Информациите објавени во постот што го рецензираме се неточни и креираат несигурност во јавност во период кога земјата се подготвува за широка вакцинација на населението против ковид-19. Посочените смрнти случаи немаат никаква врска со вакцините, како што потврдуваат здравствените власти во Гибралтар
Пост на Фејсбук тврди дека на Гибралтар 53 луѓе починале од вакцината против ковид-19 на производителот Фајзер. Ваквото тврдење е неточно. Постот пренесува напис од сајтот Коложег.инфо со наслов: „Масакр во Гибралтар! 53 Мртви за Првите 10 дена од Почетокот на мРНА Вакцината на Фајзер!“. Нашата проверка покажа дека на Гибралтар немало никаков масакр, а уште помалку од вакцините против ковид-19.
Брајан Шилхави, уредник на HealthImpactNews пишува “Ме контактираа жителите во Гибралтар, изјавувајќи дека 53 лица починаа за 10 дена веднаш по вакцинирањето со инјекциите на Pfizer mRNA COVID, нарекувајќи го ова „масакр“. Извештаите на локалните медиуми ја потврдуваат смртта, но ги обвинуваат КОВИД, а не инјекциите на КОВИД, се вели во написот.
На почетокот вреди да се спомне дека написот е преземен од порталот HealthImpactNews, веб-страница за алтернативна медицина, холистика и исхрана, а Брајан Шилхави е менаџер-уредник. Овој сајт, Mediabiasfactcheck.com го има оценето како сајт за псевдонаука на ниво на шарлатанство за промоција на антиваксерска пропагнада, „кемтреилс“, геоинжинеринг и лажни информации за ГМО.
Пред почетокот на инјекциите, се известува дека во земјата со 30.000 жители вкупно само 16 лица починале „од КОВИД“ (и тоа се напумпани бројки од оние кои починале од грип) од почетокот на „пандемијата“ пред околу една година. А по примањето на 6.000 вакцини, 53 регистрирани како починати досега, а за бројките на непријавена смрт и идна смрт, и тешки здравтсвени последици ќе се покаже понатака. Убиствен “лек” против непостоечка пандемија, тоа е планот, се вели понатаму во написот.
Процесот на вакцинација во Гибралтар почна на 10 јануари. Како што објавија властите, на првиот ден од програмата за вакцинација, вкупно 420 луѓе ја примиле својата прва доза од вакцината против ковид-19. Не се забележани негативни реакции кај кој било од нив.
Од Владата ги потсетуваат граѓаните кои биле вакцинирани дека целосниот имунолошки одговор генериран од вакцината може да се појави дури една недела откако поединците ќе ја примат втората доза од вакцината. Затоа, сите мерки на претпазливост против ковид-19 треба да продолжат да се почитуваат.
До 10 јануари, според податоци на владата на Гибралтар, регистрирани се вкупно 16 смртни случаи од ковид-19. По 20 јануари, овој број се искачил на 53, а седум дена подоцна на 70.
Но, нема никакви докази дека овие смртни случаи се поврзани со вакцините. Зголемувањето на бројот на смртните случаи, според објавите на властите, е дел од трендот на пораст на новозаболени што започнал пред да се администрира првата доза од вакцината.
На 27 јануари, владата преку соопштение објави дека од 11 илјади лица кои се вакцинирале, шестмина починале, но дека нивната смрт не е поврзана со вакцините против ковид-19.
Здравствената власти на Гибралтар можат да потврдат дека нема докази оти некои од оние 11.073 кои биле вакцинирани во Гибралтар починале како резултат на каква било реакција на вакцината. Спротивните изјави на социјалните мрежи се целосно невистинити. Ваквите изјави потекнуваат од дискредитирани лица и организации, се наведува во соопштението на Владата.
Според властите, шестмината починати очигледно заболеле од ковид-19 пред да бидат вакцинирани.
И покрај тестирањето за ковид-19 пред вакцинацијата, инфекцијата не беше откриена кај нив во времето кога биле вакцинирани, туку во деновите веднаш потоа. Овие луѓе беа на возраст од 70 до 100 години, соопшти владата.
Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека информациите објавени во постот кој го рецензираме се дезинформации и имаат за цел да ја предизвикаат вакцинска несигурност и вакцинско двоумење во јавноста во период кога се вршат подготовки заш ирока вакцинација на граѓаните на Северна Македонија.
Очигледно е дека посочените смрнти случаи немаат никаква врска со вакцините, а тоа го потврдуваат и здарвствените власти во Гибралтар. Ваквите објави, преку ширење на дезинформации, креираат страв и несигурност кај граѓаните и можат да нанесат штети на јавното здравје.