Не е потврдено дека коронавирусот го има во Македонија од декември

[Рецензија: Ковид-19 постои од декември, едно од двете мртви тела пронајдени во стан во Велес позитивно на вирусот]

Телевизија Алсат на 10.04.2020 година излезе со бомбастична вест: „Ковид-19 постои од декември, едно од двете мртви тела пронајдени во стан во Велес позитивно на вирусот“. Ваквата прилично шпекулативна вест предизвика огромно внимание во Македонија.

Линк до оригиналниот напис: Ковид-19 постои од декември, едно од двете мртви тела пронајдени во стан во Велес позитивно на вирусот

Датум и време на објавување: 10.04.2020

Датум на рецензирање: 13.04.2020

Рецензент: Ана Анастасовска

Текстот што го рецензираме е спорен од неколку апсекти и отвара повеќеу дилеми. Еве зошто:

Првичната вест која беше објавена на Алсат М беше многу кратка и не содржеше конкретни информации. Но, веста, полна со шпекулации, тврдеше дека вирусот бил присутен во Македонија уште во декември. Таквите тврдења беа поткрепени исклучиво со изјави од соседите на починатите, дека последен пат ги виделе околу Нова година. Ама, ако некој последен пат бил виден во декември, не значи и дека починал тогаш.

Подоцна, во текот на денот, Алсат М ја дополни веста со изјави од соседите и со наводен извештај од обдукциски наод според кој велешаните починале на 6 јануари.

Па така, во текстот се вели:

Неофицијално се дознава дека извештајот на судската медицина наведува дека 79-годишната жена починала на 6 јануари. Ова е потврдено и од извештајот на судската медицина, до кој дојде АЛСАТ. Во него се наведува дека мртвите тела биле пронајдени на 6 април а дека сомневањата се дека смртта на 79-годишната настапила на  6ти јануари годинава. Основното јавно обвинителство соопшти  дека е завршена обдукцијата за двете лица, додека сега се очекува извештајот за токсиколошката обдукција. На соседите не им биле направени епидемиолошки истражувања.

Ова отвора неколку прашања:

  1. Дали е точно дека е утврдено времето на смртта на велешаните, бидејќи станува збор за неофицијални информации.
  2. Ако е точно дека тие починале уште во јануари, како е можно соседите да почувствувале миризба дури во април, зарем претхоно не им мирисало?
  3. Ако е точно дека кај мајката е утврдено присуство на коронавирус, како е можно вирусот да преживее во мртво тело толку долго?

Без одоговор на овие прашања, не може да се тврди дека коронавирусот е присутен во Македонија од декември. Тоа од новинарски апсект е неодговорно. Недозволиво е новинарот без претходно да ги провери сите информации, да шири шпекулации како вистина.

Инаку, истиот ден, министерот Венко Филипче на прес конференција, во врска со овој случај изјави дека е точно дека кај починатата велешанка било пронајдено присуство на коронавирус во дишното стебло, со што не ја исклучи можноста вирусот да бил присутен во Макеоднија многу порано од првиот детектиран случај на 26 февруари, но не прецизираше од кога.

Министерството за здравство, ден подоцна излезе со малку повнимателно соопштение,  за овој случај. Според Министерството, спортивно на тврдењето во текстот на Алсат М, обдукцијата на починатите од Велес сè уште не е завршена:

Резултатите од обдукцијата, кои ќе бидат готови во текот на следната  недела, треба да откријат во кој период таа починала. Информациите кои вчера ги пренесоа дел од медиумите дека биле починати повеќе од еден месец не се точни и се чекаат конечните анализи. Во истрагата на овој случај се вклучуваат експерти од судска медицина, МАНУ и тимот на епидемилозите од Институтот за јавно здравје. За случајот ќе биде известена и Светската здравствена организација која доколку има потреба ќе се вклучи со поддршка, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Епидемиологот од Институтот за јавно здравје Владимир Микиќ, на видеосесијата „ Се за коронаирусот“ која се одржа вчера (12.04.2020), рече дека е рано да се каже дали починатата велешанка била заразена со коронавирус и сè уште не е утврдено кога починале таа и син ѝ.

Во однос на точното време на смртта се уште на Институтот за судска медицина се работи на периодот кога може да настанала смртта така да не знаеме дали е три месеци или помалку. Не би шпекулирал со точен период кога е настаната смртта. Второ што е многу важно да се каже е дека со тестот се детектира генетски материјал. Не мора да значи дека тестот укажува дека постои жив вирус, едноставно е најдена нуклеинска киселина која што одговара на вирусот. Се уште е рано да се утврди со стопроцентна сигурност дали таа жена била навистина инфицирана или не, кога настанала смртта и кои се можните начини воопшто да дошол вирусот кај нејзе – рече епидемиологот Микиќ.

Написот  е премногу шпекулативен. Тврдењето дека коронавирусот е присутен во Македонија од декември е неиздржано и непоткрепено со факти. Начинот на кој е напишан и пласиран текстот е во спротивност со насоките дадени во Кодексот на новинарите, каде уште во Преамбулата и во првиот амандман е наведено дека:

  • основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината,
  • точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно,
  • а доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.  

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.