Фалсификувана уредба ги „отвори“ училиштата на 18 мај

 

Со комплетно уверливо и „професионално” фалсификуван документ, на кој е злоупотребено логото на Владата, се дезинформира јавноста дека училиштата ќе почнат да се подготвуваат да ги примат учениците на 18 мај.  Освен ова, во документот се наведува дека уредбата е донесена на владина седница на 27 април, ден кога воопшто не е одржана владина седница.


Датум и време на објавување: 28.4.2020

Датум на рецензија: 29.4.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Документот е лажно претставен како уредба со законска сила, којашто Владата во вонредна состојба има право да ја носи и има правно дејство како да е закон. Фалсификатот е направен многу уверливо со детали, цитирање членови од Устав, цитирање членови од „Службен весник“, а злоупотребени се и логото и името на Владата на Република Северна Македонија.

Документот со голема брзина се прошири во приватни пораки на „Вибер“, „Фејсбук“ и особено беше препраќан до родители што имаат деца на училишна возраст, со што тие беа дезинформирани. Во процесот на (не)препознавање на фаслификуваната уредба, треба да се земе и конкретниот временски контекст во кој се наоѓаме. Период кога Владата најави дека по првомајските празници ќе се почне со правење планови за враќање во нормала на сите животни процеси, иако, децидно се напоменуваше, дека нема конкретни датуми. Сепак, со оглед на тоа што овој лажен документ е пласиран во време кога постои можност на владина седница да се дискутира за враќање на децата во училиштата, постои голема веројантост на него да „наседнат“ поголема група луѓе.

Се задолжува Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија да изготви протоколи за безбедно продолжување на учебната 2019-2020 година и тоа од 18.5.2020 година. Мерките и активностите да бидат координирани со директорите на сите основни и средни училишта и да бидат во правец на преземање превентивни мерки за заштита од корона-вирусот, почитување на препораките на ИЈЗ по однос на превентивна заштита, воведување настава во три смени со цел постигнување социјална дистанца, преземање мерки за одржување хигиена во самите училишта, задолжително носење на заштитни маски на наставниот кадар и учениците, намалување на времетраењето на часовите од 45 на 30 минути, се вели во лажната уредба 

Ваквиот фалсификуван документ, за кој е наведено дека е уредба со законска сила, беше експресно демантиран од страна на првиот човек на Министерството за образование, Арбер Адеми, кој на својата фејсбук-страница го квалификува  документот како лажна вест.

До медиумите, пак, беше испратен следниот демант:

Министерството за образование и наука ја демантира информацијата Што денес е објавена во дел од медиумите за наводно усвоена Уредба од страна на владата со која основните и средните училишта продолжуваат со работа од 18 мај 2020 година. Информираме дека се работи за лажна информација и документ кој воопшто не е подготвен од страна на МОН и усвоен од Владата. Оваа тема не била предмет на дискусија на владините седници изминатите денови. За сите одлуки што институциите на системот координирано ги носат за време на вонредната состојба, јавноста е секогаш навремено информирана од страна на службата задолжена за односи со јавноста. Апелираме да не се креираат и шират лажни вести, бидејќи тоа не оди во прилог на заедничката заложба за справување со актуелната состојба и создава дополнителна вознемиреност кај граѓаните во овој исклучително тежок период за сите нас.

Опасноста од креирањето на ваквите документи е во тоа што голем број граѓани, родители, наставници ќе бидат погрешно информирани и ќе почнат планови за враќање на децата во училиштата.
Дали станува збор за пробен балон или за обид да се изврши притисок врз институциите на системот што побрзо да ги вратат процесите во нормала, не може да се тврди. Но, јасно е дека со тоа што се наведени огромен број специфични, ама сепак лажни детали, постигнат е „успех“ да се прелажат многумина. Бидејќи за обичниот читател, кој нема пракса да се јавува во институциите и да проверува детали околу секој можен објавен документ, е многу тешко да препознае дали станува збор за лажно соопштение или не.