Дел од медиумите во Северна Македонија дезинформираат за интервенцијата на косовската полиција во Митровица

 

Интервенцијата на косовската полиција во северниот дел на Митровица, каде што живеат мнозинство Срби, ги вклучи во српската пропаганда против Косово и медиумите од Северна Македонија, кои земајќи ги за единствен извор на информации само српските медиуми, на интервенцијата на Специјалната единица на Косово на 28 мај 2019 година ѝ припишаа „национализам или интервенција на Албанците против Србите“. Но, тоа што се случи на северот на Косово не беше акција против српските полицајци и локалните жители, ниту напад на Албанците врз Србите, туку акција за борба против криминалот и шверцот.
Дека медиумите направија пропаганда, лесно можеше да се разбере од големиот интерес за покривање на настанот и од следењето само на изјавите на српските политичари, заобиколувајќи ги изјавите на косовските институции.

 

Пишува:  Фатбарда Цури

 

СЕНЗАЦИОНАЛИСТИЧКИ НАСЛОВИ ПРИДРУЖЕНИ СО МАНИПУЛАТИВНИ ФОТОГРАФИИ И ВИДЕА

„ФОТО: Тепаа локално население, кршеа, апсеа, епилогот од хаосот на косовските специјалци“, пишува Курир.мк.
„Тензично на Косово: Се апсат Срби кои се припадници на косовската полиција (ВИДЕО)”, пишува Курир.мк.
„Косовските специјалци уапсиле 13 Срби, припадници на косовската полиција“ – пишува Скопје1.мк.
„ВИДЕО: Се полнат болниците со повредени, оклопни возила го обезбедуваат теренот, тензијата на Косово се зголемува“ – пишува Курир.мк.

Ова се само дел од насловите што се појавија во поголемиот дел од медиумите на Северна Македонија на 28 мај. Таквиот голем интерес на медиумите за покривање настан во северниот дел на Косово секако дека беше голем поттик тој да се следи подробно неколку дена по ред. Сепак, испадна така како што се претпоставуваше – целта на известувањето била да се игра на картата на национализмот, за собирање кликови или поттикнување меѓуетнички конфликти, сега во балкански размери.

Ова е спротивно на осмиот принцип од Етичкиот кодекс на новинарите.

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда, се вели во осмиот принцип.

 

НЕПРОВЕРЕНИ ФАКТИ, ЕДНОСТРАНИ ИЗВОРИ, КОМЕНТАРИ И ГОВОР НА ОМРАЗА КОЈ ПОВИКУВА НА НАСИЛСТВО

Нагласената употреба на зборовите: тензија, апсења, Срби, Косовари, хаос, кршење и тепање, во насловите на вестите првично беше искористена за да го привлече вниманието на читателот, а потоа во самиот напис се прави еднострано известување. Ако се прочитаат написите, ќе се види дека како извор на информации биле српските политичари, Марко Ѓуриќ и Александар Вучиќ, кои немаа јасна слика за тоа што се случи дента на северот на Косово и беа поттикнати од нивните секојдневни политики, со посебен акцент на косовско-српскиот дијалог и данокот што Косово го стави на српските производи. Целата ситуација ја коментираа со едностран пристап, со неточни информации и со говор на омраза. Ова доведе до употреба на концептот на манипулација во новинарските написи наречен „Повикување на авторитет“, бидејќи беа пренесени само изјавите на Вучиќ како извор на информации, истовремено занемарувајќи ги изјавите на косовските институции, со што медиумите имаа „Селективни докази”.

Ниту еден медиум, било директно или, пак, меѓу редови, не објасни која беше причината за интервенцијата на косовската полиција во Србија. Се разбира, доколку тоа беше направено, немаше да се дозволи манипулација, односно ситуацијата да се претстави како напад на Албанците против Србите.

Претседателот Вучиќ им се обрати на пратениците: Досега се уапсени 23 лица, имаме докази дека Албанците пукале врз Србите, се вели во насловот на Пресс24.мк.

Ова е спротивно на првиот и вториот принцип од Етичкиот кодекс на новинари.

  1. Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.
  2. Ако новинарот е спречен да дојде до бараната информација има право за тоа да ја информира јавноста.

Дека беше повикано на насилство покажува и овој наслов што се потпира на изјавата на Вучиќ:

Србите се исплашени, но војската е подготвена да го брани народот – пишува Курир.мк.

Ова е спротивно на десеттиот и единаесеттиот принцип од Етичкиот кодекс на новинари.

10. Новинарот нема свесно да создава, ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).
11. Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.

 

КОНЦЕПТ ЗА МАНИПУЛАЦИЈА, ПОВИКУВАЊЕ НА ВЕРОЈАТНОСТ

Со оркестрирани наслови, со написи што не прикажуваат ниту една реакција од косовската страна, туку сите се од српската страна, се отиде дотаму територијата да се нарече „Косово и Метохија”.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пристигна во Собранието, каде што ги извести пратениците и граѓаните на Србија за најновите случувања во Косово и Метохија – пишува Toчка.мк.

Ситуацијата стана алармантна, бидејќи во говорот на Вучиќ, кој траеше повеќе од два часа, тој рече дека биле предупредени оти ќе има напад врз Србите со оправдување дека се работи за борба против криминалот. Ова значи дека пренесувајќи ги изјавите на Вучиќ, медиумот го употребил концептот на манипулација „Повикување на веројатност”, кој има цел да покаже дека, доколку се случи интервенција на Специјалната единица на Косово, во Србија да се смета дека тоа е напад на Албанците врз Србите.

Како косовските медиуми, така и косовските институции, но и портпаролот на КФОР во Косово изјавија дека причината за интервенцијата на Косовската полиција на север била борбата против криминалот и оти за операцијата, според КФОР, биле информирани сите полициски сили на север.

Ова ни дава право да кажеме дека медиумското известување за настаните во Косово, исто така, беше доказ оти медиумите во Северна Македонија се далеку од професионално известување и наместо да известуваат точно и непристрасно, ги дезинформираат граѓаните за настаните во регионот.