Морбидно и невистинито е тврдењето изнесено во постот што го рецензираме и го оценуваме како целосно невистинит, дека дежурните доктори во ковид-центрите одлучуваат „кого ќе го убијат, а кој ќе преживее“, за што лажно се посочува и дека има некаква „норма“.
Во оваа објава, која е исклучително вирална – има 264 споделувања во моментот кога е пишувана оваа рецензија, се тврди:
ЛУЃЕОД КОВИД ЦЕНТРИТЕ НИКОЈ ЖИВ НЕ ИЗЛЕГОЛ ТАМУ НЕ ВЕ НОСАТ ДА ВЕ ЛЕКУВААТ ТАМУ ПАЦИЕНТИТЕ ГИ НОСАТ ДА ГИ УБИВААТ. ДЕЖУРНИОТ ДОКТОР ОДЛУЧУВА КОЈ КЕ ПРЕЖИВЕЕ КОГО КЕ ГО УБИЕ,НОРМАТА МОРА ДА СЕ ИСПОЛНИ.исповед на една медицинска сестра од ковид центарот
Да се изнесуваат лажни тврдења дека одењето в болница е залудно и оти таму некој извршува убиства по пат на селекција, претставува загрозување на јавното здравје и претставува опасност да се обесхрабрат граѓаните да не се пријавуваат во болница дури и со сериозни влошени симптоми од корона-вирусот.
Во прилог на тоа дека изнесените тврдења се невистинити оди и фактот што тие се од анонимен извор, комплетно нефокусирани на одредена здравствена установа и сосема паушални.
Невистинито е и тврдењето дека од ковид-центрите не излегол никој жив. Последната статистика на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрира 55.174 оздравени пациенти од почетокот на пандемијата. Од нив дел биле хоспитализирани на ковид-одделенијата ширум земјата. Дел од пациентите што биле хоспитализирани во овие одделенија, по излегувањето од болница и успешното лекување, даваат свои сведоштва за болничкиот третман и односот на медицинскиот кадар, лекарите и сестрите.
Сузана Латкоска за Радио „Слободна Европа“ ја даде следната изјава за своето болничко лекување во кумановската болница:
„Многу сум пријатно изненадена од односот со секој пациент. Стрпливи и внимателни се дури и новите што работат. Мислам дека минатата недела бевме 70 и со сите таков коректен однос уште повеќе ме прави благодарна до Инфективното одделение. Особено што се најдов во многу тежок период“, вели Латкоска и додава дека иако на вработените понекогаш им се забележува хроничната измореност, сепак се однесуваат како што тоа доликува на нивната професија.
Оваа изјава е само едно сведоштво од излекуван пациент кој бил на болничко лекување и си заминал дома жив.
Ноторна невистина и измислица е наводното сведоштво дека лекарите во болниците селектираат кој ќе преживее, а кој нема. Бројот на излекувани пациенти споредено со бројот на починати е далеку поголем. Од почетокот на пандемијата починале 2.314 пациенти, а бројот на оздравени е над 55 илјади. Според соопштението на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во кој се слеваат сите податоци за епидемијата со корона-вирусот во земјава, вкупно од почетокот на болничко лекување биле примени 6.936 заболени од ковид-19. Тоа значи дека оваа бројка на хоспитализирани лица е над три пати поголема од бројот на починатите. Се разбира, не секој починат од ковид 19 бил хоспитализиран и починал во болница на крајот од хоспитализацијата. Некои починале во своите домови и никогаш не биле хоспитализирани. ИЈЗ во ова соопштение известува и дека „114 од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а 2.170 починале за време на хоспитализација“. Ова значи дека од вкупно 6.936 заболени од ковид-19, а кои биле на болничко лекување, 2.170 починале на крајот од хоспитализацијата, односно 31,3 отсто што претставува помалку од една третина од хоспитализираните пациенти. На крај треба и да се каже дека на болничко лекување се примаат најтешките случаи, оние на кои им е потребна постојана нега и примање терапија во болнички услови, но и покрај тоа здравствените работници успеаваат да спасат речиси 70 отсто од нив.
Освен што обвинува за кривично дело, постот негативно влијае врз довербата на граѓаните кон медицинскиот кадар и кон здравствениот систем, кој, иако е изложен на сериозни притисоци од големиот наплив на пациенти болни од корона-вирус, сепак функционира и е последната инстанца каде што се обраќаат најтешките случаи и пациентите со компликации дури и во животозагрозена состојба.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.