Наслов „истресен од ракав“

[Рецензија: ФОТО: Трагичната судбина на Дуња и Даела – пристигнаа во Скопје и останаа запрепастени]

 

Текстот што го рецензираме нема врска со насловот. Насловот е драматичен со цел да привлече што е можно повеќе кликови.

Линк до оригиналниот напис: ФОТО: Трагичната судбина на Дуња и Даела – пристигнаа во Скопје и останаа запрепастени

Датум и време на објавување: 29.9.2018

Датум на рецензирање: 9.10.2018

Рецензент: Ана Анастасовска

Скопската Зоолошка градина неодамна доби двајца нови жители, слониците Дуња и Даела, што предизвика огромно внимание во јавноста. Атракцијата со слониците ја искористија и голем дел од електронските медиуми со цел да привлечат што е можно повеќе кликови и читаност. Насловот на овој напис е типичен пример за драматичен наслов што привлекува. Но, текстот што следува нема никаква врска со него.

Денес во скопската Зоолошка градина пристигнаа слониците Дуња и Даела, кои предизвикаа огромно внимание кај посетителите и со часови беа под будно око.

На делот каде што се наоѓаа Даела и Дуња имаше огромен број луѓе, кои едвај чекаа да направат некоја селфи-фотографија, за брзо да ја споделат со своите пријатели на социјалните мрежи.

Текстот почнува со информација за слониците, за посетеноста на Зоолошката градина и интересот на луѓето да ги видат новите жители.

Дуња и Даела биле спасени од циркус во Германија, за подоцна да бидат пренесени во Белгија. Оттаму пристигнаа во Скопје, каде што по 1992 година повторно има слонови.

На крајот од текстот само е наведено дека слониците биле спасени од циркус од Германија и пренесени во Белгија. А, што е со трагичната судбина на слониците? Каде е приказната за нивната „трагична судбина“? Во текстот, освен што се спомнува дека биле спасени од циркус, друго нема.

Се поставува и прашањето од што слониците останале запрепастени во Скопје? И на тоа прашање нема одговор во написот, иако тоа е јасно наведено и нагласено во насловот.

Новинарскиот напис треба да има атрактивен наслов за да привлече читаност, но насловот треба да е изведен од текстот, а не „истересен од ракав“ само за да го привлече читателот, а да не му понуди одговори.