Меѓу дезинформациите поврзани со корона-вирусот, кои минатата недела се споделуваа на социјалните мрежи, е и таа дека јавното вакцинирање во Велика Британија, снимено од медиумите, е инсценирано и лажно, бидејќи иглите исчезнувале. Вистината е дека не станува збор за никаква безжична вакцина, ниту, пак, за игла што исчезнува, туку за вакцинирање со безбедносен шприц, кој по инјектирањето на вакцината ја повлекува иглата внатре во шприцот
Во објава на социјалната мрежа „Фејсбук“ споделено е видео за кое се тврди дека покажува медицинско лице како дава вакцина за ковид-19 во Велика Британија, која, наводно, е „безжична“, односно има „игла што исчезнува“. Ова е лажно тврдење.
„Глумциве“ за на ТВ ги вакцинираат со wireless вакцина !!!
Наградно прашање: Каде е иглата?
Видеото е дел од прилог на „Би-би-си“ и е автентично, но e искористено за манипулација чија цел е да се изгуби довербата во процесот на вакцинирање против корона-вирусот, да се докаже дека вакцините се лажни и оти јавните вакцинирањa се исценирани.
Вистината е дека не станува збор за никаква „безжична“ вакцина, ниту, пак, за игла што исчезнува, туку за вакцинирање со безбедносен шприц, кој по инјектирањето на вакцината ја повлекува иглата внатре во шприцот. Ова го потврдува и проверката на факти која ја направиле од „Би-би-си“.
Вакви безбедносни шприцови се користат како сигурносни мерки за да се заштитат медицинските работници случајно да не се боцнат од иглите кои може да бидат инфицирани со болести како хепатитис и ХИВ. Вакцинирањето преку вакви шприцеви е одобрено од Светската здравствена организација, се користи подолг период, нема никакво влијание врз количината на вакцина што некој ја прима и не се разликува од вакцинирањето со традиционална игла.
Исечокот од прилогот на „Би-би-си“ предизвика корисници на социјални мрежи како во Велика Британија, така и кај нас, погрешно да ги толкуваат снимките и да создадат лажен наратив дека здравствените работници, всушност, не вакцинираат вистински.
Ако некој сака да исценира вакцинирање, сигурно нема да ризикува да користи „безжични“ шприцеви или „игли што исчезнуваат“. За да изгледа пред камери – на телевизија, дека некој примил вакцина, а не сака вистински да ја прими, тоа може да се направи со инјектирање на витаминска инјекција и никој да не се посомнева.
Но, јавното вакцинирање, особено на политичарите и лицата кои имаат некакво влијание врз јавното мислење, се прави со цел јавноста да стекне доверба во процесот на вакцинирање како единствен начин да се стави под контрола епидемијата и ширењето на корона-вирусот. Никој што прифатил јавно да се вакцинира, не би го ризикувал процесот, а притоа и својот интегритет, за да ја доведе јавноста во заблуда.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.