Во фејсбук–пост каде што се линкува текст до наводни документи за укинување на Катедрата по македонски јазик и јужнословенски јазици на Филолошкиот факултет при УКИМ, изнесени се манипулативни тврдења, демантирани од страна на самата раководителка на катедрата, професорката Искра Пановска-Димкова.
Претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев, и професорката Јасна Котеска биле во право дека на Филолошкиот факултет Блаже Конески постои документ во кој се најавува промена на структурата на предметите со кој ќе исчезнат имињата на двете катедри кои се занимаваат со македонскиот јазик и книжевност. Во документот до кој дојде expres.mk се предвидува токму тоа што го објавија професорката Јасна Котеска и претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев. Денеска, во очекување на реакција на деканката Анета Дуческа која го напишала документот го објавуваме датумот на заведување и деловодниот број под кој е заведен документот во кој се предвидува укинување на двете “македонски” катедри на Блаже Конески, се тврди во текстот.
Во него изнесен е само деловодниот број и датумот на заведување од документот, без да може да се види неговата содржина.
Ирена Цветковиќ, која дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет, на „Фејсбук“ објави дека, всушност, не станува збор за никакво укинување и забранување на Катедрата за македонски јазик, туку дека посочениот документ, чиј деловоден број е заведен во текстот што го рецензираме, е програма за избор на декан во која стои предлог-програма за реорганизација.
Претседателот на МАНУ лаже дека се укинуваат катедри на Филилошки. Го фаќаат во лага. Се извинува и продолжува да лаже…
Posted by Irena Cvetkovik on Friday, March 5, 2021
Реорганизацијата не значи укинување.
Проф. д-р Искра Пановска-Димкова од Филолошки факултет „Блаже Конески“ појаснува дека укинување на Катедрата за македонски јазик не постои како план и никогаш не постоело.
Таа пишува:
Катедрата по македонски јазик и јужнословенски јазици постои, а и понатаму ќе постои, но некогаш се надевам дека ќе почне конечно да се вика чисто КАТЕДРА ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, и немало и нема никакви обиди за нејзино укинување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Во таа смисла, никој не „ретерирал“ (демек ќе се самоукинувавме, ама Коцарев нѐ освести). Не! И кога ќе се види дека Катедрата и натаму си постои и работи како и досега (се надевам во иднина без јужнословенските јазици), со полна пареа, немој некому да му текнало да каже или да помисли дека за тоа е заслужен Коцарев и свитата. Тоа би било спин од најдолен карактер. А кога некогаш Катедрата ќе се вика Катедра по македонски јазик, тогаш на виделина ќе излезе дека овој напад бил единствено во функција на одбрана на статусот на ЈУЖНОСЛОВЕНСКИТЕ ЈАЗИЦИ (или пак на ЈУЖНОСЛОВЕНСКИТЕ КНИЖЕВНОСТИ кај Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности). Патем, за неупатената но загрижена јавност, да бидеме прецизни во изразувањето, катедрата се вика Катедра за македонски јазик и јужнословенски јазици и со таквиот назив од осамостојувањето на Македонија досега е рангирана подолу од, на пример, Катедрата за албански јазик и книжевност, Катедрата за турски јазик и книжевност, Катедрата за германски јазик и книжевност, Катедрата за англиски јазик и книжевност и така натаму, зашто на овие катедри се изучува ЕДЕН јазик и ЕДНА книжевност.
Спорната за јавноста Програма за избор на декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, објавена лани ова време, а дури сега измолкната од архивите (?!), оставам деканката самата да ѝ ја образложи на јавноста, нека заздрави од ковидот прво. Но, во програма за декан се даваат структурни идеи, визии – како празна матрица, која потоа детално се полни со податоци, студиски програми, предметни програми, за потоа на неколку наврати да помине низ три тела (одобрување од Катедра, од Деканатска управа, и најважно, на крај одобрување со гласање од страна на Наставно-научниот совет на Факултетот). Структурирањето во оддели е одамна завршена работа на факултетите во светот и во земјите од соседството. Така што дали ќе бидат 5 оддели или не, дали Катедрата по македонски јазик и јужнословенски јазици ќе биде една од единиците на Одделот за лингвистика, на пример, или ќе биде една од единиците на одделот Македонистика, ќе дискутира Факултетот, но Катедрата ќе постои како што постоела и досега. Јас лично ќе се залагам за следново: Катедрата за македонски јазик (без делот јужнословенски јазици) заедно со Катедрата за македонска книжевност (без делот јужнословенски книжевности) да му припадне на Одделот за македонистика.
Значи, документот не утврдува укинување на катедрата за македонски јазик.
Како што веќе пишувавме, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Љупчо Коцарев, на 26 февруари изнесе тврдење во коешто наведе дека ќе се укинуваат катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност.
Настапот на Коцарев предизвика лавина деманти и реакции од Катедрата за македонски јазик и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Шеснаесет професори од факултетот се потпишаа на отворено писмо со кое го демантираат Коцарев, по што тој ретерира, односно рече дека му е драго што катедрата нема да се укине.
Рaководителката на Катедрата за македонски јазик, Искра Пановска-Димкова, реагира дека станува збор за чиста измислица.
Со оглед на тоа што во програмата за избор на декан, која што е објавена, не се пополнети студиските програми, предметните програми, за потоа во неколку наврати да помине низ три тела (одобрување од Катедра, од Деканатска управа, и најважно, на крај одобрување со гласање од страна на Наставно-научниот совет на Факултетот), оценуваме дека е манипулација тврдењето дека имало обид да се укине катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.