Манипулација со стапката на смртност од коронавирусот

[Рецензија: Поразителна статистика за Македонија: Хрватска ја објави стапката на смртност од коронавирусот во регионот и ни покажа колку “блескаме“]

Смртноста во време на епидемија зависи од многу фактори. Зависи од типот на вирус што ја предизвикал пандемијата, од начинот на кој тој се шири, но и од карактеристиките на самите луѓе. Па, така истражувањата за коронавирусот покажуваат дека поголема опасност доколку се заразат има кај постарите луѓе и оние со хронични болести.

Линк до оригиналниот напис: Поразителна статистика за Македонија: Хрватска ја објави стапката на смртност од коронавирусот во регионот и ни покажа колку “блескаме“

Датум и време на објавување: 10.4.2020

Датум на рецензија: 13.4.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Стапката на смртност, всушност, преставуваа сооднос меѓу бројот на смртни случаи и бројот на регистрирани заболени. Смртноста за време на коронавирусот зависи и од менталитетот на луѓето, мерките кои ги презема системот, дисциплината при почитување на препораките, како и подготвеноста на здравствените капацитети за прием и третман на заболените.

Ова значи дека има премногу варијабли и дека самата бројка за смртност не значи дека нешто 100% не функционира или функционира.

Текстот што е предмет на оваа рецензија е половичен. Во него се изнесени податоци за стапката на смртност во регионот, но како единствен извор се наведени хрватски медиуми без никаков линк до тие медиуми. Ваков текст е објавен на хрватски „Н1“. Меѓутоа и во текстот објавен на „Н1“ како извор се наведуваат: „службени податоци од денешниот ден“, без притоа да се посочи која институција ги овозможила. Тоа значи дека не можеме да бидеме сигурни дека овие бројки се точни.

Дури и бројките да се точни, тие покажуваат дека во регионот стапката на смртност од оваа болест е горе долу слична без драстични отстапувања, иако земјите преземаат слични, но сепак не целосно исти мерки во борбата против зголеменото ширење на вирусот кај населението и спречување на експоненционален раст на кривата.  Разликите во стапките на смртноста во регионот не се од таков формат за да може саркастично и манипулативно да се тврди дека Македонија „блеска“, односно дека статистиката е поразителна за нашата држава.

Исто така, текстот објавен на „Курир“ е само делумно преземен од „Н1“. Во оригиналниот текст има табела со десетте земји со најголема стапка на смртност во светот. Нешто што во текстот на „Курир“, намерно или не , е изоставено .

Инаку, според податоците од универзитетот Џонс Хопкинс од Балтимор (заклучно со 12.04.2020), највисока стапка на смртност има во Италија – 12,8% потоа следува Велика Британија со стапката на смртност е 12,4%. Белгија е на третото место со просечна стапка на смртност од 11,9% од случаите, потоа Холандија со 10,8%/

Италија има висока стапка на смртност, а како една од причините се наведува возраста на луѓето односно повисокиот процент на постари лица кои живеат во северниот дел на Италија. А, токму постарите лица се ризична категорија.

Па, така ако во една држава се заразат повеќе помлади луѓе, а помалку постари, стапката на смртност ќе биде помала. Но, во друга земја дури и помалку луѓе да се заразат, а тие да се над 65 години, ќе има повеќе смртни случаи.

Истото важи и со хронично болните. Што повеќе заразени кои имаат претходни хронични болести, тоа ризикот за висока стапка на смртност е поголем.

Лошо е да се манипулира со бројки, особено со тие за смртност, додека сè уште трае епидемијата и ситуацијата се менува од час во час. Лесно е да се донесе заклучок и со него сензационалистички да се манипулира, но треба да се биде особено внимателен во вакви ситуации. Бројките сами по себе не мора да значат нешто доколку не се земат предвид сите околности поврзани со ситуацијата.

Конкретни и точни заклучоци поврзани со овој нов вирус може да се извлечат дури откако ќе помине пандемијата и ќе се направат објективни научни истражувања на оваа тема поткрепени со цврсти докази.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.