Медицинската сестра, која се онесвести по вакцинирањето против ковид 19, не е почината!

Во вирален фејсбук-пост, споделен над 120 пати, лажно се тврди дека медицинската сестра од американската држава Тенеси, која што се онесвести по примањето на вакцината на „Фајзер“ против ковид-19, наводно починала. Меѓутоа, таа не само што не е почината туку и онесвестувањето по примањето на вакцината не е поврзано со самата вакцинација, туку со медицинска состојба што таа ја имала подолго време и која честопати придонесувала да ја губи свеста.

Станува збор за медицинската сестра Тифани Довер, која се онесвести на телевизиска прес-конференција по само 17 минути откако ја прими вакцината против ковид-19. Таа зборуваше зошто е важно здравствените работници да се вакцинираат. По неколку дена, таа изјави дека има синдром што предизвикува да се онесвестува кога и да почувствува болка, додавајќи дека не е скептична за вакцината и оти не е загрижена за нејзините несакани последици. Голем дел од медиумите и новинарите од светските новински куќи коментираа дека не е добра идејата изјави на телевизија да дава медицинска сестра за која е познато дека има склоност кон онесвестување откако ќе почувствува болка, затоа што тоа може да доведе до погрешен контекст, односно луѓето погрешно да заклучат дека онесвестувањето има некаква врска со вакцинацијата, што не е случај. Синдромот што го има Довер се вика Vasovagal Suncope, име кое е дадено за да се опише ненадејно онесвестување од тригери како болка, игли, дехидратација или глад.

Меѓутоа, во постот што го рецензираме и го оценуваме како невистинит, ниедна од овие информации кои подобро може да го објаснат контекстот, не се наведени! Само се наведува дека медицинската сестра изгубила свест во директниот телевизиски пренос по вакцинирањето со вакцината на „Фајзер“.

Освен тоа, Центарот за контрола и превенција на болести посочува дека добиле извештаи за луѓе што се онесвестуваат по речиси секоја можна вакцина.

Но, постот кој го рецензираме оди и чекор понатаму, лажно тврдејќи дека Довер починала. Медиумите веќе објавуваат дека ова не е вистина, повикувајќи се на твит од болницата во кој се информира јавноста дека таа е добра и жива.

Болницата (CHI Memorial Hospital) потврди дека Довер е добро и жива. Медицинската сестра Тифани Довер се заблагодарува за загриженоста за нејзиното здравје. Таа е дома и е добра. Таа бара приватност за себе и за нејзиното семејство, напишаа од болницата.

 

Покрај ова, на 21 декември на „Твитер“ се појави и краток видеоклип во кој се гледа сестра Тифани опкружена со своите колеги од болницата:

 

 

Оттука, ниту е вистина дека Довер се онесвестила поради вакцината на „Фајзер“ ниту е вистина дека починала по примањето на вакцината.

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.