Смртта на славниот пејач и музичар Ѓорѓе Балашевиќ беше главна тема во медиумите од сите поранешни југословенски републики. Балашевиќ почина како последица на силна пневмонија предизвикана од корона-вирусот. Ова е информацијата што ја пренесоа сите српски медиуми, а која секако беше пренесена и кај нас. Но, една од македонските национални телевизии направи грешка, намерна или ненамерна, којашто ги разбуди антиваксерите и во јавноста побуди дебата: дали вакцините против ковид-19 се штетни или не?
Пишува: Ана Анастасовска
За што точно станува збор?
Tелевизија „Телма“, во веста за смртта на Балашевиќ објавена на 20.2.2021 година, меѓу другото, извести дека тој починал три дена по примањето на првата доза од вакцината против ковид-19.
Три дена по хоспитализација во болницата во Нови Сад, откако ја примил првата доза на вакцина против ковид, Балашевиќ почина како последица на силна пневмонија, имаше 68 години.
Подоцна, веста беше сменета, односно беше тргнат делот во кој се вели дека починал откако ја примил првата доза од вакцината против ковид-19.
Три дена по хоспитализација во болницата во Нови Сад, Балашевиќ почина како последица на силна пневмонија предизвикана од корона-вирусот, имаше 66 години.
Веста архивирана може да се погледне тука. Видеото од прилогот на „Телма“ во кое новинарката посочува дека Балашевиќ починал три дена по примањето на вакцината, е тргнато веќе од јутјуб-каналот, но истото можете да го погледнете тука (3:40 минути).
Иако телевизијата брзо реагираше и ја поправи веста, штетата веќе беше направена.
Криците на антиваксерите
Имено, „Телма“, како сериозен и кредибилен медиум, стана главен аргумент на антиваксерите за штетноста од вакцините против ковид-19, кои на социјалните мрежи почнаа да бомбардираат со прашањата: Дали Балашевиќ умре од вакцината и зошто другите медиуми го кријат тоа?
И корисници на „Твитер“ почнаа да плетат мрежа околу смртта на Балашевиќ, повикувајќи се на веста на „Телма“, тврдејќи дека славниот музичар починал откако примил вакцина, дека вакцината против ковид-19 е штетна и сл. Имаше и такви што не поверуваа во ваквата информација, нагласувајќи дека Балашевиќ не примил вакцина.
Балашевиќ не примил вакцина. Неговата ќерка изјави дека згрешил што не се вакцинирал
— Z32U (@ZGrozdanovski) February 21, 2021
https://platform.twitter.com/widgets.js
На тврдењата дека Балашевиќ починал три дена по примањето на првата доза од вакцината, се приклучија и познатите докторки од Србија, гласните антиваксерки, Слаѓана Велков и Јована Стојковиќ.
Според Велков, веста на „Телма“ дека Балашевиќ починал откако ја примил првата доза на вакцината е цензурирана. Под нејзината објава на „Фејсбук“ може да се прочитаат коментари на поддршка, но и коментари од типот: „дај не тресете глупости“. Тврдењето на Велков дека медиумите кријат оти Балашевиќ починал од вакцината, беше тема на разговор и на твитерџиите.
Стојковиќ, пак, веста на „Телма“ ја поврза со нејзиното претходно тврдење дека во болницата каде што работи, многу луѓе ѝ доаѓаат со силна пневмонија откако биле вакцинирани против ковид-19. Па така, Стојковиќ сега вели и дека Балашевиќ починал откако развил пневмонија по примањето на вакцината.
Стојковиќ постојано е мета на критики во српските медиуми поради нејзините изјави во врска со пандемијата. Во една прилика таа изјави дека никогаш немала да носи „крпа“ на лице, а кога била преместена да работи во една од ковид-болниците, се фотографирала со заштитно одело, маска и визир. Откако луѓето почнале да ја потсетуваат на нејзината изјава, таа ги тргнала фотографиите од „Твитер“.
Ставовите на Велков и Стојковиќ во врска со пандемијата и вакцините беа предмет на проверка на сајтовите „Вистиномер“ и „Истиномер“.
Дали Балашевиќ почина од пневмонија или од вакцината против ковид-19, се праша и сајтот „Документарац.хр“.
Дали нашиот омилен кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ почина од нагли компликации поради запаление на белите дробови или неговата смрт е само една од небројните несакани реакции од примањето на експерименталната вакцина против ковид со која „мислиме“ на другите?, пишува „Документарац.хр“.
Сајтот на почетокот од статијата ги пренесува информациите од српските медиуми за смртта на Балашевиќ, а подолу ги објавува и текстот и прилогот на „Телма“, каде се спомнува дека Балашевиќ починал три дена откако ја примил првата доза од вакцината.
Не е јасно од каде „Телма“ ја доби информацијата дека Балашевиќ починал откако примил вакцина кога таква информација не беше објавена никаде. Таква информација немаше во српските медиуми, ниту, пак, во другите македонски медиуми. Вест дека музичарот починал откако се вакцинирал не беше никаде официјално објавена.
Очигледно е дека телевизија „Телма“ направила грешка, за која брзо станала свесна и ја поправила, но тоа не било доволно за да ги спречи теориите на заговор. Грешката на „Телма“ им даде поттик на антиваксерите, кои постојано трубат за штетноста на вакцините, да можат уште посилно да удрат по вакцините против ковид-19, секако повикувајќи се на кредибилноста на оваа телевизија. Ваквите теории на заговор против вакцините, сајтот за проверка на факти „Вистиномер“ ги има дебанкирано во неколку наврати.
За еден медиум, кредибилен и сериозен, е особено важно да внимава што објавува и од кои извори ги црпи своите информации, затоа што една непромислена грешка може да нанесе огромна штета на работи кои се од јавен интерес, како што е во случајов процесот на вакцинација против ковид-19.