Највулгарната поента од фејсбук-статус ставена во насловот

[Рецензија: Пандов им забележа на уставните судии: Ко сите од ред Заев да ве „правел“]

Најлесната новинарска „технологија“ на денешнината – пренесување статуси од „Фејсбук“ во онлајн и печатените медиуми – овој пат завршува со пласирање на највулгарниот момент во насловот, веројатно како мамец за кликови.

Линк до оригиналниот напис: Пандов им забележа на уставните судии: Ко сите од ред Заев да ве ,,правел“

Датум и време на објавување: 28.4.2020

Датум на рецензија: 29.4.2020

Рецензент: Стојан Синадинов

Критичките тонови на политичарите и политичките аналитичари кон владините политики не само што се легитимни, туку се и нужни во едно демократско милје.

Политичар од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, поранешен пратеник на таа партија во Собранието, сега политички аналитичар, објави статус на својот фејсбук-профил, испровоциран од одлуката на Уставниот суд на РСМ да го поништи решението на техничката Влада за намалување на платите на судиите, обвинителите, функционерите и пратениците на минималниот износ од 14.500 денари.

Во написот што го рецензираме е пренесен статусот, во кој таа одлука е само повод за обвинувања за важни политички одлуки донесени изминативе три години:

Што се не направија во минатите неколку години Заев и СДС во Република Македонија. Се изгласа неуставното СЈО, се потпишуваа и спроведоа Тиранска платформа, Бугарскиот и договорот од Нивици, ни сменија име, историја и идентитет, не испоштуваа одлука на Референдум, се газат законите на секој чекор, Стево од ,,рука“ си прогласува Вонредна состојба по втор пат, уставните ни судии со прст не мрднаа...

Понатаму, авторот овој ФБ-статус се обидува да поентира со критики кон владејачката партија:

Е, арно ама дојде ред СДС и Заев да брцнат со рачето и во нивниот џеб. Тогаш за нив нема ни корона ни бутур, по кратка постапка се состануваат и експресно носат пресуда, дека таквата одлука е неуставна! ,,Браво мајстори“

Секако, највулгарниот момент од статусот е потенциран во насловот на текстот, а се пласирани и своевидни закани:

За вас Катица е мало бебе. Ко сите од ред Заев да ве „правел“. Меѓу првите работи што новата власт на ВМРО треба да ги направи е да ве смени вас и на ваше место да постави луѓе кои се пред се експерти за уставно право и над се луѓе со чест, морал и достоинство…

Колку што слободното изразување на социјалните мрежи – заедно со придружниот стил! – не треба да биде доведено во прашање, толку медиумот е одговорен кога некритички пренесува такви објави.

Антикорупциската комисија за контроверзната одлука на Уставниот суд вели дека нема конфликт на интереси. Но, дури и владејачката партија – по која авторот на ФБ-статусот фрла „дрвја и камења – веќе неколку часа по донесување на одлуката на Уставниот суд ја искритикува, квалификувајќи ја како „срамна“, најавувајќи дека нивните функционери ќе го донираат поголемиот дел од платата во фондот наменет за борбата против пандемијата.

Медиумот во овој случај го крши членот 10 од Кодексот на новинарите на Македонија, потенцирајќи го говорот на (политичката) омраза, зачинет со вулгарност.

Новинарот нема свесно да создава, ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).

Понатаму, медиумот крши уште два члена од посочениот Кодекс:

Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија. (член 11).

И:

Новинарот ќе ги чува угледот и достоинството на својата професија, ќе ги поттикнува заемната солидарност и различност на ставовите и нема да го употреби својот медиум за пресметка со личности… (член 16).