„Лук и вода“ не е чудотворен лек за коронавирусот

Објавата која циркулира на Фејсбук веќе седум месеци ги доведува во заблуда граѓаните дека со консумација на „стар кинески лек“ – напиток од 8 исецкани чешниња лук зовриени со 7 чаши вода, лесно се победува коронвирусот. Ваквата дезинформација е разобличена и оценета како лажна од повеќе сервиси за поверка на факти, а исто така, и Светската здравствена организација (СЗО) уште во февруари укажа дека нема докази оти употребата на лукот може да ги заштити луѓето од новиот коронавирус

 

 

Во низата дезинформации  за  „волшебни лекови“ кои се шират на социјалните мрежи, а кои, наводно, се многу ефикасни во  битката со коронавирусот, се и оние за чудотворната моќ на лукот. Таков е и овој пост, кој е објавен на Фејсбук на 13 март и досега има 11.000 споделувања, а  деновие е повторно актуелен и коментиран. Во него на јавноста ѝ се препорачува „стар кинески рецепт“ за  ефикасно „заздравување“ и „излекување“ преку ноќ!

Во објавата, која циркулира веќе седум месеци, детално е опишана подготовката на рецептот, според кој 8 исецкани чешниња лук треба да се зовријат со 7 чаши вода, а потоа да се пие зовриената вода и да се јаде лукот, на крајот има и повик „рецептот“ да биде споделен до сите контакти. Со ваквата објава граѓаните се наведуваат на мислење дека на овој начин болеста лесно ќе се победи, што е крајно опасно доколку некој поверува во напишаното и со овој „лек“ го „брка“ вирусот, па доцна да побара лекарска помош.

Светската здравствена организација (СЗО) со цел да се разбијат некои митови, уште на почетокот на пандемијата укажа дека нема докази оти употребата на лукот може да ги заштити луѓето од новиот коронавирус:

Лукот е здрава храна која може да има некои антимикробни својства. Меѓутоа, не постои доказ од тековните анализи дека јадењето лук ги заштитува луѓето од новиот коронавирус.

Паѓа во очи и тоа што, иако оваа објава препорачува „лек на еден стар кинески лекар“, воопшто не го спомнува неговото име. Не е посочен никаков извор на информации, ниту, пак, линк кој би водел до некој научен труд за да се поткрепи кажаното. Исто така, се вели дека пациентите што го употребувале напитокот потврдиле дека тој е ефкасен, но тука повторно нема цитати или извор на информации.

Ваквта објава за чудотворната моќ на лукот во битката со коронавирусот се појави во јануари годинава, стана прилично вирална на социјалните мрежи и се рашири на насекаде низ светот. Таа уште во февруари е разобличена и оценета како лажна од Сервиси за проверка на факти како AFP Fact Check. Медицински експерти за сервисот на меѓународната новинска агенција со седиште во Париз, АФП, изјавиле дека нема докази кои го поддржуваат тврдењето оти коронавирусот се лечи со пиење превриена вода со лук. Сервисот пренесува изјава на д-р . Wasim Khawaja од пакистанскиот Институт за медицински науки, кој за АФП на 4 февруари, 2020 годинава кажал дека:

Нема научни докази за да се поткрепи тврдењето дека зовриена вода со лук го лечи новиот коронавирус, ниту, пак, има соодветно медицинско истражување на оваа тема.

Ваквите тврдења на социјалните мрежи дека овој зеленчук или билка го лечи новиот коронавирус се погрешни и може да бидат штетни за луѓето, бидејќи може да се потпрат на овие домашни лекови и да не одат тестираат во  болница, а тоа може да доведе до ширење на вирусот ако некој навистина е заразен од него .

Еден месец подоцна ваквите објави се оценети како невистинити и од американскиот сервис за проверка на факти Snopes, и од британскиот сервис BBC News .

Дека станува збор за непоткрепена информациј оценија и  хрватскиот сервис за проверка на фактите и борба против дезинформациите, faktograf.hr, како и босанскиот сервис raskrinkavanje.ba. Рецензии за разни дезинформации поврзани со коронавирусот може да се прочитаат и на страниците на „Критинк“ и на „Вистинонер“.

Во секој случај, со оглед на опасноста од болеста – досега според последните податоци на СЗО на светско ниво има регистрирано 48.196.862 случаи, од кои 1.226.813 се починати, јавноста како единствено меродавни треба да ги прифати мерките на здравствените власти, кои, пак, се во согласнот со препораките и советите  од СЗО. Истовремено, нужно е да  биде исклучително внимателна  кон лековитите совети кои се шират на социјалните мрежи, а за кои никаде и никогаш не е докажано дека со нивна примена може да се победи коронавирусот, или кој и да било друг вирус. Бидејќи, како што укажува BBC News, преголемата консумација на лук може да биде штетна, а тоа го покажал случајот во Кина кога една жена, следејќи ги ваквите надрилекарства, завршила  во болница со изгорено грло.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.