Оваа објава предизвикува емпатија кај корисниците на социјални мрежи, кои во голем број ја споделиле, иако станува збор за невистина. Трите фотографии немаат никаква меѓусебна поврзаност, ниту се на каков било начин поврзани со напишаното во објавата. Тие се снимени многу пред првиот локдаун во САД, кој беше воведен поради пандемијата со корона-вирусот
Фејсбук-пост од неколку реченици и три фотографии тврди дека војската на американскиот претседател Доналд Трамп при воена акција спасила деца. Оваа објава е невистинита.
21.7.2021
Трамповата војска ги спаси децата.
Користени за секакви намени.
8 000 000 секоја година.
Воена акција за време на 1 от ковид локдаун.2020
Притоа, за ова тврдење не се дадени подетални информации, нема извори на информациите, нема никакви релевантни податоци дека ова е точно, ниту има каков било дополнителен линк на којшто може да се прочита повеќе. Не се знае ни за кои деца се работи, ниту зошто се спасени, ниту каде се одржала акцијата, за која се вели дека била минатата година. Нема ниту едно официјално соопштение, ниту медиумско известување што може да потврди дека ваква акција воопшто се случила. Така што, објвата е паушална и не делува вистинито.
Како визуелна поткрепа на изнесеното тврдење, во прилог на постот се закачени три фотографии. Она што од самиот старт треба да е јасно е дека овие три фотографии немаат апсолутна никаква врска со напишаното на објавата и ниту една од нив не е снимена во 2020 година.
На првата фотографија се гледаат војници на Соединетите Американски Држави како носат гас-маски и стојат во тунел. Оваа фотографија е снимена пред шест години, во јули 2015 година. Станува збор за вежба за тестирање индивидуални вештини во базата на американската армија во Ујејонгбу, северно од Сеул, на 8 јули 2015 година. Фотографијата е сопственост на новинската агенција „Франс прес“.
Во фејсбук-објавата се тврди дека тоа е Трампова војска, што, исто така, не е точно. Фотографијата е снимена во 2015 година за време на мандатот на Барак Обама. Доналд Трамп стана претседател дури две години подоцна – во јанауари 2017 година.
На втората фотографија, која е прилично експлицитна и вознемирувачка, се гледа жена во валкан тунел покриен со решетка. Не станува збор за дете, ниту за некој што бил спасен при воена акција на војската на Трамп. Оваа фотографија во медиумите е објавена во 2016 година. Станува збор за 45-годишна жена од Кина со ментални болести, која била лошо и несоодветно згрижена од семејството и заклучена во тој подрум поради наводно насилно однесување. Фотографиите ги направил сосед и по нивното објавување жената била спасена од полицијата и сместена во психијатриска болница.
Третата фотографија, исто така, е вознемирувачка, бидејќи на неа се гледаат два кафеза во кои има дечиња. Пребарувањето на оваа фотографија на „Гугл“ не дава конкретни резултати за нејзината веродостојност, ниту има податоци кога е снимена и за што конкретно се работи. Но, она што може со сигурност да се потврди е дека не е снимена при воена акција на спасување деца од војската на Трамп во 2020 година. Ова фотографија се појавува во новинарски напис на кинески медиуми уште во 2017 година. Фотографијата е закачена на објава во која се известува за извештајот на Стејт депарментот на САД во кој се вели дека Кина е една од земјите што се најмногу вклучени со трговија со луѓе.
Објавата предизвикува емпатија кај корисниците на социјални мрежи, кои во голем број ја споделиле, иако станува збор за невистина. Трите фотографии немаат никаква меѓусебна поврзаност, ниту се како било поврзани со напишаното во објавата и се снимени многу пред првиот локдаун во САД, кој беше воведен поради пандемијата со корона-вирусот.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.