Седум години стара фотографија од таткото на Бојан Маричиќ извадена од контекст

Tекстот изоставува важен сегмент, кој комплетно го менува контекстот на објавата. Во написот фали коментарот што Момир Маричиќ го напишал под фотографијата: „Култот уште живее, ама само во вакви музеи кои служат за опомена“, од каде што јасно произлегува дека го осудува фашизмот и нацистичката идеологија и не е нејзин поддржувач

 

Пост на Фејсбук споделува вест, во чиј наслов се тврди дека Момир Маричиќ, таткото на министерот за правда, Бојан Маричиќ, гордо се сликал со статуата на Хитлер и со книгата „Мојата борба“.

Во текстот  е пренесена објава на Твитер, преземена од новинарот Саша Узунов, во која е наведено дека поранешниот јавен обвинител и татко на актуелниот министер за правда, е „фасциниран со нацистички германски спомени – посета на германски музеј и фотографирање на кое позира со златна биста на Хитлер“, а овој заклучок е донесен само поради фотографијата, која се додава во прилог на текстот.

Овде станува збор за деформирање, односно дисторзија на настаните со користење на факти или изјави кои се делумно вистинити. Tоа се случува кога информацијата е точна, но се нуди селективно или клучните факти се изоставени. Точно е дека Момир Маричиќ се фотографирал во Документацискиот центар за нацизмот во Нирнберг, но пропратниот текст со фотографијата, која го дава контекстот, е замаглен и не може да се прочита, а покрај тоа е и комплетно игнориран во написот на оваа тема. Иако неговата содржина може да биде клучна за правилно толкување на фотографијата.

Меѓутоа, она што е пропуштено да се наведе и што фрла сосема поинакво светло врз овие фотографии, е фактот што под сликата Момир Маричиќ напишал објаснување за неа, во кое го осудува фашизмот и нацистичката идеологија и не е нејзин поддржувач. 

Под фотографијата, од која што може да се погледне и принт скрин погоре, а која ја добивме од официјални извори од Министерството за правда, евидентен е коментарот на Маричиќ кој гласи:

Култот уште живее, ама само во вакви музеи кои служат за опомена.

Легендата на фотографијата, односно текстот што е изоставен, го има на скриншотовите што се преземени од твитот на Узунов, но таа е нечитлива и непрепознатлива. Односно замаглена, што внесува сомневања зошто е така направено.

Евидентно е дека фотографијата, која била јавна, всушност датира од 6 март 2014 година. Во моментот на Фејсбук профилот на Маричиќ таа не може да се пронајде како јавна.

Од кабинетот на министерот за правда Бојан Маричиќ, „Вистиномер“ побара и го доби следниот коментар во врска со фотографијата:

Сликата е од пред 7 години во Документацискиот центар за нацизмот во Нирнберг. Таа претставува предупредување дека градењето култови беше една од причините за градење на фашизмот.

Во демант на својот Фејсбук профил министерот напиша дека е згрозен од обидот преку тенденциозни и опасни лаги да се наруши неговиот и угледот на неговото семејство.

Несфатливо е како во 2021 година уште во јавноста без трошка совест и одговорност се објавуваат вакви наслови. Јас и целата моја фамилија сме единствено горди на нашите дедовци кои си ги жртвувале животите на фронтовите токму во борбата против фашистите, а таткото на мојот татко, мојот дедо, носеше целиот свој живот лузна добиена при неговиот престој во нацистички логор, вели тој.

Маричиќ додава дека во написот  се пренесува пост од социјалните мрежи, при што во содржината тенденциозно е изоставен делот во кој неговиот татко, под фотографијата направена во Документацискиот центар за нацизмот во Нирнберг пишува: „Култот уште живее, ама само во вакви музеи кои служат за опомена“ 

Повеќе од јасно е дека станува збор за предупредување дека со градењето на култови кон личности светот и државите можат повторно да се соочат со зло какво што беше фашизмот. За жал токму фашистите за своите пропагандни цели се служеа со тенденциозни лаги и невистини. Свесен сум дека едноставно се работи за обид за моја дискредитација пред најавената интерпелација од опозицијата и уште повеќе поради почетокот на длабинските реформи во правосудството. (…), пишува Маричиќ  на Фејсбук.

Насловот на текстот изоставува важен сегмент кој комплетно го менува контекстот на објавата. Во насловот се кажува дека таткото на министерот Маричиќ гордо се фотографирал со статуа на Хитлер, иако коментарот во склоп на фотографијата е во сосема друга насока и говори за осуда на нацизмот и извлекување опомена од него. Самото фотографирање, не значи дека некој тоа го сторил со „гордост”.

Имајќи ја предвид целата оваа аргументација, јасно е дека во објавата станува збор за испуштен контекст, со цел да се креира погрешна слика за постапката на таткото на актуелниот министер за правда.