Загрижувачки повици на „Фејсбук“ против тестирањето за корона

[Рецензија: Повици на социјалните мрежи против тестирањето за Ковид-19]

На социјалната мрежа „Фејсбук“ – на лични профили на дел од учесниците на протестот што се одржа пред Владата, а кој беше најавен како ,,протест против 5Г, корона-вирусот, задолжителното вакцинирање…”, се шират загрижувачки повици, во кои населението се охрабрува да не се тестира за ковид-19, затоа што, наводно,  „пандемијата е лага, а податоците се користат за да се земат днк податоци за вашата крвна група и потребни органи”. Истовремено во овие објави се атакува врз Владата, па дури се сугерира нејзино апсење (!), па сето тоа се става во некаква рамка со убиени сатанисти во САД (!) и на крајот се добива една општа какофонија од дезинформации и лаги.

Датум и време на објавување: 12.6.2020

Датум на рецензија: 14.6.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

 

 

 

 

Ова не само што претставува сериозна закана во справувањето со корона-вирусот, туку е и флагрантно непочитување на здравствените работници и е контрапродуктивно во кампањата за едукација што ја спроведуваат здравствените власти. Ваквите објави се особено загрижувачки во ситуација кога дел од населението не верува во вирусот и смета дека е светски заговор, иако од него умираат луѓе, особено тие со коморбидитети и на возраст повисока од 60 години.

Воопшто не е точно тврдењето дека со тестирањето се земаат ДНК-податоци заради наводна потреба од органи?! Во оваа објава на „Фејсбук“ не се објаснува што точно се прави со наводните органи и зошто некому би му бил потребен корона-тест за да одреди крвна група, кога тоа, на пример, може да се одреди во процедурата за  возачка дозвола?! Ова тврдење е нелогично, па дури и смешно.

Апелот за одбивање корона-тестови е особено штетен и контрапродуктивен, зашто недијагностицираните носители на вирусот, особено ако се асимптоматски, може да живеат со вирусот, да го пренесуваат на другите, да одбиваат да се тестираат и никаде во здравствениот систем да не фигурираат како потврдени лица со корона-вирус, што ќе значи дека и нивните контакти нема да бидат детектирани.

Ваквите повици воообичаено се полни со неточни и медицински неиздржани информации, па како такви претставуваат закана за граѓаните, кои може да наседнат и да не ги земаат со резерва и потреба за проверка. Во време на пандемија тие се крајно опасни, може да придонесат некои граѓани да формираат лажна слика и да не се тестираат, верувајќи дека тоа е исправно.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.