[Рецензија: Ова го има во 21 век во Македонија: Еве како настануваат железнички несреќи кај нас (ВИДЕО)]
Текстот е нецелосен, необјективен и тенденциозен, од насловот до заклучокот, кој, всушност, претставува коментар. Тој предизвикува лавина реакции на ФБ, шири сензационализам, наместо да влијае на едукацијата на возачите и почитувањето на пропишаните правила. Текстот се повикува единствено на видео објавено на социјалната мрежа „Фејсбук“, што не е доволен извор, односно во него недостига втората страна.
Линк до оригиналниот напис: Ова го има во 21 век во Македонија: Еве како настануваат железнички несреќи кај нас (ВИДЕО)
Датум и време на објавување: 13.8.2018
Датум на рецензирање: 14.8.2018
Рецензент: Стојан Синадинов
Насловот на текстот веднаш асоцира на негативност, несреќи и, се разбира, што повеќе кликови. Алузијата дека сообраќајните прописи во моментот кај нас не се дел од 21 век се очигледни уште во првиот пасус од текстот, во кој се „анализира“ без никакви податоци:
Во Македонија како сега, така и во минатото имало голем број железнички несреќи, во кои доста често имало човечки жртви.
Порталот некритички ги прозива надлежните служби за грешки што можат да бидат опасни за животот на возачите:
Виновниците најч+есто се неодговорните возачи, но ова видео објавено во фејсбук-групата „Ѕид на сообраќајниот срам“ покажува и една недозволива грешка на надлежните служби.
Имено, додека поминува воз на пругата, рампата е крената, што претставува вистинска опасност за животот на луѓето.
Јавното препријатие Македонски железници – Инфраструктура го има уредено железничкиот сообраќај во земјата со низа прописи во делот на безбедноста на патни премини.
ЈП МЖ Инфраструктура е компанија одговорна за одржување на пругите и на постројките со обврска за редовно и безбедно функционирање на железничкиот и на друмскиот сообраќај. По должината на пругите на територијата на Република Македонија се вградени: сигнално-сигурносна и телекомуникациска опрема, постројки и сигнални знаци во согласност со Законот за безбедноста на железничкиот и друмскиот сообраќај.
Во согласност со законските одредби, сите места се опремени со соодветно ниво на сигнална опрема кога во ниво се вкрстуваат железничка пруга, колосек и пат.
На железничката линија каде што е снимено видеото на кое се повикува порталот (на потегот Штип-Велес, кај село Сарамзалино), возот сообраќа само еднаш дневно. На видеото јасно се гледа дека возот не оди брзо (напротив), а преминот ја има потребната сигнализација. И за оваа фреквенција на сообраќај МЖ – Инфраструктура имаат соодветна регулација со сигнали:
На премин на патот преку железничка пруга во исто ниво, на кој нема уред за затворање на сообраќајот ниту уред за давање знаци со кои се најавува доближување на воз, учесниците во сообраќајот можат да преминат преку железничката пруга дури откако претходно ќе се уверат дека по пругата не наидува воз или некое друго возило што се движи по шини.
Во Правилникот стои и дека:
Во согласност со Правилникот за вкрстување на пруга со пат од аспект на сигурно одвивање на железничкиот сообраќај и критериумите и постапката за сведување, утврдување места на вкрстување и начин на вкрстување на железничка пруга и пат, како и категоризацијата на местата на вкрстување на железничка пруга и пат и начинот на нивното осигурување, извршено е осигурување на патни премини во согласност со Член 7 од Правилникот, во кој се вели:
1) при вкрстување од 1 категорија, патниот премин се изведува надвор од нивото;
2) при вкрстување од 2 категорија, патниот премин се осигурува со автоматски уред за давање светлосни и звучни сигнални знаци и сообраќајни знаци на патната сигнализација;
3) при вкрстување од 3 категорија, патниот премин се осигурува со сообраќајни знаци на патната сигнализација.
(2) Осигурувањето на патниот премин од 3 категорија, може да биде дополнето и со полубраници или браници во зависност од местото и условите (намалена видливост, магла, чад, близина на училиште и др).
Сепак, на крајот од текстот, повторно прозивка на надлежните служби:
Уште колку железнички несреќи треба да се случат во кои ќе настрадаат невинин лица, за некој да обрне внимание на ова?
Ваквото коментаторско прашање само ги разгорува страстите за коментирање, кои веднаш стануваат партиско-политички пресметки на социјалните мрежи.
Едукативната димензија е потполно запоставена. Во спротивно, порталот ќе имал доблест да ѕирне во Правилникот на „Македонски железници“, во кој стои и следниов апел:
Во текот само на овој месец се регистрирани три сообраќајни несреќи со над 20 тешко и полесно повредени лица, причинета е голема материјална штета на железничката опрема, на постројките, на сообраќајните возила, како и финансиска штета од прекините на железничкиот сообраќај.
Кулминација на непочитувањето на поставената сигнализација е и настанот од 25 мај оваа година. Станува збор за возот бр. 634, кој сообраќа од Гевгелија до Скопје, и за настан што се случи првпат во историјата на железниците во Македонија. Возот бил принудно запрен, со исклучување на напојувањето на контактната мрежа од страна на вработените и оперативниот центар, за да се избегне судир. Настанот се случил во градот Велес кога на обезбеден патен премин според сите процедури, со спуштени браници од страна на овластено службено лице за обезбедување патен премин, со демонстрација на сила биле подигнати браниците за насилникот да помине со своето возило. Со цел да се избегне судир, возот што сообраќа на тој дел од пругата бил принудно сопрен со исклучување на напојувањето на контактната мрежа. Насилникот со закана кон овластениот железнички работник го напуштил патниот премин. Овој чин на насилство и закана е кулминација на непочитување на сигналните знаци, како и на службените лица задолжени за обезбедување на безбедноста на патните премини. Кулминација на непочитувањето на сигналните знаци и постројки за обезбедување на премините во ниво е и примерот кога, по избегнатиот судир во Велес, движејќи се кон Скопје истиот патнички воз (на патниот премин во населба Драчево) околу 21 часот направил судир со патничко моторно возило. Возачот на уништеното возило претекнувал, односно ги заобиколил застанатите моторни возила што чекале пред вклучените светлосни сигнали и спуштени полубраници. Возот бил пуштен кон Скопје по извршениот увид од страна на овластени службени лица, овој пат без човечки жртви, но со голема материјална штета.
Овој пример од пред некоја година не е осамен, но, во секој случај, му припаѓа на сообраќајната култура во Македонија во 21 век.