[Рецензија: Тројца возачи од ЈСП отпуштени затоа што го бојкотирале референдумот]
Текстот што е предмет на оваа рецензија не нуди доволно информации за јавноста. Имено, веста во написот не е проверена од повеќе страни, така што написот е едностран.
Линк до написот: Тројца возачи од ЈСП отпуштени затоа што го бојкотирале референдумот
Датум на објавување: 3.10.2018
Датум на рецензирање: 10.10.2018
Рецензент: Ана Анастасовска
Насловот на текстот за тројца возачи од ЈСП што биле избркани од работа затоа што го бојкотирале референдумот е многу дециден, што значи дека треба да има цврсти докази за изнесеното. Но, тоа не е случај во текстот.
„Лидер” екслузивно дознава дека тројца возачи од ЈСП се отпуштени затоа што го бојкотирале референдумот во неделата. Директорот на ЈСП упатувал телефонски повици до вработените во ЈСП, во кои тој директно им кажал дека имаат евиденција оти лицата не излегле на гласање и доколку не излезат веднаш, ќе им биде прекинат договорот за вработување со ЈСП. А тие што биле со договор на неопределно работно време ќе биле прераспределени од возачи во хигиничари, гумари и други слични позиции.
Уште на самиот почеток од текстот имаме директно посочување и обвинување на конкретно лице, директорот на ЈСП, иако неговото име не се спомнува. Тој се обвинува дека им се заканувал на вработените во ЈСП дека ако не излезеле на референдумот да гласаат, ќе биле избркани од работа или прераспределени.
Според неофицијалните информации во штабот на СДСМ во Сопиште, имало список со вработени по институции и на тој начин го информирале директорот на ЈСП. Три лица што биле под договор на дело на работно место возач, не ја послушале уцената од директорот и утрото на работа биле пречекани од одделението за човечки ресурси, каде што им било кажано дека повеќе немаат потреба од нив, иако овие лица повеќе од 3 години одговорно си ги извршувале своите работни обврски.
Од убедлив наслов и убедлив влез во текстот надолу се продолжува со „неофицијални информации“. Нешто што е неофицијално, значи дека не е сигурно, односно може да биде и невистинито. Токму затоа задача на новинарот кога ќе дојде до некоја информација, без оглед на тоа дали е официјална или неофицијална, е да ја провери од што е можно повеќе извори, со цел јавноста да биде запознаена со вистината. Во случајов, имаме обвинување насочено кон директорот на ЈСП дека им се закканувал на вработени и оти избркал тројца од нив.
Имаме еднострана информација што го убедува читателот, но не му ја нуди втората страна од приказната, со цел тој самиот да оцени што е вистина, а што не. Она што недостига во текстот е изјава од посочениот директор на ЈСП. Нема изјави ниту од наводно отпуштените вработени во јавното претпријатие, макар тие биле и анонимни.
Вака како што е пренесена веста, не „држи вода“. Читателот не може да биде сигурен во она што го чита.
Тука имаме класичен обид за политичка манипулација, односно обид за оцрнување на владејачката гарнитура.