Неодговорно ширење паника за можна граѓанска војна поради корона-вирусот!

[Рецензија: Планот на Бил Гејтс пропадна! Поради карантинот народите се креваат на протести]

Текстот освен што е полн со печатни и правописни грешки, исто така е тенденциозен, сензационалистички и неодговорно предизвикува паника. Во написот се изнесуваат еден куп непроверени и неточни информации, се шират теории на заговор и, најлошото од сè, е што се предизвикува страв.

Линк до оригиналниот напис: Планот на Бил Гејтс пропадна! Поради карантинот народите се креваат на протести

Датум и време на објавување: 20.4.2020

Датум на рецензија: 29.4.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Во текстот се тврди дека карантинот поради новиот корона-вирус е непотребен, но мора да се напомене дека во конкретниот случај „карантин“ не е соодветниот збор. Тука, најверојатно се мисли на ограничување на движењето и на полициски час, кога никој не смее да излезе од дома. Карантин е кога некој е заболен и мора да биде во целосна изолација од други луѓе за да не ги зарази.

На почетокот на текстот се вели дека планот на Бил Гејтс пропаднал, а не е јасно за каков план станува збор и зошто тој би имал каков било план поврзан со вирусот. А, и да имал некаков план, не е јасно како тој пропаднал.

 

ШИРЕЊЕ НЕВИСТИНИ

Според напишаното, најистакнати експерти предупредувале дека карантинот против короната не е ниту ефикасен ниту неопходен. Ова е целосна невистина. Прво не е наведено на кои експерти се мисли и како тие се најистакнати. Второ, епидемиолози и стручни лица во целиот свет и кај нас се усогласени дека мора да постојат превентивни мерки за спречување на ширењето на вирусот затоа што светот е далеку од вакцина.

Дел од мерките се ограничување на движењето на луѓето, забрани за групирање на повеќе лица, како и задолжително одржување дистанца од два метра со луѓе што не се дел од исто домаќинство. Секако како висок приоритет е и одржувањето лична хигиена, односно зачестено миење на рацете.

Светот беше сведок што се случи во Италија, а и во Шпанија и во САД, затоа што задоцнија со имплементирање на превентивните мерки, односно доцна го ограничија движењето на луѓето и вирусот масовно се прошири. Стотици илјади заболени и илјадници починати е исходот од пандемијата, која сè уште трае.

Во текстот тенденциозно се тврди дека народите се креваат на протести поради карантинот. Иако целиот свет е зафатен од вирусот и секаде има мерки, кои до одреден степен го ограничуваат нормалното движење и функционирање, сепак масовни протести не се забележуваат.

Исто така, се тврди дека во САД поради корона-вирусот, без работа останале 22 милиони луѓе што аплицирале за социјална помош, но во текстот нема извор на оваа информација, што значи дека е шпекулативна. Но, дури и да е точна, не значи дека овие 22 милиона луѓе протестираат или ќе протестираат. Секоја држава има предвидено пакет-мерки за луѓето економски погодени од епидемијата.

 

ТЕОРИИ НА ЗАГОВОР

Најпроблематично од целиот текст е тврдењето дека „ако не се укине карантинот, неминовни се протести, а некаде и граѓански војни“. Крајно неодговорно е да се заплашува јавноста и да се крева паника дека може да има граѓански војни и оти тоа го очекува Балканот, особено Србија и Македонија.

Истото го очекува и Балканот, особено во Србија и Македонија, ако нашите марионетски политичари не се разбудат, многу брзо ќе го почувствуваат гневот на народот.

Во време на епидемија на нов, непознат вирус, кога властите низ целиот свет можат само да преземаат мерки за спречување ширење на заразата, бидејќи не постои вакцина, вакви закани со гневот на народот и граѓански војни се многу опасни. Особено затоа што нема никаков доказ дека народот е гневен и спремен за граѓанска војна, туку само се прикажани протести во неколку земји кои што можат да се избројат на една рака.

Вакво ширење на теории на заговор, кои предизвикуваат страв кај луѓето и текстови што се закануваат со војни, се лажни вести од најлош вид. За сите аспекти од кризата со новиот вирус јавноста треба да се информира само од официјални извори, да не потпаѓа на теории на заговор колку и да изгледаат интересни и, особено, ако во нив недостасуваат извори на информациите и докази за понудените тврдења.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.