[Рецензија: Во ЗНМ се плашат да реагираат „да не ги разбере погрешно“ премиерот]
Типичен коментаторски текст со нафрлени обвинувања и претпоставки за кои нема цврста основа, а истовремено никаде го нема ставот на засегнатата страна. Доколку одреден медиум почувствува дека е прекршено некое новинарско право, може да го повика Здружението на новинари да реагира. Но, не е во ред да пишува коментаторски текст во кој го обвинува ЗНМ, без притоа да побара официјален став од засегнатата страна на чија адреса упатува сериозни критики.
Линк до оригиналниот напис: Во ЗНМ се плашат да реагираат „да не ги разбере погрешно“ премиерот
Датум и време на објавување: 28.5.2019
Датум на рецензија: 29.5.2019
Рецензент: Симона Атанасова
Доколку медиумот, сепак, стапил во контакт со надлежни лица од ЗНМ и притоа не добил одговор на поставеното прашање, тоа треба да биде потенцирано во текстот за читателот да добие појасна слика за целата ситуација.
Но, според напишаното, новинарот не побарал официјален став од Здружението за да ја види и втората страна на приказната. Нема изјава ниту од претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, ниту од кој било друг надлежен во ЗНМ.
На адреса на Чадиковски е упатена и констатацијата дека работи во провладин медиум, а не е образложено на што се должи тој став.
Се тврди и дека другите членови на ЗНМ работат во медиуми во кои е опасно да се критикува премиерот. Не е јасно за кои други членови се работи, кои се медиумите во кои работат и зошто се тврди дека во тие медиуми е опасно да се критикува премиерот. Без релевантни извори, докази или каква било потврда, вакви тврдења спаѓаат во шпекулации, а медиумот го класифицираат како нерелавантен.
Нејасно е зошто новинарите би се плашеле од премиерот, како што се тврди во текстот, што претставува силно обвинување упатено не само кон медиумите, туку и кон Владата, односно премиерот, а не е поткрепено со ниту еден единствен доказ.
Едно од основните правила во новинарството, кон кое треба да се придружуваат сите што претендираат професионално да ја извршуваат новинарската задача, е секогаш да се прашаат сите засегнати страни во приказната. Не може врз основа на нечие мислење, да се нафрлаат низа обвинувања за одредени личности или институции и да им се лепат етикети со кои се нарушува нивниот углед, а притоа да не се побара нивната страна на приказната, која може да е сосема поинаква.
Во спротивно, новинарскиот продукт што ќе се добие ќе биде едностран, нерелевантен, шпекулативен, а со тоа и непрофесионален.