текстот. Политичките противници како него се споредени со „диви ѕверови“:
Кога се ранети (како сега) тие се целосно загубени, непресметливи, стануваат уште поопасни и се обидуваат да уништат се што можат, се вели во написот.
Покрај овој екстрем, воочливи се и нешто поблаги ad hominem напади на Заев. Тој е опишан како „крајно, арогантен, самобендисан и неподготвен непријател“ и личност со нехумано однесување поради тоа што „грчевито се бори, по секоја цена, не бирајќи средства, да ја задржи власта“. Цената на која се алудира се здравјето на луѓето и човечките животи, но таа цена во ниту еден момент не е директно доведена во врска со Заев. Недвосмислено се укажува дека тој е подготвен да ја плати таа цена, но тој заклучок може да се извлече единствено преку пофалбите упатени кон Мицкоски.
Така, за Мицкоски се вели дека е:
незаинтересиран за власт по секоја цена, а особено не, кога цената е изразена во човечки животи.
И дека:
покажуваше висок степен на грижа за здравјето на луѓето и беше сконцентриран на сузбивањето на последиците од корона пандемијата.
Комплиментите што се упатени кон Мицкоски на моменти добиваат форма на комична славопојка:
…за време на целиот овој период на преговори импонираше професорската сериозност на Мицкоски,
Тој искрен став и честито држење, професорот го красеа за цело ова време“, како и
Стратегијата, тактиката и техниката која ја употреби лидерот на опозицијата е толку моќна што треба да се изучува во високообразовните институции.
Притоа, воопшто не се споменати документираните ситуации (посети на теретана и собирање во затворен дел на угостителски објект) при кои истиот тој политичар прекрши одредби за спречување на ширењето на заразата. Затоа, дури и ако горенаведените пофалби имаат емпириска основа, односно можат да се потврдат со податоци, ненаведувањето на фактите што не говорат во прилог на промовираната теза претставува употреба на селективни докази од страна на „Курир“ и контактираните аналитичари.
ПОВИКУВАЊЕ НА ЕМОЦИИ И НА АВТОРИТЕТИ
Целиот напис, всушност, се врти околу направената дихотомија помеѓу Мицкоски и Заев. Одново и одново (т.е. ad nauseam), Мицкоски е прикажан како заштитник на човечки животи, а Заев како нивен уништувач. Во еден момент, Заев е дури обвинет дека тој и Венко Филипче не само што „не успеаја да се справат со вирусот“ туку и „ја раширија пандемијата, така што денеска сме први во Европа и четврти во светот по бројот на заразени и починати лица“. Овој вид аргументирање претставува, пред сè, повикување на емоции: Посакуваната порака се пренесува преку користење емотивно набиен говор, наместо факти. Истовремено, наводните факти не се ни потполно отсутни од написот. На пример, покрај неточниот податок за високата рангираност на Северна Македонија во однос на бројот на заразените и починатите лица, присутна е и следнава манипулација:
Уште во текот на мај бараше (Заев н.з.) избори на 14-ти јуни, тоа е денот кога имавме најголем број на заболени и починати лица или 200 позитивни на вирусот и 10 починати.
Последната изјава заслужува внимание, бидејќи има цел да ја зајакне пораката дека Заев не се грижи за човечките животи. Фактите говорат дека на 14 јуни немаше 200, туку 162 утврдени новозаразени лица, а бројката на починати лица не беше 10, туку 9. Иако наведувањето на повисоки бројки од реалните е само по себе манипулација, истата станува уште посериозна поради нејзиното врамување. Кога во првата половина на мај Заев го споменуваше 14 јуни како можен датум на избори, воопшто не се претпоставуваше дека во тој период државава ќе биде зафатена од втор бран на зараза.
На крај, битно е да се посочи и на повикувањето на авторитет што, исто така, во овој случај претставува вид на медиумска манипулација. Тежината на зборовите на Даштевски е потенцирана со двојното наведување дека е професор. Мицкоски е еднаш ословен како „професорот“, а неговиот научен статус е истакнат и преку веќе споменатото тврдење дека поседува професорска сериозност.
Друг вид повикување на авторитет е начинот на кој завршува написот. Тезата, изнесена во насловот, дека претстојните избори ќе донесат „финален пораз на политиките на Заев“, е поткрепена со цитирање на главниот резултат на анкетата спроведена од страна на институтот Habeas Corpus. Се создава, значи, впечаток дека тврдењата на Даштевски и Костов се потврдени од сериозна истражувачка институција, којашто, неповрзано со написот на „Курир“ и цитираните аналитичари, направила веродостојна анкета. Меѓутоа, истражувачкиот текст на ИРЛ, објавен само ден подоцна, изразува сериозно сомневање дека таа анкета воопшто постои и открива дека Даштевски и Костов стојат позади Habeas Corpus. Така, написот на „Курир“ завршува со уште една когнитивна пристрасност – кружно расудување: Изјавите на Даштевски и Костов се потврдени од наводната анкета спроведена од Даштевски и Костов.