Македонија нема само осум респираторни машини (РЕАКЦИЈА!)

 

(За оваа рецензија добивме реакција од редакцијата на Makpress.mk, кои го објавија рецензираниот напис. Под рецензијата можете да ја најдете нивната реакција објавена речиси во целост со претходно договорени скратувања заради читливост. Оставаме на јавноста да изгради свое мислење)

 

[Рецензија: Македонија располага со 8 респираторни машини]

Фактот изнесен во насловот на текстот, дека Македонија има осум респираторни машини е невистинит, создава паника кај граѓаните и во состојба кога бројот на пациенти од коронавирусот се зголемува на дневна основа, претставува крајно непрофесионален начин на известување.

Линк до оригиналниот напис: Македонија располага со 8 респираторни машини

Датум и време на објавување:14.3.2020 00:17

Датум на рецензирање:15.3.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во текстот што го рецензираме, се пренесува изјава на министерот за здравство Венко Филипче, дадена на ТВ „Нова“ (од 3,28 до 4,45 минута од видеото), а во која тој одговара на новинарско прашање за медицинските и стручни капацитети за менаџирање на коронавирусот. Притоа, испуштена е една клучна реченица од неговата изјава и од тоа произлегува неточното информирање.

Имено, во самата изјава, тој вели дека има осум респираторни машини на Инфективната клиника, а не во цела Македонија.

Изјавата интегрално гласи:

Во овој момент имаме разработено еден акциски план за адаптирање и преадаптирање на капацитетите на Клиниката за инфективни болести. Тука има осум респираторни машини, кои се на располагање на пациентите. Немаме некој ризик дека немаме респираторна машина. Добивме задолжение од владата да набавиме дополнителни 50 дополнителни вентилатори кои ќе стигнат следната недела. Се спремаме да набавиме и дополнителни 50 доколку за тоа се јави потреба.

Оваа изјава на министерот Филипче во написот што е предмет на рецензија, не е доследно и прецизно цитирана. Кога се пренесуваат изјави тие не треба да бидат интерпретација, туку веродостојно пренесување на секој збор кажан од оној што ја дава изјавата. Токму тоа не е испочитувано во текстот. Прикажаната изјава воопшто не го содржи делот во кој министерот објаснува дека зборува за Инфективната клиника. Тој упатува смирувачки пораки во текот на целото интервју и во поглед на медицинскиот кадар и во поглед на бројот на респираторните машини.

Сепак, од насловот на текстот кој гласи: „Македонија има осум респираторни машини“, се добива впечаток дека капацитетите за справување со Ковид 19 се исклучително ниски. Ова предизвика огромна паника и недоразбирање.

Имајќи ги предвид спецификите на читателската публика на интернет, која е изложена на огромен број информации во кратко време и во различен формат, тоа што насловот е невистинит претставува уште поголем проблем. Насловите, во суштина, треба да се пишуваат како да се единственото нешто што некој ќе го прочита. Впрочем, многу е реално да се очекува дека публиката може да го прочита само насловот, па затоа тој не смее да биде мамка, нецелосен, полувистинит и слично. Треба да биде напишан така, што ако некој го прочита само насловот, сепак ќе биде точно информиран. Колку читатели го прочитале само насловот и воопшто не кликнале да ја прочитаат веста?

Секогаш, но особено кога се известува за состојби од значење за здравјето и животот на сите граѓани, неопходна е хируршка прецизност и фактографија. Медиумите и новинарите не смеат да си дозволат во насловот да дезинформираат зашто тој за голем број читатели е единственото нешто што ќе го прочитаат. Точниот наслов би гласел: Инфективна клиника располага со осум респираторни машини.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

 

 

РЕАКЦИЈА НА MAKPRESS.MK

Почитувани,

На вашиот сајт crithink.mk е објавена „наводна“ рецензија на текст од Makpress.mk објавен на 14.03.2020 година со наслов: „Македонија располага со 8 респираторни машини“. Истата е објавена и на proverkanafakti.mk.

Би сакале да реагираме на вашата „рецензија“ и да ви укажеме на неколку факти:

1. Никогаш не ни беше јасно како на вашиот медиум се наоѓаат само одредени портали, иако според последната листа на Државната изборна комисија во Република Македонија има некаде околу 250 регистрирани он-лајн портали на правно лице. И зошто голем број од тие портали, особено информативните, никогаше не биле предмет на ваша „критичка“ анализа?

