Има зголемување на цените за кардиолошки операции на децата, но нема скандал

[Рецензија: Скандал со цените за операција на срце!??? Се прават ли кардио-операции кај деца во државното здравство?]

Насловот на текстот што го рецензираме наметнува впечаток дека откако детската кардиохирургија се префрли на клиниката „Жан Митрев“, цените за операција се зголемиле. Наспроти обвинувањата изнесени во насловот, станува збор за усогласување на цените на услугите со инфлацијата, која е вообичаена методологија на пресметка од страна на Фондот за здравствено осигурување.

Линк до оригиналниот напис: Скандал со цените за операција на срце!??? Се прават ли кардио-операции кај деца во државното здравство?

Датум и време на објавување: 26.5.2019

Датум на рецензија: 29.5.2019

Рецензент: Силвана Жежова

Иако насловот, но и текстот оставаат впечаток дека зголемувањето на цените е направено скандалозно, без да се почитуваат правила и прописи, сепак од Фондот за здравствено осигурување објаснуваат дека усогласувањето на цените е направено согласно Правилникот за критериумите за склучување договори и за начинот на плаќање на здравствените услуги на здравствените установи што вршат болничка здравствена заштита. Во текстот што го рецензираме се содржи наведената информација, но повторно се тврди дека е скандалозен начинот на кој е направено зголемувањето на цените.

Фондот за здравствено осигурување демантира дека ќе има зголемување на цените од предвидените.

Фондот за здравствено осигурување нема да потроши ниту денар повеќе од предвидените 15 милиони евра за кардиоваскуларни операции за деца во приватните клиники „Аџибадем Систина“ и „Жан Митрев“, велат од Фондот.

На обвинувањата изнесени во текстот реагира и кардиохирургот Жан Митрев, кој објаснува како низ изминатите години бил распределуван буџетот за клиниката.

Во меѓувреме, т.е во 2014 година, без никаква официјална постапка, од страна на ФЗОМ беше укинат и буџетот од еден милион евра за детската кардиохирургија. Тој ист буџет ни го врати ФЗОМ во февруари 2019 година. Актуелниот буџет, за Ваша информација, денес изнесува осум милиони евра, плус еден милион евра доделен за Детска кардиохирургија, вели Митрев во реакцијата.

Основа на текстот што го рецензираме е прес-конференцијата на партијата „Алијанса за Албанците“, која обвинува за зголемување на цените на здравствените услуги, а насловот од тоа прави скандал. Сепак, со изнесените податоци во написот не може да се поткрепат обвинувањата искажани во оваа тенденциозна објава. Со насловот се прави обид за делигитимирање на јавно-приватното здравство во однос на детската кардиохирургија, која од 1 февруари почна да функционира во клиниката „Жан Митрев“, прикажувајќи како да е формирана со единствена цел, земање што повеќе пари од државата. Да споменеме и тоа дека откако Фондот за здравствено осигурување ја објасни методологијата на зголемување на цените, партијата (Алијанса за Албанците) досега (30.5.2019) не ја оспори методологијата.