Статус на социјалните мрежи не претставува вест

Пренесувањето статус од социјалните мрежи не претставува вест. Доколку се случи статусот на некој поединец на социјалните мрежи да има елементи за да стане вест, новинарот треба да ја дополни содржината на веста со дополнителни информации и да му ја објасни на читателот причината за веста. Текстот што го рецензираме нема ниту еден елемент за да се нарече вест и не претставува јавен интерес. Но, постои интерес за зголемување на бројот на кликнувања со бомбастични наслови.

Линк до оригиналниот напис: Командант Барути: „Фатима Фетаху Алах да те уништи…“ 

Датум на објавување: 24.2.2021

Датум на рецензија: 4.3.2021

Рецензент: Шефкије Аласани

 

Сензационалистички наслов

Новинарскиот производ има сензационалистички наслов, бидејќи на јавноста ѝ се претставува како „интересна“ информација, поттикнувајќи емоции кај луѓето.

„Командант Барути: „Фатиме Фетаху Алах да те уништи…“, се вели во насловот на написот што го рецензираме.

Анонимниот новинар, како наслов на објавениот новинарски производ, зел дел од реченица од статус на социјалните мрежи, којшто ни го претставува како вест. Веста има над 1.500 реакции на социјалните мрежи, вклучително и над 260 коментари и над 60 споделувања.

Реакции

Повикување на емоции

Преку реченицата којашто е избрана да се користи како наслов, авторот ја манипулира јавноста со феноменот „Повик на емоции“. Овој феномен во прирачникот за Неформално образование на „Критинк“, е дефиниран како: „Склоност да се користи говор базиран на убедување наместо факти, со цел да се разбудат емоции кај соговорникот и да се победи во дискусијата“.

Насловите со три точки, кои му дозволуваат на читателот да подразбира погрешни работи, не се својствени за професионалните медиуми и новинари. Таквите постапки треба да бидат осудени и таквите медиуми не треба да одземат ничиј простор и време. Читателите треба да бидат внимателни и да ги избегнуваат ваквите наслови и медиуми.

 

Етички кодекс

Медиумскиот производ што го рецензираме е во спротивност со основните принципи на Етичкиот кодекс на новинарите. Во првата точка се вели:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Сепак, предметниот медиумски производ не исполнува никакви критериуми за професионално новинарско информирање. Се работи за содржина од неколку редови, којашто е земена според принципот „копи-пејст“ од социјалните мрежи.

„Џем Барути Љамалари пишува:
Заев интервенираше во судството ослободувајќи ги Груевски, Мијалков, Боки 13, Катица, Крстен, Јохан и Горан, се докажа дека куче не јаде куче! АЛИ, интервенирај и ти, не дозволувај овие орди од Карпатите да бидат на слобода, правејќи веселби и забави со страдањата на Албанските мајки!
Фатиме, Аллах да те уништи, бедна старице!”, пишува во содржината на веста.

Содржината на текстот не одговара на ниту едно од 5-те новинарски прашања: Каде? Кога? Кој? Зошто? Што? Новинарот не ни дава никаков елемент зошто овој коментар е важен за јавноста и зошто читателот треба да одвои време да ја прочита оваа „вест“.

Всушност, предметниот медиумски производ е во спротивност со уредувачката политика на веб-страницата каде што е објавена. На крајот од веста, на веб-страницата каде што е објавена, пишува дека нивната редакција е членка на Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) и оти се целосно посветени на почитување на етиката и професионалните стандарди при новинарското известување. Веста објавена на порталот Pa Censurë („Без цензура“) е во спротивност со главната цел на СЕММ:

СЕММ се стреми медиумите во Македонија да ги прифаќаат принципите на професионалното и етичкото новинарство, постојано грижејќи се за слободата на мислата, на говорот и интересите на јавноста.