Марк Закерберг не бил уапсен, туку носел алка на глуждот против напад од ајкули

За алката која Закерберг ја носи на  глуждот на ногата, медиумите веќе известија дека станува збор за ножна алка којашто треба да ги брка ајкулите да не дојдат во контакт со директорот на Фејсбук додека тој се рекреира на Хаваите. Електричната алка која ја носи тој, испраќа електрични зраци кои ајкулите не ги толерираат, што значи дека ќе бидат на растојание од било кој што ја носи оваа алка

 

Рецензираме пост на Фејсбук, во којшто се изнесени информации кои се однесуваат на основачот и на извршниот директор на Фејсбук Марк Закерберг, а кои не се вистинити. Се тврди дека тој бил уапсен во Гвантанамо, контроверзниот затвор во Куба кој, инаку, американската администрација размислува да го затвори.

Марк Закерберг (шеќерна планина) сопственик на Фејсбук. Фотка од Гвантанамо, затвор за осудени за злодела против човештвото. На десната нога, алка со Џи Пи Ес, кодна ознака уапсен, се вели во постот кој го рецензираме.

Во склоп на постот објавени се две фотографии на кои се гледа Закерберг во вода, во костим за нуркање. На втората фотографија зумиран е делот на неговиот глужд и таму се гледа алка. Меѓутоа, медиумите веќе известија дека станува збор за ножна алка којашто треба да ги брка ајкулите да не дојдат во контакт со директорот на Фејсбук додека тој се рекреира на Хаваите. Електричната алка која ја носи тој, испраќа електрични зраци коишто ајкулите не ги толерираат, што значи дека ќе бидат на растојание од било кој што ја носи оваа алка.

Закерберг честопати им бега на папараците, кои го наоѓаат дури и на најинтимните патувања каде се обидува да се релаксира далеку од очите на јавноста, како што е и овој случај на Хаваите. Овие фотографии се снимени на крајот од мај годинава. Лани во јули, пак, од него се појавија фотографии на кои е прекриен целосно со крем за сончање, за да избегне папараците да го препознаат.

Алката која Закерберг ја носи на фотографијата е од производителот ШаркБанз и се продава за 84 долари. Во описот на алката се тврди дека е дизајнирана за атлети, професионалци во марина, со патентирана магнетска технологија развиена од морски билози за да се спречат нападите на видовите ајкули кои напаѓаат луѓе додека тие се на плажа или додека сурфаат.

ШаркБанз технологијата е верифицирана од независна аналитичка група на престижната школа на Coastal Carolina University. Алката не користи батерии и секогаш е вклучена, не се полни, има универзална големина, односно може да ја користат сите повозрасни од 5 години, безбедна е ако патувате со авион, тежи околу 100 грама и има гаранција од 1 година.

Поради сето горенаведено, оценуваме дека е дезинформација дека основачот и извршен директор на Фејсбук Марк Закерберг бил уапсен во Гвантанамо и носел алка за следење на затвореници.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.