Во Општина Гази Баба ќе се гради прифатен центар за странци, но не станува збор за втoр центар, туку за замена на постојниот, руиниран објект со нов. Она што сигурно нема да се гради, тоа е некаков камп или нов прифатен центар, покрај постојниот, на територија на Скопје во Гази Баба. Истата дезинформација, инаку, во јавноста се ширеше и пред три години
Деновиве на социјалните мрежи повторно почна да се актуализира една стара дезинформација дека ќе се гради бегалски камп во Бардовци. Фејсбук-пост објавува „Следиме изградба на бегалски камп или центар за бездомници“ и притоа има закачено документ за градење Прифатен центар што во 2018 година протече на социјалните мрежи.
Ваквата информација „Вистиномер“ ја дебанкира уште во 2018 година. Нашата проверка тогаш покажа дека нов објект за прифаќање странци ќе се гради, но тоа не значи и нов, втoр центар, туку станува збор за замена на постојниот, руиниран во Општина Гази Баба.
Министерството за внатрешни работи ги отфрла инсинуациите и шпекулациите во јавноста за градење бегалски кампови во Република Македонија. Со цел вистинито информирање на јавноста, укажуваме дека во Република Македонија, согласно законската регулатива, функционира прифатен центар за странци „Скопје“ во Гази Баба уште од 2005 година. Потенцираме дека во претстојниот период ќе се гради само нов објект за овој, постоен прифатен центар, Средствата се обезбедени од ЕУ, преку ИПА 2016 програмата „Миграции и азил, гранично управување и борба против тероризмот и организираниот криминал, изјавија од МВР за „Вистиномер“ на 3.7.2018 година.
На истата тема тогаш пишуваше и „Призма“. Од МВР во изјава за „Призма“ објаснија дека Прифатниот центар сместен во Гази Баба е целосно некомпатибилен за намената и поради тоа ќе се гради нов како замена за постојниот.
Во претходните години, иако повеќепати беа реализирани градежни зафати за подобрување на условите за сместување, овој објект и понатаму не може да одговори на потребите за обезбедување на неопходните стандарди за сместување странци, особено за ранливите категории на лица – жени, деца, лица со посебни потреби, стои во одговорот на МВР за „Призма“.
Оваа вест деновиве повторно стана актуелна откако телевизија „Алфа“ објави дека во Бардовци почнал да се гради центар за мигранти. Веста на „Алфа“ сега е тргната, откако МВР демантира и реагира дека „доколу веста не е повлечена, МВР ќе ги преземе сите расположиви правни мерки“.
Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира лагите објавени од телевизија „Алфа“ дека нашата држава, односно МВР ќе гради камп за мигранти во скопската населба Бардовци и бараме демантот да биде објавен, а лажната вест повлечена. Медиумите, вклучително и вашиот медиум, досега многупати беа известени со прецизни информации околу градбата, а вашиот медиум ја пласира истата лага за да го вознемири населението. Потенцираме дека Република Северна Македонија ниту има ниту гради камп за мигранти. Функционираат транзитните центри во Гевгелија и Табановце, но тие се транзитни центри, а никако центри во кои би останале подолго мигранти и тоа јасно се гледа од досегашното функционирање. Прифатни центри за странци има во секоја држава и апсолутно немаат врска со мигрантите, како што сака да прикаже вашиот медиум. Ваков центар со години имаме и ние како држава и е лоциран во Гази Баба, Скопје, но условите во него се многу лоши и токму поради тоа се гради нов објект. Значи не се гради нов центар туку нов објект за веќе постојниот центар. Бараме од вашиот медиум целосно повлекување на дезинформацијата и извинување на граѓаните. Доколу веста не е повлечена, МВР ќе ги преземе сите расположиви правни мерки, стои во реакцијата на МВР до ТЕЛЕВИЗИЈА „Алфа“ .
Според сево ова, може да се заклучи дека ќе се гради прифатен центар за странци, но станува збор само за нов објект на постојниот прифатен центар. Она што сигурно нема да се гради, тоа е некаков камп за нови мигранти или нов прифатен центар, покрај постојниот, на територија на Скопје во Гази Баба.
Онлајн ресурсниот центар за медиумска писменост и критичко мислење „Критинк“ служи како јавна архива на едукативни и информативни содржини објавени од „Метаморфозис“ и од други проекти и организации, особено за членките на Мрежата за медиумска писменост. Овој напис е првобитно објавен од сервисот за проверка на факти „Вистиномер“ и е преземен со дозвола на издавачот под условите на лиценцата Криејтив комонс–наведи извор-без изведени дела.