Објава на „Фејсбук“ отворено заговара неносење заштитни маски

На социјалната мрежа „Фејсбук“ се шири објава којашто се залага за неносење заштитни маски и отворено заговара непочитување на мерките за заштита од корона-вирусот, кои ги донесоа здравствените власти во земјава, а, исто така, е во спротивност и со препораките на Светската здравствена организација (СЗО).

Станува збор за монтирана фотографија од два дела, при што на првиот е прикажана девојка со избезумен лик, која носи маска, а на самата илустрација пишува: „Мојата маска те штити тебе, твојата маска ме штити мене“. На вториот дел од фотографијата се гледа машки лик со порака што има и вулгарен тон:

Тоа го**о не штити ни од прашина камоли од вируси, и твоите господари го користат како психолошко оружје за да дознаат колкав дел од населението безпоговорно слуша наредби

И наспроти тоа што го сугерира оваа недолична содржина, која во моментот кога е пишуван текстот е споделена 139 пати, Владата на Република Северна Македонија уште на крајот на април донесе Уредба за задолжително носење лична заштита – маска, марама-шал, на јавни места од отворен и затворен тип. Обврската за задолжително носење заштитни маски во сите јавни затворени простори какви што се: средства за јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори, каде што нема можност за одржување дистанца од два метра, како што се: пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично, стапи во сила од први мај. Оттогаш за непочитувње на оваа мерка се изрекуваат казни во висина на 20 евра за македонски и за странски државјани.

Во изминатиот период на официјалната страница „Фејсбук“ на министерот за здравство, Венко Филипче, постојано има објави во кои здравствени работници апелираат да се носат заштитни маски.

Исто така, Светската здравствена организација (СЗО), која во почетокот на пандемијата препорачуваше дека маска не треба да носат здравите луѓе, туку само оние што се болни и имаат симптоми, како и здравствените работници и оние што се грижат за лица заразени со коронавирусот, во јуни го промени своето мислење за заштитните маски и соопшти дека тие треба да се носат во јавност за да се спречи ширењето на корона-вирусот.

СЗО ги прошири своите препораки за користење маски и кажа дека на места каде што вирусот може да се шири меѓу луѓето треба да се носат маски кога социјалната дистанца е невозможна, како во јавен транспорт или продавници.

Во врска со ова генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус, изјави дека:

 Со оглед на новите докази, СЗО советува владите да ја охрабрат општата јавност да носи маски таму каде што има широко распространето пренесување и физичкото дистанцирање е тешко, како, на пример, во јавниот превоз, во продавници или во други ограничени или преполни средини.

Според Мариа Ван Керков од СЗО, организацијата ги донела дополнителните препораки по новите истражувања што ги спровеле. Една од главните причини за новите насоки на СЗО се растечките докази дека корона-вирусот се шири меѓу луѓето пред тие да развијат каков било симптом.

Ги советуваме владите да ја охрабрат јавноста да се носат маски. И тоа маска од ткаенина, односно немедицинска маска. Имаме нови истражувачки сознанија. Сега имаме докази дека ако се користи правилно, маската може да обезбеди бариера (…) за потенцијално заразните капки, смета експертот за Ковид-19 во СЗО, Марија Ван Керков.

За жал, спротивно на ваквите ставови, овој пост на „Фејсбук“ ја манипулира и дезинформира јавноста околу важноста на заштитните маски во спречувањето на ширењето на ковид 19 и сугерира да не се носат маски. А со оглед на тоа колку брзо објавата се шири на социјалната мрежа, несомнено дека може да направи огромна штета. (vistinomer.mk)

 

Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „КриТинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонснаведи извор-без изведени дела.