Видео, кое натежнува од конспирации, заговара бојкот на вакцинацијата

Видеото што се споделува на социјалната мрежа „Фејсбук“ претставува општа какофонија од различни конспирациски теории, изнесени без докази, како, на пример, дека имало план за детонирање на атомски бомби. Целта е да се разниша довербата на граѓаните во вакцините и, генерално, во начинот на кој светот се справува со ковид-кризата

Рецензираме видеоматеријал снимен во живо, во којшто гостин на самонаречениот „дигитален војник“, му е лидерот на Републиканците од Србија, Никола Садуловиќ. Видеото е посветено на темите за „длабоката држава“ и, како што ја нарекуваат, лажната ковид-пандемија, а соговорниците се претставуваат како борци за вистината и доброто против злото.

Кратко пребарување на интернет-пребарувачот „Гугл“ открива дека Никола Садуловиќ, едниот од соговорниците, бил апсен на 29 март 2020 година и тоа за ширење лажни вести и попречување на борбата со пандемијата со корона-вирусот.

Осомничен е за предизвикување паника и нереди, попречување на правдата и спречување на службени лица во извршување на службени задолженија, се наведува во извештајот за приведувањето.

Притоа, се додава дека се товарел за попречување на мерките за борбата против корона-вирусот, се заканувал со насилство кон полициските службеници, кои преземале дејства во делокругот на своите овластувања. Објавен е и видеоматеријал од приведувањето на следниот линк.

Но, наместо да го каже ова, Садуловиќ во видеото објаснува дека „бил киднапиран од маскирани разбојници минатата година со значки и без налог за апсење“. Од видеоматеријалот погоре се гледа дека тој, всушност, бил приведен од органите на прогонот на Србија.

Во видеоматеријалот што го рецензираме разговорот трае околу 35 минути и изнесени се дезинформации и манипулации. Соговорниците се обидуваат да создадат атмосфера во којашто самите себеси се претставуваат како спасители и борци за доброто против злото. А, злото, како што наведуваат, е наводната групација „длабока држава” – интернационална влада во сенка, која со корона-пандемијата цели масовно да го депопулира населението во светот!

Садуловиќ изнесува непроверливи податоци за кои нема докази, на пример дека оваа длабока држава сакала да активира атомски мини-бомби, кои би довеле до светски хаос. Досега во светот никаде не се активирани такви атомски бомби, ниту, пак, е потврдено дека постојат, освен во фантазерскиот наратив, кој го следи целото видео.

Освен тоа, медиумите се обвинуваат дека се поттикнувачи и поддржувачи на наводен информативен мрак (од 22,09 мин. до 22,24 мин. од видеото).

Медиумите ја цензурираат вистината. Станува збор за синхронизиран напад на нашиот здрав разум. Треба да одговараат за сето ова што ни го прават, мора да се бара одговорност од медиумите, вели Садуловиќ, без да наведе што точно медиумите кријат.

Ниедно вакцинирање не може да нè спречи во нашата света мисија за вистината, продолжува Тој на 24.17 мин., додавајќи дека тој е војник против „сатанистичките слуги“.

Понатаму во видеото тој тврди (25.27 мин.):

Вакцинацијата ќе се одрази прво на медицинските работници, војската и полицијата, трите столба на државата. И кога тие три столба ќе се поткопаат, ќе се разнебити системот. И тоа се случува. Замислете Србија е прва во Европа по бројот на вакцинирани.

Нејасно е зошто да се биде прв во Европа по бројот на вакцинирани граѓани против ковид-19 е нешто неповолно, но да се тврди дека со вакцинацијата на војската, полицијата и здравствените работници се разнебитува државата, едноставно е непоткрепено тврдење и замена на тези.

Токму поради тоа што војската, армијата и медицинските работници се столбот на државата, токму затоа и добиваат приоритет во вакцинирањето насекаде во светот, вклучително и во С. Македонија, каде со 4 илјади вакцини од „Фајзер“ почна имунизацијата и тоа баш од медицинските работници, кои работат во ковид-центрите. Со тоа, всушност, се штитат самите здравствени работници, а не се разнебитува државата, како што нафрла Садуловиќ.

