Мрежата за медиумска писменост усвои Насоки за етика во истражувањата на медиумската писменост преку процес на усогласување, кој траеше од октомври до декември 2020 година.
Насоките имаат цел да го промовираат етичкото постапување кон сите поединци и групи вклучени во истражувањата, да поттикнат добра истражувачка пракса и унапредување на квалитетот на планирањето, спроведувањето и публикувањето на истражувањата за медиумската писменост.
Со усвојувањето на Насоките, 62-те членки на Мрежата (јавни институции и министерства, граѓански организации, образовни установи и радиодифузери) и индивидуалните истражувачи кои работат за нив се согласуваат и се обврзуваат дека ќе ги почитуваат основните етички норми и насоки при спроведувањето на истражувањата за медиумската писменост.
Насоките се достапни на македонски, албански и на англиски јазик.
- Насоки за етика во истражувањата на медиумската писменост
- Udhëzime për etikë gjatë hulumtimeve të arsimimit mediatik
- Guidelines for ethics in media literacy research
Инклузивниот процес на усвојувањето на насоките беше покренат по иницијатива на Институтот РЕСИС, која беше најавена и во рамките на Деновите на медиумската писменост на јавната дебата организирана на 28 октомври од членките на мрежата Фондацијата „Метаморфозис“ и „Евротинк“, кои се партнери во проектот „Со критичко мислење до граѓани со медумска умешност – Критинк“, поддржан од Европската Унија.
Низа истражувања за медиумската писменост од претходните години се достапни во е-Библиотеката на веб-страницата на „Критинк“, која служи како ресурсен центар за акумулирање и редистрибуција на едукативни материјали и сите други содржини поврзани со развојот на критичкото мислење и медиумската писменост.