Нема место за шпекулации кога станува збор за здравјето на луѓето

 

Текстот што го рецензираме објaвува дезинформации и шири паника кај граѓаните, информирајќи дека во водата во Берово и дел од Скопје се пронајдени честички од ураниум. Веста беше демантирана и од надлежна институција, која требало да биде контактирана за да се проверат изнесените лажни тврдења.

Линк до опригиналниот напис: ВАЖНА ВЕСТ: Во примероци од вода од Берово и дел од Скопје се пронајдени честички од ураниум?!

Датум и време на објавување: 29.9.2018

Датум на рецензиарање: 9.10.2018

Рецензент: Силвана Жежова

Во првиот дел од текстот, иако се тврди дека анализа на водата е направена во приватна лабораторија во Германија, нема ниту доказ за резултатите со кои би се потврдило присуството на ураниум, ниту се кажува името на лабораторијата. За приложените слики под микроскоп, кои наводно треба да го прикажат присуството на ураниум, исто така нема доказ дека се однесуваат на водата во Берово и Скопје и може да бидат преземени од каде било. Обичниот читател, исто така, не може да знае дека ураниум под микроскоп треба да изгледа токму така како на сликите, па не е јасно дали прикажаниот „главен доказ“ за присуство на ураниум во водата навистина е релевантен доказ.

Овие денови актуелна е веста со примероци вода земени од Берово и од Скопје за е направена анализа во приватна лабараторија, при што на сликите под микроскоп убаво се гледаат честичките од ураниум присутни во примероците на водата и јасно се гледа дека ги има во голема концентрација.

И во самиот текст се изразува сомнеж за вистинитоста на информациите за загаденоста на водата, иако насловот со самото потенцирање „ВАЖНА ВЕСТ“ упатува на тоа дека информацијата е точна, иако на крајот на насловот има прашалник. Новинарски текст има задача да даде одговор на поставено прашање, а не да прашува, да нема одговор и притоа да шири паника помеѓу граѓаните и дезинформации. Доколку веста стигнала во медиумот, требало да биде појдовна точка за да се истражи нејзината вистинитост и медиумот да побара одговор од надлежните институции. На оваа лажна вест имаше и реакција од Јавното претпријатие за комунални работи „Услуга” од Берово.

„Во врска со неодамнешниот напис, кој излезе на социјалните мрежи, за наводното присуство на честички ураниум во примероци вода од село Ратево, Преведена, чешма од Беровско Езеро и од дел од Скопје и вашата загриженост по тој повод, ЈПКР „Услуга” Берово, како најголем снабдувач со вода за пиење на територијата на Општина Берово во сорботка со Општина Берово, иако директно не е посочена, ги известува граѓаните дека водата што ја дистрибуира преку системот за водоснабдување е безбедна за пиење, според сите параметри, во согласност со Правилникот за безбедност на водата за пиење“, информираа тие.

Написот до крај не изнесува проврени информации, туку продолжува да се занимава со шпекулации од типот „што би било кога би било“:

Доколку станува збор за автентична и точна информација, ова е огромен скандал од страна на нашите надлежни институции и одговорност мора да понесат сите инволвирани.

Освен што изнесува непроверени информации, текстот шири паника помеѓу граѓаните и со информациите за зголемување на заболувањата од рак во беровскиот крај. Во однос на овие тврдења, повторно не се изнесени бројки од релевантни институции, преку кои ќе се потврди тврдењето. Загадената вода, секако, е причинител на здравствени проблеми кај луѓето и на појава на многу болести, но во текстот нема докази дека водата е загадена и тоа со ураниум и оти тој е причинител на зголемениот број заболени од рак.