На фотографијата не е синот на естонската претседателка

На „Фејсбук“ се појави статус, кој предизвика значително внимание и кој содржи текст со зборовите „Претседателката на Естонија и нејзиниот син. #ЛибералниСвињи Мршш!“, а под него има фотографија со три лица – двајца мажи и во средина една жена. Мажот од десната страна е облечен во розов женски фустан и носи чевли со високи потпетици. Неговото име е Мик Парниц и тој е писател, но и активист кој се бори за заштита на правата на жртвите на сексуално насилство, жената во средина е Керсти Калјулаид и таа е претседателка на Естонија, човекот во костум од левата страна е Раиво Аег, поранешен полицаец и актуелен министер за правда на Естонија. И не, Мик Парниц не е син на претседателката на Естонија, Керсти Калјулаид.

Минатата недела овие три лица беа на истата манифестација на која се доделуваа награди за лицата заслужни во борбата против сексуалното насилство. Еден од добитниците беше и Мик Парниц, при што наградата му беше доделена за кампањата со наслов „Не е во ред!“ за заштита на жените и децата од сексуалното насилство.

Парниц, како и сите други добитници на наградата, одржа говор, кој беше контроверзен исто онолку колку и неговиот розов фустан и високите потпетици. Во тој говор Парниц се осврна на состојбата со сексуалното насилство во земјата, истакнувајќи дека таа е лоша, дека децата и жените се жртви на сексулано насилство најмногу од мажите во нивните семејства. Тој додаде дека вината ја гледа и кај мажите што ги носат законите за кои смета дека не им пружаат доволна заштита на потенцијалните жртви и истакна особено спротивставување на законите според кои е легално 14-годишно дете да може да има сексуален однос дури и со 60-годишен маж, додавајќи дека со ова се охрабрува педофилијата. Што значи дека се спротивстави на либералната легислатива што Естонија ја има по ова прашање. Односно, постапи сосема обратно од она за што е обвинуван во овој статус со зборовите „либерални свињи“. Но, да нема забуни, во светот има и други земји со исти законски одредби според кои минималната возраст на која лице може легално да даде согласност за учество во сексуален однос е исто така 14 години.

Сепак, најмногу контроверзии предизвика неговото тврдење, според кое естонското семејство „е најопасното место за дете, како и за возрасна жена“, алудирајќи на опасностите од сексуално злоставување ,кое во Естонија во најголем дел се случува во рамките на семејствата. И повторно, да нема забуни, тоа е така во сите земји во светот каде што се спроведени истражувања на оваа тема. Естонија не е никаков посебен или специјален случај. Разликата е само што во многу земји за ова прашање не се дискутира јавно.

Да се навратиме повторно на хаштагот „либерални свињи“. Тој хаштаг претпоставува дека провокативната гардероба и провокативниот говор на Парниц како да поминале без последици во Естонија. Но, тоа, се разбира, не е така. Како прво, министерот Аег не му ја потврди доделената награда на Парниц, што значи дека таа официјално и не му е доделена. Оваа награда, со оглед на тоа што е државна, треба да добие потврда од министерот, но тој одби да го стори тоа. Уште повеќе, тој истакна и дека ќе побара одговорност од Комисијата што ја доделила наградата. Аег, исто така, се спротивстави и на тврдењето на Парниц дека „традиционалното семејство е место на насилство и најопасното место за дете“. „Таквите бесрамни етикети и обвинувања се комплетно неприфатливи и несоодветни“, рече тој. Понатаму, началникот на Генералштабот на естонската армија, Рихо Ухтеги, реши да не се појави на приемот во претседалската палата по повод Денот на независноста на Естонија, а како причина за тоа се смета токму настапот на Мик Парниц. Во слободните медиуми на Естонија наголемо се дискутира за провокативниот чин на активистот за правата на жртвите на домашно насилство, при што има и наслови што прашуваат дали еден розов фустан навистина може да го наруши дигнитетот на една нација и што значи тоа за нејзиното достоинство. Сето тоа покажува дека работите не се толку „либерални“ како што изгледаат.

Инаку, во историјата на западниот активизам, и тоа особено за прашања и проблеми што не се во фокусот на јавноста и за кои е тешко да се привлече нејзиното внимание, активистите неретко прибегнувале кон шокирачки потези кога ништо друго не помага. И тоа розовиот фустан и високите потпетици на Парниц не се ништо. Кон крајот на 19-и почетокот на 20 век во англо-саксонските земји се појавија суфражетките, движење што се бореше жените да добијат право да гласаат на избори. Оваа битка жените активистки ја водеа со децении преку бројни протести, кои неретко завршуваа со нечовечки ќотеци од страна на полицијата (и од машките минувачи), но и сексуално злоставување, па дури и силувања, исто така од страна на полицијата. Жените во Велика Британија се врзувале со синџири на шините од возовите во знак на протест. Но, особено шокирачки е потегот на една од најрадикалните лидерки на суфражетките во Велика Британија, Емили Вајлдинг Дејвидсон. Ако имате силни нерви, погледнете го ова видео (напомена: видеото не е наменето за деца) во кое ќе видите како Дејвидсон на најпознатите и најважните трки со коњи во Велика Британија, на кои се натпреварувал и коњот на британскиот крал, во присуство на самиот крал, без да каже претходно никому, од публиката излетува на тркачката патека, застанува пред затрчаните коњи, при што бива прегазена и умира. Само за да го привлече вниманието на јавноста, а знаејќи дека на тие трки ќе има голема публика, како и дека нејзиниот потег ќе остане забележан на филмска лента. И тоа не е сѐ. Претходно таа била апсена 9 пати. Во затвор редовно штрајкувала со глад по што била подложена на присилно хранење, кое е неверојатно болно и се врши преку ставање црево во носот кое оди до дигестивниот тракт и преку кое се дотура храна. Се обидела да се фрли од вториот кат во затворот со цел да привлече внимание за барањата на суфражетките, а да не говориме за тоа што во една прилика претепала еден маж, мислејќи дека е политичар. Тоа го сторила со камшик. Така што, традицијата на шокирање на јавноста од страна на активистите сигурно не ја измислил Мик Парниц. Таа е долга и – шокантна.

И на крајот, само неколку збора за потеклото на ваквиот пост. Најпопуларните содржини на социјалните мрежи на оваа тема и со истата невистина потекнуваат од акаунти што го поддржуваат Кремљ. Прорускиот твитер-акаунт со име Логан објави твит кој е споделен над 750 пати, има над 1.400 допаѓања и стотици коментари. На англиски јазик, пак, сличен твит може да се најде на страницата „Хуморот на Скот“, чиј акаунт пишува за настаните во Русија и кој, исто така, е многу популарен и има 620 споделувања и над 1.000 допаѓања. (vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.