2. Се колнете во „професионално“ новинарство, а пред да ја направите рецензијата воопшто не сме контактирани како медиум (иако сите наши податоци, официјални канали се јавно објавени на сајтот). Оттука сметаме дека е врв на непрофесионалноста да коментирате нешто од нашиот медиум а нас за тоа воопшто да не не консултирате или во најмала рака известите.

3. Знаеме дека пропагандата е пуштена на најјако и дека чесно и поштено си одработувате за истата, но ве молиме, преку вашите т.н. рецензии во време на вонредна состојба не ги доведувајте читателите во заблуда.

4. Ако постапевте професиолно и не контактиравте во врска со текстот ќе ви беа објаснети следниве факти

4.1 Текстот на макпрес е интегрално пренесен од МИА – медиумска информативна агенција.

Ако лаже МИА, лажеме и ние!

4.2 Истиот текст но со различен или сличен наслов е објавен во поголем број на медиуми!

4.3 Дали колешката Мирослава Бурнс им посочи на нејзините колеги во Слободен печат дека во текстот на линкот подоле со реченицата „Имаме осум респираторни машини за дишење, рече Филипче, кои се на располагање на пациентите.“ ја манипулираат јавноста или пак направи рецензија на текстот од Слободен печат наместо од макпрес? 

Не ни е јасно по кој критериум го одбравте макпрес да биде рецензиран кога и на сајтот локално.мк стои сличен наслов како нашиот! Или да претпоставиме зошто е тоа така? 

4.4 Се изведува заклучок дека со ваквите тенденциозни „рецензии“ сакате да влијате врз уредувачките политики на одредени медиуми или да им го намалувате нивниот авторитет и рејтинг кај читателите. Но тоа, ние како редакција која со минимални ресурси се труди максимално професионално да си ја тера работата, нема да го дозволиме!

5. Во однос на текстот насловот и интервјуто на министерот Филипче. Ако добро прочитате и го слушнете интервјуто како што тоа го наведувате во вашата непристрана „рецензија“ тогаш ќе сфатите дека министерот на прашањето на новинарот каква е ситуацијата во Македонија, одговара дека во моментов има 8 респираторни машини кои се лоцирани на инфективна клиника и дека дополнително треба да се набават 50 + 50. Но во ниеден момент не кажува бројка на респиратори во Македонија, па ние изведуваме заклучок дека респираторите на инфективната клиника се тие со кои што Македонија располага. А така богами сфатиле и МИА, Локално, ЦивилМедиа, Слободен Печат, само пак ќе повториме, они се коректни во пренесувањето а ние не сме! 

6. А ако бевте толку коректни или професионални, и ако во целост ги исполнувавте вашите основни и специфични цели, кои патем како што се напишани, не знаме како се поврзуваат со рецензија на текстови на медиуми кои не ви се омилени, тогаш во вашата рецензија ќе напишевте дека Министерот за здравство не одговори целосно на поентата на прашањето, како што подоцна на прес-конференција се потруди да го даде целосниот одговор, кој патем, во наслов (како што вие милувате да потенцирате дека насловот е многу важен) е потенциран и објавен на макпрес. Или па и со овој текст ги манипулираме читателите бидејќи некоректно известуваме дека не Северна Македонија, туку Македонија располага со толкав број на респиратори!

– 90 респиратори има во Скопје, вкупно 120 во Македонија

7. А дотогаш, бараме од Вас повлекување на тендециозната „рецензија“ за текстот на макпрес објавен на Вашата страна (како и на provеrkanafakti.mk или некој друг медиум до кои ги дистрибуирате вашите „професионални“ рецензии) поради наведените факти или објавување на нашата реакција во целост. Во спротивно, подготвени сме да да ги рецензираме Вашите „рецензии“ па на читателите да им стане јасно во која насока и за чија цел служат истите. Притоа напоменуваме, тоа ќе го правиме доброволно, без да бараме странски грантови.

8. Со оглед на тоа што на Вашата страна стои дека проектот е финансиран од Европската Унија, нашата реакција ќе биде испратена и до седиштето на Европската Унија во Македонија, со цел информирање за вашите тенденциозни и непрофесионални „рецензии“ со цел намалување на рејтингот и угледот на порталот Makpress.mk кај читателите.

Со почит,

Редакција на Makpress.mk