Скриншот од веста што се рецензира
Текстот што го рецензираме е пример за тоа како не треба да изгледа еден новинарски производ, особено кога станува збор за политичарите. Медиумите треба да бараат одговорност од носителите на политичките функции и институциите користејќи аргументи, а притоа треба да докажат користејќи видеа и документирани фотографии. Во овој текст нема аргументи. Во него нема факти, а целиот пристап е сосема погрешен и воопшто не е објективен.
Линк до оригиналниот напис: Граѓанин: Чаир продолжува да биде како Кандахар иако помина 1 година од „Договорот“ на Висар Ганиу
Датум и време на објавување: 11.10.2018
Датум на рецензија: 24.10.2018
Рецензент: Џенис Сулимани
Кога веста нема аргументи, на медиумот не може да му се верува
Текстот почнува со „Помина 1 година од нереализираниот ’Договор‘ на Висар Ганиу, Чаир како Кандахар!”. Освен фактот дека во првата реченица има јазични грешки, авторот не ја поддржува својата теза со ниту еден аргумент. Не постои документирана слика што би ја убедила јавноста и би ја прикажала реалната ситуација во однос на инфраструктурата. Читателот може да увиди дека во овој напис нема точни и целосни информации. Авторот не пишува подолго и суштински за ситуацијата во општината.
Јавноста има право да знае од каде доаѓа тврдењето дека општината наликува на град во Авганистан и оти сегашниот градоначалник не реализирал ниту една точка од своите изборни ветувања.
Проверете дали во текстот недостасува втората страна
Наместо да го искористи текстот за да ги наброи фактите со кои сака да нѐ убеди, авторот цитира граѓани што остануваат анонимни и кои зборуваат за работата на градоначалникот Висар Ганиу.
„Како што беше пред 365 дена, така останува и денес, срам за овие луѓе на власт“ – вели еден граѓанин од Чаир.
Ова, за нас, кои ја рецензираме веста, е аргумент дека авторот користи селективен пристап кога ги прикажува работите што не ги направил градоначалникот. Селективниот пристап е техника на манипулација, која обично се користи за да се издвои само еден аспект, кој му одговара на авторот.
Ситуацијата е уште полоша во ова писание, бидејќи жителите се анонимни. Во печатените медиуми не може да има анонимни жители, освен ако авторот не нагласи во текстот дека лицето тоа го побарало од него. На телевизија, каде што има слика, жителите можат да не се именуваат, но во печатените медиуми тоа е неприфатливо, бидејќи има можност изјавите да се измислат!
Дали има аргументи за да се истакнат жалбите на граѓаните?! На пример, слика од неисчистен парк, фотографија од лоша инфраструктура, видеа од ветувањата за кои се заложил градоначалникот дека ќе се исполнат за една година од владеењето итн.
Од друга страна, кога се известува за вакви случаи, новинарот е должен да ѝ даде можност да се искаже и на втората страна опфатена во написот. Во текстот не треба да недостасува ниту изјава од Висар Ганиу за обвиненијата, а уште помалку „Договорот“ – политичката програма на градоначалникот.
Доколку забележите вакви текстови, знајте дека не се вистински новинарски производ
Јавноста има право да биде информирано точно и објективно. Во овој текст нема аргументација, недостасува втората страна, недостасува „Договорот“… Читателот треба да има целосна информација за настаните и политичките збиднувања за да може да формира критичко мислење. За читателот да биде праведен гласач, потребни му се проверени и неселективни аргументи, кои не се користат за пропагандни цели. Медиумите треба да му помогнат на читателот. Буквите во новинарскиот производ треба да бидат придружени со факти, извори… Особено кога се разгледува одговорноста на политичарите и фаќањето за јавно кажаниот збор.