Тој понатаму прашува (26.39 мин.):

Зошто сè поголем број од заразените се вакцинирани, а пред тоа немале симптоми?

Не е точно дека сè поголем број од заразените се разболеле по вакцината. Вакви податоци не се наоѓаат никаде на интернет. Сепак, точно е дека за да се создаде имунитет од вакцината на „Фајзер“ се потребни 3 недели.

Тоа значи доколку некој се вакцинира, мора да ги почитува мерките и во наредните три недели по вакцинацијата, додека да се создадат антитела. Точно е дека во тие три недели може да се случи зараза со корона-вирусот, но вакцината штити од тешката форма на ковид-19 и од смртниот исход, што е многу важно и оди токму во спротивна насока на наводниот измислен план за „депопулација на планетата“.

Институтот „Батут“ од Србија на следниот линк објаснува дека попуштањето на мерките во оваа земја ќе биде можно 3 до 6 месеци по почетокот на вакцинацијата, со задршка дека од досегашните клинички испитувања не се знае колку време трае имунитетот од вакцината, како ни антителата по прележан ковид-19. Тоа е предмет на истражување.

Садуловиќ продолжува со конспирациите (27.22 мин.):

Спасив илјадници животи со пишувањето за контаминирани маски и лажни тестови.

Маските, всушност, штитат така што ги блокираат капките од заразеното лице, главно на оддалеченост до два метра, да стигнат до друго лице и да го инфицираат. Затоа се препорачува нивно носење. Не може да се провери за какви лажни тестови зборува Садуловиќ. Меѓутоа, корона-вирусот се открива со ковид ПЦР-тест, кој претставува златен стандард. Некои лаборатории во Македонија веќе прават и диференцирање на различни мутации на корона-вирусот, за да се утврди присуството на неколку варијанти: британската мутација (B.1.1.7), јужноафриканска мутација (B.1.351) и бразилската мутација (B.1.128 P.1).

Садуловиќ продолжува со совите теории на заговор (27.39 мин.):

Бог ме сочува да преживеам труење со бојни отрови. Зошто Меркел ги узурпира слободите со воведување ковид-пасоши додека Европската комисија (ЕК) укажува дека никој нема право да ја ограничи слободата на движење. Вашите човекови права се загрозени.

Но, ова не е точно.

Дигиталниот зелен пасош треба да им го олесни животот на Европејците. Целта е постепено да им се овозможи безбедно да се движат во Европската унија или во странство за работа или туризам, објави претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен.

Секоја држава посебно одлучува дали и каков вид заштита за своите граѓани ќе побара и ќе воведе.

Глобалната алијанса за вакцинација ГАВИ објаснува дека имунолошки пасош е официјален документ, кој потврдува дека индивидуата што била инфицирана со корона-вирусот е имуна на него.

Теоријата е дека со обезбедување доказ за позитивен, а потоа за негативен тест, лицето кое претходно било болно од ковид-19 се очекува дека развило противтела или други форми на имунолошка меморија за да ги заштити да се разболат повторно, се вели во документот на ГАВИ.

Ова може да им даде на луѓето поголема слобода да патуваат и да се социјализираат, да влезат во земји каде можат да докажат дека оздравеле од ковид-19. На оваа страница се тврди дека Унгарија вовела политика дека луѓето може да влезат во земјата ако докажат дека оздравеле од ковид-19. Исланд планира слична политика. Грција веќе почна да го издава овој пасош, во вид на потврда. Менување на тезите е дека патувањата ќе бидат забранети. Напротив, самите држави ќе решат под кои услови ќе го регулираат влезот во земјата и функционирањето на бизнисите по пандемијата.

Видеото што го рецензираме претставува општа какофонија од различни конспирациски теории, изнесени без докази, како, на пример, дека имало план за детонирање на атомски бомби. Целта е да се разниша довербата на граѓаните во вакцините и пошироко во начинот на кој светот се справува со ковид-кризата.

Па, имајќи ја предвид целата оваа аргументација, видеото го оценуваме како невистинито.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.