[ВИДЕО: Мапа за поделба на Косово, ја објави ЦИА]
Сензационалистички текст за чувствителна тема кој изнесува тврдење без да понуди докази или какви било податоци што можат да ја потврдат веродостојноста на напишаното. Текстот е чиста шпекулација во која се злоупотребува името на една од најголемите служби во светот – Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Линк до оригиналниот напис: Мапа за поделба на Косово, ја објави ЦИА
Датум на објавување: 20.12.2019
Датум на рецензија: 22.12.2019
Рецензира: Симона Атанасова
Билатералниот спор помеѓу Србија и Косово е спор помеѓу две држави на кој не му се наѕира решение во блиска иднина и покрај дијалогот што го водат двете земји со посредство на Европската Унија.
Размена на територии помеѓу двете држави е едно од можните решенија за спорот, за што во изминатиот период беа искажани многу шпекулации и дезинформации.
За властите во Србија и Косово ова е прашање со најголема чувствителност, па затоа нивните изјави во однос на ова решение речиси секогаш се претпазливи. Високи претставници на земји членки на ЕУ досега неколкупати истакнале дека се против вакво решение за билатералниот спор, а официјален Вашингтон не е против оваа идеја ако тоа се изведе мирно.
Медиумот што го објавил овој текст тврди дека постои конкретен план на ЦИА за размена на територии со конкретни локации и граници. Притоа не нуди никаква потврда.
Нема никаква изјава од официјални лица претставници на ЦИА дека овој план е реалност. Иако во насловот се тврди дека мапата ја објавила ЦИА, такво нешто нема на нивната веб-страница или на кој било официјален комуникациски канал на Агенцијата. Не е побаран ниту став од официјални лица од Србија и Косово да го потврдат или негираат планот за размена на територии што наводно го смислила ЦИА.
Написот, всушност, се базира на авторски текст на поранешниот шеф на ЦИА за Балканот, Стивен Мајер, објавен во српски „Недељник“. Тој во текстот ја истакнува оваа идеја, која е негово лично мислење, а не на ЦИА. Никаде во својот текст тој не вели дека ваквата размена на територии е план на ЦИА. Фактички, тој не го истакнува првпат овој свој план, туку тоа го правел во неколку наврати порано. Така што, оваа информација не е ниту нова ниту ексклузивна.
Фотографијата што е искористена за илустрација на текстот, исто така, е проблематична. На неа е претставена мапа со наводниот план на ЦИА за размена на територии, а до мапата во нејзина големина е закачено логото на ЦИА, што делува манипулативно.
Но, за да може да му се верува на текстот, тој, пред сè, треба да има прецизни извори, а не да се базира на чиста шпекулација, која има цел само да ги разгори страстите на читателите и да собира кликови и коментари на социјалните мрежи.