Медиумите не ја проверија информацијата за претресот на домот на Јанева, а не објавија ни демант

 

Пишува: Силвана Жежова

Лавина дезинформации и шпекулации во медиумите предизвика новиот случај „Рекет“ на Основното јавно обвинителство, за кој, менаџерот на телевизијата „1ТВ“, Бојан Јовановски, и бизнисменот Зоран Милески се во 30-дневен притвор, бидејќи се осомничени дека сториле кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а Јовановски и за кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Истражната постапка се води затоа што во периодот од месец ноември 2018 година до месец април 2019 година, првоосомничениот, искористувајки го своето влијание врз јавен обвинител, влијаел да се изврши дејствие со кое во истражна постапка ќе се олесни положбата на едно осомничено лице во таа постапка, а второосомничениот битно придонел со тоа што договарал континуирани средби и воспоставување меѓусебен контакт на првоосомничениот со сопругата на осомничениот во таа постапка и лично со осомничениот. На средбите осомничените ги увериле сведоците во влијанието на првоосомничениот врз јавниот обвинител и за посредувањето во два наврати примиле вкупно 1.500.000 евра, рече на прес-конференција Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Јавно обвинителство не го откри обвинителот што се споменува во случајот „Рекет“, но соопшти дека го зеле мобилниот телефон за да се утврди дали има некаква поврзаност на обвинителот и првоосомничениот Јовановски. Неофицијалните информации објавени во медиумите говорат дека станува збор за специјалната јавна обвинителка во оставка Катица Јанева, која ја даде оставката на 15 јули, истиот ден кога Јовановски и Милевски беа уапсени.

НЕПРОВЕРЕНА ИНФОРМАЦИЈА

Но, токму одземањето на мобилниот телефон ја разви „фантазијата“ на медиумите дека на Јанева ѝ бил извршен претрес во домот. Наместо да известат само за тоа што навистина се случило, без непотребно да ја шират приказната, а тоа е дека на Јанева ѝ е одземен мобилниот телефон, речиси сите медиуми (повеќе од 20) истиот ден со речиси идентични наслови известија дека се врши претрес во нејзиниот дом, без да се провери оваа информација во Основното јавно обвинителство.

Јавното обвинителство демантира дека е вршен претрес, туку дека само ѝ е одземен мобилниот телефон. Но, овој демант не беше пренесен од страна на медиумите, за разлика од бомбастичноста на преносот на дезинформациите за претресот.

Иако од Основното јавно обвинителство не е побарано демантот да биде објавен, сепак, во интерес на правилното информирање на јавноста според Кодексот на новинарите, медиумите имаат морална и професионална обврска да направат исправка на информацијата.

Правото на исправка на информацијата е регулирано и со Законот за медиумите, во кој се вели дека:

Секој има право од издавач на медиум, односно од одговорен уредник на издавач на медиум да бара, без надоместок, да објави исправка на објавена информација во која се наведуваат неточните факти објавени во информацијата, а со кои биле повредени неговите права или интереси. Право на исправка имаат и правните лица и други организации и тела, доколку со информацијата биле повредени нивните права или интереси.

Во врска со случајот „Рекет“ во медиумските текстови се ширеше и дезинформацијата дека истрагата се проширува врз други лица, на што Јавното обвинителство испрати демант.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција најостро ги осудува написите што се појавија во дел од медиумите кои, повикувајќи се на извори од обвинителството, шират шпекулации за наводно проширување на истрагата и за содржина на одземените материјални докази во предметот за примање награда за противзаконито влијание, се вели во демантот на ОЈО.

МЕДИУМИТЕ И ОДГОВОРНОСТА КОН ЈАВНОСТА

Од Јавното обвинителство засега (17.7.2019) не изнесуваат никакви други информации поврзани со овој случај, бидејќи, како што информираа, „вештачењето е процедура што бара време и посветеност и во моментов не може да се говори за содржината на одземените материјали“.

Премиерот Зоран Заев, поради огромниот интерес на јавноста за овој случај, го повика Основното јавно обвинителство да информира „дали Катица Јанева е злоупотребена или употребена“ во случајот.

Што се однесува до понатамошната работа на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), од една страна, власта и опозицијата не можат да се договорат за новиот закон за обвинителство со кој ќе се опфати и работата на СЈО, а, од друга страна, Европската унија бара истрагите што произлегуваат од „бомбите“, да продолжат и без Катица Јанева.

Медиумите имаат огромно влијание врз правилното информирање на јавноста, но истовремено, имајќи ја предвид сериозноста на овој случај, тие треба да внимаваат да не наштетат на процесот на истрагата. Затоа, пред да ги објават информациите, треба добро да ги проверат во релевантни институции. Исто така, медиумите имаат и обврска да ги објават демантите, односно исправките.

Неточните информации што медиумите ги пренесуваат за овој случај не се ниту во интерес на јавноста ниту придонесуваат за правилното информирање.