Не е потврдено дека корона-вирусот е поопасен за ќелавите мажи

[Рецензија: Ќелавите мажи се изложени на ПОГОЛЕМА ОПАСНОСТ ОД КОРОНА-ВИРУСОТ ]

Сензационалистички напис кој тврди дека мажите што ја губат косата се изложени на поголема опасноста од корона-вирусот. Уште во самиот наслов, кој во вториот дел намерно е напишан со големи букви, за да привлече внимание, категорично се тврди дека корона-вирусот е опасен за ќелавите мажи. Но, во текстот не се понудени докази што можат да го потврдат ова.

Линк до оригиналниот напис: Ќелавите мажи се изложени на ПОГОЛЕМА ОПАСНОСТ ОД КОРОНАВИРУСОТ

Датум и време на објавување: 9.6.2020

Датум на рецензија: 14.6.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Со фразите како „научниците велат“, „експертите веруваат“, „група научници“, „според лекарите“ написот се обидува да звучи веродостојно, но нема податоци кои се тие научници, експерти и лекари и каде го велат ова што е напишано.

Не се цитирани и линкувани истражувањата што се направени на оваа тема, ниту има податоци дали овие истражувања се официјални или се работи за прелиминарни истражувања, кои допрва треба да се докажуваат.

Како единствен неанонимен извор е наведен Карлос Вембинер, професор на Универзитетот „Браун“ во САД, но ништо повеќе не е наведено за истражувањето што го спровел. Не се понудени дополнителни информации кои ќе помогнат да се разберат добиените наоди, ниту има информација за овој професор во смисла дали е меродавен и дали ги има потребните квалификации за да тврди вакво нешто.

Во објавите на светските медиуми на оваа тема, јасно е потенцирано дека истражувањето е прелиминарно и оти во истражувањето не била земена предвид возраста, којашто е ризик-фактор за губење на косата, но е и ризик-фактор за тешка форма на Ковид-19.

Кога се пренесува информација од некои почетни истражувања тоа треба да биде јасно и недвосмислено наведено во текстот, а не да се манипулира јавноста и оваа информација да се нуди како дефинитивна, точна и потврдена. Со тоа неосновано се предизвикува паника кај лицата што се соочуваат со овој проблем односно со губење на косата и можно опуштање кај тие што немаат таков проблем.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.